Женската цена на машкото задоволство

Текстот е на Лили Луфбороу и е првенствено објавен на 25.01.2018 на theweek.com

Светот е вознемирувачки помирен со фактот што за жените сексуалната средба завршува во солзи.

Кога Babe.net објави еден напис на жена под псевдоним за нејзината тегобна средба со Азиз Ансари која завршила со нејзино плачење, интернетот експлодира со критики, тврдејќи дека движењето #MeToo конечно отиде предалеку. „Грејс“, 23-годишната жена, не била вработена кај Ансари, што значи дека помеѓу двајцата немало работна динамика.. Нејзините постојани приговори и молби за  „да забават“ се во ред, но тие не соодветствуваат со фактот дека на крајот таа орално го задоволила Ансари. Конечно, слободно можела да замине.

Зошто не излезгла од таму веднаш штом се почувствувала непријатно? Многу луѓе, експлицитно или имплицитно, го поставија ова прашање.

Тоа е комплексно прашање, со многу можни одговори. Но, ако прашувате со добра волја, ако навистина сакате да размислите зошто некоја можела да изреагира така како што таа изреагирала, најважното е ова: Жените се културно индоктринирани да се чувствуваат непријатно поголемиот дел од времето. И да ја игнорираат нивната непријатност.

Ова е толку длабоко вкоренето во нашето општество, што се чувствувам како да забораваме дека е таму. Ќе го цитирам Дејвид Фостер Валас – ова е водата во која пливаме.

**

Случајот со Азиз Ансари погоди нерв, бидејќи, како што долго време се плашев, ние сме задоволни со движењата како #MeToo се додека мажите за кои станува збор се апсолутни чудовишта кои лесно можеме да ги одделиме од чопорот. Откако ќе поминеме преку аргументот дека „тоа се само неколку расипани јаболка“ и почнеме да се сомневаме дека ова е повеќе правило отколку исклучок, нашиот инстинкт е да нормализираме. Да инсистираме дека едноставно мажите се такви и тоа е сексот.

Ова е она што Ендрју Саливен во основа го предложи во неговата најнова, изненадувачки ненаучна колумна. #MeToo отиде предалеку, одбивајќи да се соочи со биолошките реалности на машкоста. Феминизмот, вели тој, одби да им го даде на мажите она што им следува и ја занемари улогата што „природата“ мора да ја игра во овие дискусии. Дами, пишува тој, ако продолжувате да ја негирате биологијата, ќе ги натерате мажите да реагираат, да се бранат и да „го возвратат ударот“.

Ова е тотално празно. Не само што Саливен е зачудувачки збунет за природата и за нејзините реалитети, како што Колин Дики забележува во ова поучно писание на Твитер, тој исто така и досадно конвенционален. Саливен тврди дека дошол до „разбирање на чистата и неизмерна природна разлика меѓу тоа да се биде маж и да се биде жена“ благодарение на инјекцијата со тестостерон што ја добил. Односно, тој ја сведува машкоста на инјектиран хормон, без притоа да се помачи да ја замисли женственоста воопшто. Ако сакате сублимат на типовите на мисла што го направија # MeToo потребно, тоа се овие. Саливен, тој надежен контраш, е крајно репрезентативен.

Вистинскиот проблем не е дека ние – како култура – недоволно ја разгледуваме биолошката реалност на мажите. Проблемот е, всушност, дека нивната е буквално единствената биолошка реалност што некогаш сме се помачиле да ја разгледаме.

Па ајде вистински да разговараме за телата. За промена, да ги земеме телата и фактите за сексот сериозно. И ајде да им дозволиме на некои жени да се вратат назад во равенката, може? Затоа што ако романтизираме и поетизираме за задоволството на мажите, подобро е да бидеме подготвени да зборуваме за неговата тајна, непријатна, сеприсутна сестра: женската болка.

Истражувањата покажуваат дека 30 проценти од жените изјавиле дека чувствуваат болка за време на вагиналниот секс, 72 проценти пријавуваат болка за време на аналниот секс, а „во големи пропорции“ не им кажуваат на своите партнери кога чувствуваат болки при секс.

