Автор на сликата – Небојша Гелевски

Во наредите редови ви пренесуваме извадок од интервјуто на нашиот член Анастас Вангели за Слободна Македонија. Целото интервју може да го прочитате овде.

Договор со Груевски не може да биде основа за надминување на кризата

Договор со Груевски не може да биде основа за надминување на кризата, особено ако цената што се плаќа со тој договор е замолчување на револтот на народот и преместување на политичкиот процес зад затворени врати. Договорот од Пржино само ја пролонгира кризата и и дава нови шанси на старата политика да се спаси. Притоа, наместо генератор на промената да бидат граѓанките и граѓаните на Македонија, генератор на промената сега се странските дипломати, што на никој начин не е одржливо демократско решение.

. . .

Груевизмот е комбинација на приученост, манипулација и лажење, силеџиство, коруптивност

Груевизмот како политичка, но првенствено ментална матрица е комбинација на приученост, манипулација и лажење, силеџиство, коруптивност, шиканирање на неистомисленици, водење тефтерчиња и злопамтење, мислење дека сè ти следува итн. Тие „вредности“ се интернализирани помеѓу другото и од страна на голем број луѓе кои се декларираат како политички противници на Груевски. Таа матрица ќе ни биде оставена во наследство кога Груевски ќе си оди. По неговото заминување, во Македонија ќе има многу мали „Грујчиња“ од секаква провиниенција, низ целиот политички спектар и граѓанското општество и иако мала земја, Македонија можам лесно да ја замислам во состојба на војна на „секој против секого.“

. . .

Промената мора да се случува „од долу“

Левичарските активистки и активисти мора да бараат и креираат нови простори, да отвораат нови теми и да не запаѓаат во стапиците на војната секој против секого, т.е. во „или си со нас, или си против нас“ размислување. Воедно, не смееме да се залажуваме дека суштинските промени може да дојдат „од горе“ – дури и да имаме подобри политичари на власт во иднина, улогата на меѓународните организации, банките, и општо механизмите за наметнување на интересите на капиталот, нема да дозволат големи исчекори и трансформации. Промената затоа мора да се случува постојано и постепено, „од долу“. Затоа, не смееме да се ограничиме само на борба против одредена гарнитура на власт. Ние мора да се бориме за подобро општество и тоа општество мораме и самите да го создаваме. Една важна цел кон која треба да се стремиме е создавање на нови, автономни и самоодржливи задруги за остварување на економските и општествените потреби кои ќе почиваат на принципите на заемност и солидарност, и кои ќе бидат водени од логиката на окрупнување, а не раситнување. Притоа, мора да се има свест дека промена само во рамките на Македонија не може да се случи. Промената ќе има регионален и глобален контекст и затоа е нужно и транснационално делување и поврзување.