Протестен марш за работнички права, 2 мај 2016 г.
Протестен марш за работнички права, 2 мај 2016 г., синдикати и граѓански организации

Граѓански организации и синдикати

Работничките синдикати се еден од клучните елементи за живо, динамично, егалитарно, демократско општество. Но, од осамостојувањето на нашата држава малку внимание им е посветено на овие организации, па како резултат на тоа тие сè уште се заглавени со стариот пристап на решавање на современото бреме. Синдикатите треба да разберат дека повеќе немаат работа само со националната држава и националниот бизнис, туку нивните предивици ги вклучуваат и  супранационалните институции и глобалниот бизнис. Oд таа причина, тие мора да се модернизираат, да ја обноват старата инфраструктура, да регрутираат соодветно образовани професионалци кои зборуваат јазици, разбираат нова технологија и се способни да градат глобални мрежи.

Граѓанските организации, било тоа да се професионални или неформални грасрутс групи, се чини го имаат прифатено овој предизвик па затоа предничат во работата со современи методи водени од образовани кадри. Но, она што граѓанските организации го немаат е суштинска моќ којa ќе може да парализира одреден сегмент на државната моќ. Синдикатите тоа го имаат, но од друга страна ја немаат политичката свест за да ја воочат и надградат демократската моќ. Исто така, се оддаваат на клиенталистички економски односи кои создаваат авторитарна свест која пак, подоцна се пресликува во работата на нивните организации. Со тоа тие продолжуваат да ги негуваат авторитарните односи.

Како пример: едно е доколку граѓаните во неформално здружение под името АМАН протестират против поскапувањето на струјата без притоа директно да блокираат одреден сегмент од државниот механизам, а друго е кога работниците членови на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство стапат во штрајк и ја парализираат енергетската мрежа.

Или нешто поактуелно, едно е доколку граѓанските организации протестираат пред судовите, а друго е доколку вработените во судовите се стават во штрајк и ја парализираат работата на оваа власт поради против уставното и незаконското работење на судиите. Деновиве членовите на УПОЗ протестираат против измените на Законот за судска служба, без притоа да го потегнат прашањето за целосното обезвреднување на суштината на оваа институција. Се разбира ова под претпоставка дека доколку вработените во судовите би имале силна демократска воља и не се водени од клиенталистиките релации кои произлегуваат од економската нестабилност која води кон рестриктивни работнички права, тогаш ние во судовите ќе имавме политички свесни граѓани кои наместо за зголемување на нивната плата ќе грижат за работата на судот како демократска институција.

Солидарна стратегија

Што се однесува до градењето на солидарност помеѓу овие две групи треба да се напомене дека многу мал напор е направен за да се создаде некој вид на општествена соработка за градење на отпор кон авторитарната култура и надоградување на демократските права. Граѓанските организации се заробени во сопствените кругови без притоа да покажат некое особено чувство за солидарност, а синдикатите пак се удавени во авторитарната култура без да покажат чувство за класна свест.  

Така, кревајќи раце од работничките организации, општеството посветува повеќе внимание и ресури на граѓанските организации отколку на синдикатите. Тоа не ја вклучува само државата и елитите кои прво ги заробуваат работничките организации а потоа водат незадоволителенсоцијален дијалог, туку и фондации за поддршка на активното граѓанство кои се уште ја немаат проширено дефиницијата за граѓански сектор што директно ги вклучува синдикатите.

На пример, во критериумите на една од поголемите фондации за поддршка на граѓанскиот сектор во Македонија пишува:

(….) апликантот мора да биде граѓанска организација, регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации. (….) синдикати и организации на работодавачи можат да се јават само како партнери на овој повик.

Причините поради кои синдикатите директно не можат да аплицираат за фондови од фондации присутни во Македонија е прашање кое треба да се истражува, но несомнено ваквите критериуми ги ставаат синдикатите во неповолна позиција. Проширувањето на дефиницијата за граѓанско општество и вклучувањето на синдикатите во креирањето на демократска култура може да придонесе во градење на контра-баланс на доминантните структури на моќ. Ова е посебно важно во држава која има најголема економска раслоеност во Европа. А онаму каде што има голема економска раслоеност има и голема политичка раслоеност и владеење на плутократска власт.

Оттука, изградба на стратегија за соработка помеѓу граѓанските организации, фондации и синдикати може да биде и чекор понапред кон изградба на стабилни демократски вредности.

Стратегијата треба да се води од идејата дека синдикатите можат да го превземат позитивното искуство од невладини организации, и обратно, а сето тоа со цел создавање на взаемна доверба и градење на стратешка соработка преку прилагодено внатрешно реорганизирање. Со градењето на стратегија за соработка ќе се прошири и дефиницијата на граѓанското општество, ќе се зајакне солидарната доверба, континуитетот на споделување на информации, знаења и меѓусебната комуникација со која синдикатите ќе можат да ги унапредат работничките права.

Значењето на работничките права

Значењето на работничките права може да биде еден од клучните политички аспекти за градење на отпор против авторитарната култура и надградување на демократските стандарди. Имено, овие права како политичка категорија можат да ја дополнат рамката во која се студира демократијата и демократизирањето на нашето општество. Со ристриктивни работнички права се ограничува демократската партиципација на работниците во гласачкиот процес а тоа се прави преку комплексен микс на ограничување на ресусите и создавање на клиенталистички релации. Затоа, покрај тоа што овие права ги студираме преку економијата и законодавството (Обезвреднување на трудот 1 и 2), ние исто така нив треба да им пристапиме и како на политичка категорија за преговарање на односите на моќ во едно општество.

Протестен марш, 2 мај 2016
Протестен марш за работнички права, 2 мај 2016 г.

Работничките права се еден од клучните категории за создавање на политичката култура. Како пример, државите кои имаат пад на демократскот стандард меѓу кои е и хибридниот режим – Република Македонија, се соочуваат со голема економска и политичка нееднаквост. Така, луѓето стануваат економски зависни од политичките елити и се покоруваат на инструкциите дадени од доминантните политички структури, што создаваат култура каде што гласањето станува формалност контролирана од структурите на моќ.

Таквата култура не е демократска, напротив, таа во својата суштина е авторитарна. Таа култура се гаи преку обезвреднување на работничките права а подоцна преку прекршување на граѓанските права. Ваквите односи прво се негуваат во економските релации а подоцна прераснуваат во политичка култура и начини на институционално функционирање. Се разбира овие меѓучовечки односи се овозможени од економската нестабилност, која остава простор за елитите да вршат притисок врз работодавачите и работниците (пред се работниците во јавната администрација) да гласаат за владејачката партија.

Затоа, доколку работничките права се категоризираат како демократска и егалитарна вредност, тогаш синдикатите ја добиваат политичката функција на грижа за демократските стандарди. Таа функција станува позначајна толку колку што падот на демократските вредности станува повидлив.

Автор: Кире Василев