Ова е важно, бидејќи никаде не е поочигледен недостатокот на пракса во размислувањето за не-машките биолошки реалности отколку кога зборуваме за „лошиот секс“. Без разлика на сите повици за понијансирана дискусија за тоа што претставува а што не претставува вознемирување или напад, се уште сум вчудоневидена од уништувачкиот потенцијал на таа фраза – конкретно, претпоставката дека „лошиот секс“ значи исто за мажите кои имаат секс со жени, како и за жените кои што имаат секс со мажи.

Студиите за ова проблематика се малку. Еден обичен преглед на форуми каде што луѓето разговараат за „лошиот секс“ ќе покаже дека мажите имаат тенденција да го користат терминот за да опишат пасивен партнер или здодевно искуство. (Еве една многу ненаучна анкета што ја спроведов на Твитер, која го заклучи токму тоа). Но, кога повеќето жени зборуваат за „лошиот секс“, тие често мислат на принуда или емоционална непријатност или, уште почесто, физичка болка. Деби Хербеник, професорка на катедрата за јавно здравство при универзитот во Индијана и еден од водечките гласови зад Националното истражување за сексуалното здравје и однесување, го потврди ова. „Кога станува збор за „добар секс“, за жените честопати тоа значи секс без болка, за мажите често значи дека имале оргазам “.

Што се однесува до лошиот секс, професорката на Универзитетот во Мичиген, Сара Меклиланд, уште една од малкуте научници кои направиле исцрпни истражувања за ова прашање, во текот на нејзиното истражување открие дека младите мажи и жени го рангираат сексуалното задоволување различно – „мажите и жените замислувале многу различен долен праг на сексуално задоволство “.

   Додека жените го замислуваа долниот праг со потенцијал за екстремно негативни чувства и потенцијал за болка, мажите го замислуваа долниот праг со потенцијал за помалку задоволувачки сексуални резултати, но никогаш не замислуваа болни или резултати штетни за нив самите. [Интимна правда: Сексуално задоволство кај младите]

Откако ќе апсорбирате колку е ова ужасно, можно е разумно да заклучите дека нашите сфаќања за сексуалните напади и вознемирувања се непрецизни, бидејќи мажите и жените имаат сосема различни рангирачки скали. 8-ка на машката скалаза „лош секс“ е како 1-ца на женската. Оваа тенденција на мажите и жените да го користат истиот термин – лош секс – за да опишат искуства кои објективниот набљудувач би ги карактеризирал како многу различни е темната страна на познатиот психолошки феномен наречен “релативна лишеност”, со кој обесправените групи, обучени за да очекуваат малку, имаат тенденција, парадоксално,  да ги пријават истите нивоа на задовололување како и нивните подобро третирани, попривилегирани современици.

Ова е една од причините поради кои обидот на Саливен да го натурализира статус квото е толку штетен.

Кога една жена вели дека „ и е непријатно“ и ја напушта сексуалната средба во солзи, тогаш, можеби таа не е нежен цвет без толеранција за непријатност. И можеби би можеле да да размислиме малку повнимателно за биолошките реалности со кои се соочуваат многу жени, бидејќи за жал, болниот секс не е исклучокот од правилото како што сакаме да сметаме дека е. Тој е прилично честа појава.

При разгледувањето на предлогот на Саливен, можеме, привремено, како мисловен експеримент, да прифатиме дека биологијата – или „природата“ – коегзистира со историјата и понекогаш ги репродуцира искривените предрасуди на своето време.

Ова секако важи за медицината. Уште во 17 век, конвенционалната мудрост била дека жените се оние со неконтролирани и недисциплирани сексуални апетити. Затоа што работите се промениле не значи дека тие се нужно подобри. Денес, еден маж може да излезе од канцеларијата на својот лекар со рецепт за Виагра врз основа на минимална усна себе-дијагноза, но на една жена, во просек и требаат, 9,28 години страдање пред да и се дијагностицира ендометриоза, состојба предизвикана од ендометријалното ткиво кое расте надвор од матката. Дотогаш, многу жени ќе осетат дека не само сексот, туку  секојдневното постоење им станало ужасен предизвик. Ако сакате чистата биолошка реалност, еве ви ја.

