При одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, неопходно е да се споменат и оние жени кои покрај родовата нееднаквост се соочуваат и со воени и други видови насилства. Нашата активистка Габриела Андреевска, која од мај е активно вклучена во работата со бегалците, за Ал Џезира опишува дел од нејзиното искуство:

Хаја ми даде сила да се вратам на железничката станица следниот ден. И тој по него. И сите наредните денови… Запознав многу Хаи со слични судбини, кои патуваа само со децата, без нивните сопрузи. Многу од нив беа подготвени да бидат фотографирани и да проговорат; да викнат, да се чуе нивниот глас. Како и денес, илјадници пати бев прашана „каде се жените? Каде се децата? Зошто гледаме само млади, работоспособни мажи?“

Жените и децата се таму. Беа таму напролет, кога Хаја и нејзините деца храбро пешачеа 170 км низ земјата. Беа таму во јуни, кога транспортот за нив беше нелегален и жените бегалки кои можеа да си дозволат велосипеди, во мојот град учеа како да возат, за потоа со бебињата во велосипедските кошници да ја преминат Македонија. Беа таму летоска, кога една Авганистанка ми ја грабна раката, врескајќи на сиот глас „Ахмед! Ахмед!“, барајќи го 8-годишниот син.

Беа таму за Нова година, кога ја спријателив со Шајма од Сирија, која тргнала на ова опасно патување сама, во надеж дека ќе ги најде своите синови во Германија. Беа таму кога Назифе организираше малечка прослава за една од Авганистанките која се породи само неколку часа откако пристигна во кампот во Гевгелија. Беа таму кога мојата пријателка Елма топеше бисквити во чајот за да ја храни старицата која не можеше да џвака.

Беа таму во ноември, кога стававме пластични ќесиња на главите на децата бегалци за да ги заштитиме од поројниот дожд, во недостаток на засолниште во кампот. Таму се секојпат кога ставаме нараквици на малечките, измрзнати прстиња на дете бегалец кое пристигнало во нашите кампови. Таму се секогаш кога облекуваме чевли на нивните мали, збрчкани од студ нозе…

Жените и децата сочинуваат 50 отсто од сите бегалците кои пристигнаат во Европа по воден пат во 2015 година. Вистинското прашање не е „каде се жените и децата?“ туку „зошто не сакаме да ги видиме?“.

 

Целата статија е достапна овде.