ImageВо оваа земја работничките права, правата на човекот-работник, не се на некоја цена. Човекот-работник во оваа земја се третира како потрошна стока, неговите права постојано се намалуваат преку донесување измени на законите и масовно се прекршуваат оние негови права што (сѐ уште) фигурираат во законите. Во името на апстрактните идеолошки постулати, како фамозната флексибилност на пазарот на трудот, се обесправува работникот и се обезвреднува неговиот труд, а тоа, наспроти тврдењата на владејачката неолибералистичка идеологија, не донесува економски развој. Единствено само класните разлики се зголемуваат.

Доаѓа уште еден Први мај. Тоа е, меѓу другото, и можност да се сумира состојбата со работничките права во нашата земја во периодот од Први мај минатата година до денес. Оние што ќе го направат тоа, веројатно ќе го истакнат како позитивно донесувањето на Законот за минимална плата и, потпирајќи се врз овој аргумент, ќе заклучат дека во овој период помеѓу два празници на трудот работите се променија на подобро, а не на полошо. И дека авторот на овој текст нема право, барем што се однесува за оваа година, да го тврди она што го напиша погоре.

Донесувањето на Законот за минимална плата во јануари оваа година е несомнена и важна позитивна измена на легислативата што ги регулира работничките права. Ако некој работел 170 и повеќе часа еден месец, големо обезвреднување на неговиот труд е ако тој не добие плата од барем 8.050 денари. Особено ако се има предвид дека со тие 8.050 денари тој и неговото семејство сепак ќе имаат сериозни проблеми да го истераат месецот!

Сепак, кога се истакнува позитивноста од регулирањето на минималната плата треба да се има предвид и следново.

Прво, минималната плата во најкритичните индустрии (текстилната и кожарската) не е ниски 8.050 денари, туку уште пониски 6.263 денари. Односно, онаму каде што воведувањето минимална плата е најпотребно, таму минималната плата е пониска за речиси 2.000 денари, за цела една петтина.

Второ, со донесувањето на Законот за минимална плата Македонија стана последната балканска земја што ја регулира минималната плата. Со други зборови, оваа година Македонија конечно „фати чекор“ со Балканот! Е сега, дали ние треба нешто особено да се гордееме ако конечно фативме чекор со Балканот, ви оставам самите да пресудите.

Трето, истиот ден кога е донесен овој многу фален закон, значи на 24 јануари 2012, направени се измени во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност со кои драстично се намалуваат бенефициите на лицата што се прогласени за технолошки вишок. Така, на работниците што станале невработени, а кои имаат 15 години работен стаж претходно им се исплатуваше паричен надоместок до нивното повторно вработување или пензионирање под услов ако имаа уште пет години до исполнувањето на условите за пензионирање. Сега, овие пет години до пензионирање се намалени на 18 месеци. На пример, поради овие измени, работникот со 60 години, кој останал без работа, а работел 30 години и за кого од неговата бруто-плата се одвојувал придонес за вработување 30 години – тој сега ќе биде лишен од можноста да зема паричен надоместок во случај на невработеност до своето пензионирање.

Четврто, утврдувањето минимална плата беше искористено вторпат во период од пет месеци (!) да биде намалена висината на семејните приходи на невработеното лице за тоа да може да добива сини картони. Од декември 2011 оној невработен чие семејство има приходи над минималната плата од 8.050 денари го губи правото на сини картони, или треба да доплати (1.100 или 2.200 денари) за да ги добие тие црни сини картони. Ами, ако некое семејство со 8.100 денари месечно и така не може да сврзе крај со крај и ако тие 1.100 денари му вредат злато?

Петто, што правиме со спроведувањето на законот? Колку и да е позитивно законското регулирање на минималната плата, ако не се спроведува законот во практиката, залудно е сѐ. Веќе се слушаат примери дека некои газди формално им исплаќаат минимална плата на своите работници, а потоа од нив бараат, веќе следниот ден, на рака да им ја вратат разликата во однос на платата што претходно им ја исплаќале.
Поради овие причини би го поздравил донесувањето на Законот за минимална плата, но не би му пеел славопојки ниту, пак, врз основа на ова фаќање чекор со Балканот би се осмелил да тврдам дека билансот со работничките права од минатогодишниот Први мај до денес е позитивен, а не негативен.

Здравко Савески

Leave a Reply

Your email address will not be published.