Или, бидејќи, ете, сексот ни е предмет на дискусија тука, што е со тоа како научната заедница на нашето општество ја третира женската диспареунија – тешката физичка болка што некои жени ја искусуваат за време на сексот – наспроти еректилната дисфункција (која, иаку несереќна, не е болна) PubMed има 393 клинички испитувања кои ја проучуваат диспареунијата. Вагинизмус? 10. Вулводинија? 43.

Еректилна дисфункција? 1,954.

Да, точно е: PubMed има речиси пет пати повеќе клинички испитувања за машкото сексуално задоволство, отколку што има за женската сексуална болка. И зошто? Бидејќи живееме во култура која гледа на женската болка како нешто нормално а на машко задоволство како право.

Оваa бизарна сексуална миопија толку структуира во нашата култура што е тешко да се измери степенот до кој нашата визија за нештата е кусогледа.

Земете како нашиот здравствен систем ги компензира лекарите за машки и женски операции: Од 2015 година, операциите специфични за мажите се уште беа надоместувани со стапки за 27,67 проценти повисоки за машки-специфични процедури отколку за женските. (Како резултат на тоа: Погодете кој ги добива најдобрите лекари?) Или размислете колку често и рутински жените се патронизирани или игнорирани од сопствените лекари.

Сепак, еве директен цитат од научна статија за тоа како (спротивно од нивната репутација за жалење и избегнување на непријатност), жените се загрижувачки издржливи: “Секој кој редовно се соочува со случајна диспареунија знае дека жените се склони да продолжат со сексуалниот чин, доколку е потребно, дури и со цврсто стегнати заби.”

Ако си се запрашавте зошто „Грејс“ не го напуштила станот на Ансари штом се почувствувала „непријатно“, треба да си го поставите истото прашање тука. Ако сексот боли, зошто жените не го прекинуваат? Зошто се случува ова? Зошто жените издржуваат ужасна болка за да бидат сигурни дека мажите ќе доживеат оргазам?

Одговорот не може да се одвои од нашата актуелна дискусија за тоа како жените се рутински малтретирани, злоупотребувани и отпуштани затоа што мажите сакале да имаат ерекција на работното место. Едноставно, зашеметувачки е дека Саливен смета дека недоволно ја разгледуваме биолошката реалност на мажите кога нашето целото општество се согласило да се организира околу преокупацијата со оргазамот на стрејт мажот. Овој стремеж ужива тотална културна централност – со несреќни последици за нашето разбирање на телата, задоволството и болката.

По барањето на Саливен, јас зборувам за биологија. Зборувам, конкретно, за физичките дразби за кои повеќето жени се научени да ги игнорираат во нивната потрага по сексуално задоволство.

Жените постојано и посебно се обучуваат да ја игнорираат или да не им обрнуваат внимание на нивната телесна непријатност, особено ако сакаат да бидат сексуално „забележливи“. Дали имате забележано како жените „би требало“ да се претстават себеси како сексуално привлечни? Високи потпетици? Градници? Мидер? Овие работи се дизајнирани да ги  заробат телата. Мажите можат да бидат привлечни во удобна облека. Тие одат во чевли кои не ја стеснуват нивната Ахилова тетива. Тие не треба да ги искубат влакната од нивните гениталии или да се боцкаат со игли на лицето за да бидат перцепирани како „конвенционално“ атрактивни. Тие можат – исто како што можат жените – да се откажат од сето ова, но основните очекувања се едноставно различни, и е смешно да се преправаме дека не се.

