Одлуката на вршителот на должност Претседател на Република Македонија да ги аболицира, помилува, што ли веќе сакал да каже, сите во моментов и во иднина кривично гонети политичари е најгрубо укинување на правниот поредок во државата. Овој најнов изблик на самоволие го потврдува сознанието дека демократскиот систем е под јарем на една моќничка клика, која под превезот на партиско организирање, под превезот на борба за национални интереси е подготвена и способна да згази сѐ пред себе што не и се повинува слепо и понизно. Изборните притисоци и манипулации, разните притисоци и уцени кои ги сведочиме потврдуваат дека е поништен и демократскиот поредок. Узурпирана е власта, окупирани се сите институции и со помош на поданичките пропагандни медиуми се воспоставува де факто еднопартиски режим. Укината е Републиката!

Нужно е да се избориме за враќање на правниот поредок, за воспоставување демократски политички систем во кој ниту една партија во иднина не ќе може на ваков груб и силеџиски начин да ги укинува, менува, изигрува законите и целиот правен поредок само заради тесни партиски и лични интереси. Мораме самите да се избориме за својата земја да ја оттргнеме од канџите на режимот. Не постои таква сила која може да ни го врати одземеното, ако тоа не го направиме самите ние, граѓанките и граѓаните на оваа земја. Студентската побуна и граѓанските пролетни протести ни ја вратија надежта дека можеме здружени да го подзастанеме режимското изживување врз демократските принципи на републиката.

Времињата се тешки, но не се црни!

Ова се радосни времиња, времиња на раѓање на републиката во Македонија!

Републиката ќе се роди од нашата сложна борба за правда!

Републиката ќе се роди од нашите заложби за мир и взаемна почит!

Републиката ќе се роди кога ќе ги избркаме узурпаторите на нашите институции и кога ќе се вклучиме во управувањето со својата земја.

Се придружуваме кон прогласот на движењето #Протестирам и ги повикуваме сите граѓани активно да се вклучат во протестите, да се ангажираат во организирање отворени пленумски дискусии на кои ќе дебатираме за иднината на оваа земја, за општество во кое со достоинство ќе ги организираме нашите животи и во чија изградба ќе се вклучиме сите ние рамноправно со почит за сите јазични, верски, социјални, сексуални, припадности и права.

Излезете да им покажеме дека не сме гласачка маса која им обезбедува легитимитет. Легимитетот го загубија. Наше е да си го вратиме! Суверенитетот на оваа земја ни припаѓа нам, на граѓаните! Дојдете да се дружиме и да разговараме, да дебатираме и да се расправаме и да ја обновиме Републиката!
Републиката не е нивна и нема да им ја дадеме! Републиката сме ние!