Левичарското движење „Солидарност“ со загриженост ги следи случувањата во здравството кои кулминираа со завчерашниот обид за убиство во Клиничкиот центар во Скопје. Иако ги разбираме гневот и болката на пациентите и нивните семејства, ја осудуваме употребата на насилство насочено кон здравствените работници. Притоа, потсетуваме: виновни за оваа ситуација се оние кои со години го уништуваат системот на јавното здравство!

Пукањето во Клиничкиот центар на 9 ноември не е изолиран инцидент и неговите корени се системски. Тој е кулминација и директен производ на реториката која ја наметнаа политичките елити, чии жртви се и пациентите, и здравствените работници. Во македонските болници нема ред и поредок, здравствените работници се ниско платени, експлоатирани и понижувани, нема доволно медицински персонал, а за сметка на тоа се вработуваат партиски послушници од друг помошен персонал, нема современа опрема ниту доволно лекови, а за раководењето на установите, вклучително и за итноста на случаите, често одлучуваат партиските врски. Многу од пациентите кои доаѓаат во здравствените установи се соочуваат со бројни опструкции при добивањето на здравствена услуга, но не по вина на медицинските работници, туку поради бирократизацијата на системот. Одењето во болница, впрочем, за граѓаните кои живеат во Македонија честопати наликува на хорор филм, а не на користење здравствена услуга која им следува.

Лошите реформи во јавното здравство кои ја доживеаа кулминацијата за време на владеењето на Никола Груевски и неговите министри, од кои последен е Никола Тодоров, чинат неброени животи. Тие, одбивајќи да понесат одговорност, постојано ја префрлаат вината на здравствените работници, често и со нивно јавно шиканирање. Тие се и виновни што дел од жртвите на здравстениот систем својот гнев го насочуваат кон здравствените работници. Токму затоа, како организација обединета околу одбраната и унапредувањето на работничките права, ги повикуваме и охрабруваме здравствените работници решително да се спротивстават на лошите реформи, лошото владеење во јавното здраство, и политичките елити кои ги злоупотребуваат.

Во периодот кој следи прва и итна цел е отстранувањето на некомпетентниот министер за здравство Никола Тодоров, за што е потребно меѓусебно солидаризирање и обединување на здравствените работници, пациентите и сите прогресивни сили во општеството. Понатаму, целта мора да биде приоретизирање на адекватни здравствени реформи кои нема да се фокусираат само на правниот аспект и хиперрегулација на здравствената политика како досега, туку и на социополитичкиот и хуманиот аспект. Функционален и праведен здравствен систем е исклучително важен дел на социјалната држава, кој мора да овозможи правото на живот да не биде сведено на привилегија на неколкумина!

cropped-header631