Старата имплицирана општествена спогодба помеѓу жените и мажите (која Ендрју Саливен ја нарекува „природна“) е дека едната страна ќе издржува голема непријатност и болка за задоволството и уживањето на другиот. И сите сме согласни да се однесуваме како ова да е нормално, и дека така функционира светот. Затоа е радикално тоа што Френсис Мекдорманд немаше шминка на Златниот глобус. Ова е причината зошто беше трансформативнo кога Џејн Фонда објави слика oд себеси каде што изгледа исцрпена веднаш до слика на која изгледа гламурозно. Ова не е само исцрпувачки начин да се живее; тоа е исто така начин на размислување што е прилично тешко да се размести.

Да бидам јасна, во моментов воопшто не се ни противам на нашите апсурдни стандарди за убавина. Мојата единствена цел тука е да истражам како културното моделирање што го добиваат жените може да ни помогне да ги разбереме постапките на „Грејс“.

Од жените се очекува да перформираат дека чувствуаат удобност и задоволство под услови во кои вистинска удобност е речиси невозможна. Следниот пат кога ќе видите како некоја жена слатко се смее во тесен и разголен фустан во кој може да ја собере само ако не јаде и не пие со часови, знаете дека  а) сте сведок на макотрпната вештина на одличен илузионист што успева да глуми до бескрај и б) дека сте биле обучени да гледате на таа извонредна изведба, достојна за Оскар, како на нешто рутинско и нормално.

Сега размислете на што може таа иста обука да се сведе во сексуални контексти.

Зошто, мажите се прашуваат, жените глумат оргазам? Па тоа е толку контрапродуктивно? Ова е точно! Контрапродуктивно е. Тоа значи дека вреди да се размислува многу внимателно зошто толку многу луѓе би можеле да прават нешто што се чини сосема спротивно на нивниот личен интерес. Жените се дотеруваат и одат на состаноци делумно затоа што имаат либидо и се надеваат дека ќе добијат сексуално задоволство. Зошто, кога конечно моментот на задоволство ќе дојде, зошто се откажуваат и го глумат?

Ретроградниот одговор (оној кој го игнорира фактот дека жените имаат либидо) е дека жените тргуваат со позиции во сексот што не ги сакаат во замена за позиции во општеството што ги сакаат. На нив не им е важно задоволството.

Но постојат и други одговори. Можеби, на пример, жените лажираат оргазми, бидејќи тие се надевале на некое задоволство за себе. Ако сфатат дека нема да го добијат, се префрлаат на нивната обука. Биле научени  а) да толерираат непријатност и б) некако да најдат задоволство во она на другата страна ако општествените услови го бараат тоа.

Ова е особено точно кога се работи за секс. Глумењето на оргазам постигнува голем број различни работи: Може да го поттикне мажот да сврши, што значи дека болката (ако ја имате) конечно може да престане. Може да направи тој да се чувствува добро и да ги поштеди неговите чувства. Ако да се биде добар љубовник значи да ја задоволите другата личност, тогаш сте се истакнале и на тој фронт. Целосна победа.

Ние сме толку слепи за болката како една голема дупка што недостига во нашите дискусии за сексуалноста, што епопејата на ABC News од 2004 година „Американската анкета за сексуалноста”, која вклучува неверојатни 67 прашања, никогаш не ја ни спомнува. Таа дури не се појавува како можна причина за глумење оргазам:

Ова покажува колку науката, вклучително и општествената науча е лоша кога се работи за сексот. Отфрлајќи ги болките и непријатностите што жените редовно ги трпат во сексуални контексти, дури и нашите студии на крај се сведуваат  на раскажување како тие се непознати и произволни суштества кои (поради некоја причина) „не се расположени“ или го прекинуваат сексот, бидејќи „така сакаат”.

Но не се работи само за сексот. Еден од најчестите кoмплименти што девојките го добиваат најмногу како деца е дека тие се убави; следствено, тие учат дека многу од нивната општествена вредност се состои во тоа колку другите уживаат да ги гледаат. Научени се да уживаат во задоволството кое нивниот изглед им го дава на другите луѓе. Всушност, ова е главниот начин на кој ние добиваме општествени придобивки..

Исто така, жените учат да бидат добри домаќинки. Да ги потчинат своите желби на желбите на другите. Да избегнуваат конфронтација. На секој чекор, жените се учат дека начинот на кој некој реагира на нив e поважен за да ја утврдат сопствената вредност, отколку било што што самите можат да почувствуваат.

Еден од несаканите ефекти од тоа што го учиме едниот род да го врзе своето задоволство со она на другата страна (и да издржи многу непријатност во процесот) е тоа што тие ќе бидат лоши аналитичари на нивната сопствена нелагодност,  која упорно се учени да ја игнорираат.

Во светот каде што жените се еднакви партнери во сексуалното задоволство, секако има смисла да се очекува дека жената ќе си замине во истиот момент кога ќе и се направи нешто што не ѝ се допаѓа.

Но тоа не е светот во кој живееме.

Во реалниот свет, првата лекција што една типична жена ја учи за тоа што да очекува од сексот е дека губењето на нејзината невиност ќе боли. Таа треба да ги стисне забите и да издржи. Размислете како тоа иницирање во сексот може да ја извитопери вашата способност да препознаете “физичка непријатност” како нешто што не би требало да се случува. Кога сексуалниот однос продолжува да боли долго откако невиноста е изгубена, како што беше случај со многу мои пријателки, многу жени претпоставуваат дека проблемот е во нив. И, добро, ако од вас се очекуваше да стиснете забите и да издржите  првиот пат, тогаш зошто не и вториот? Во кој момент сексот магично се преобразува од нешто во кое треба да издржиш кога некој ти прави нешто што не ти се допаѓа – но не заборавај: сите се согласуваат дека треба да го толерираш – до заемно пријатното искуство кое сите други го сметаат?

Ние немаме баш јазик за таа неверојатно комплицирана транзиција, бидејќи не размислуваме за биолошките реалности на сексот од женска страна.

Жените поминале децении учтиво игнорирајќи ја сопствената непријатност и болка за да им дадат на мажите максимално задоволство. Тие храбро трагале по љубов и сексуално исполнување и покрај кинењето, крварењето и другите симптоми на “лошиот секс”. Работеле во индустрии каде што нивната објективизација и вознемирувањето се нормализирани, и ја барале љубовта и сексуалното задоволување и покрај болните услови што никој, а особено не нивните лекари, не ги сфаќал сериозно. Во меѓувреме, родот за кој лошиот секс понекогаш значи дека оргазмот ќе ви биде малку досаден, родот чии сексуални потреби медицинската заедница брза да ги исполни, родот што се шета наоколу во рајот подготвен за неговите очи, со цело општество уредено за да се максимизира неговото естетско и сексуално задоволство – тој род, кој се вчудоневидува на откровението дека жените не секогаш се чувствуваат толку добро како што биле под притисок да се преправаат, и дека би ценеле да се фрли око на прашањето – им кажува на жените дека се преосетливи и претеруваат во нивните реакции? Биолошките реалности на мажите се тие што се недоволно ценети?

Би сакала да живееме во свет кој ги охрабрува жените да ги слушаат сигналите за болка во нивните тела, наместо да продолжуваат да издржуваат како шампиони. Би било многу добро кога жените (и мажите) би биле учени да ја сметаат женската болка за абнормална; уште подобро ако ја разбереме непријатноста на жената како доволна причина за да се прекине машкото задоволство

Но, тие не се лекциите на кои општеството не учи – не, дури ни на „привилегираните“ миленијалци. Запомнете: Сексот е секогаш чекор зад општествениот напредок во другите области поради неговата интимност. Да се зборува за деталите е тешко, и добро е што конечно почнуваме. Но, следниот пат кога сме склони да се запрашаме зошто жената веднаш не ја забележела и не ја решила својата непријатност, може и да се запрашаме зошто ги поминавме претходните децении учејќи ја како да ги потисне сигналите за кои сега ја обвинуваме дека не ги признава.

Превод: Ѓорги Пулевски