Пред седум години бев дел од прогресивната студентска иницијатива „Пред и по нас.“ Поводот за нашите активности беше 40-годишниот јубилеј од студентските протести од 1968, а причината – локалниот контекст – успани млади, разнебитен образовен систем и општество кое забрзано тоне(ше) кон дното. Бевме малкумина, и влетавме во сосема нерамна борба со апатијата, опортунизмот и цинизмот на големото мнозинство колеги. Свесни дека не можевме да направиме којзнае колку за нашата генерација, одбравме да се поставиме вонвременски – па така, додека ги славевме големите пред нас (шеесосмашите), зборувавме за големите кои ќе дојдат по нас – за кои не бевме сигурни кога и како ќе се појават, но знаевме дека кога-тогаш ќе мора да никнат од некаде. Со појавата на Слободен Индекс (2009-2010); а особено денес, со појавата на Студентскиот Пленум, немам сомнеж дека големите што требаше да дојдат „по нас“ дојдоа, и веќе ги надминаа и нашите очекувања. Тоа е така затоа што успеаа во нешто што до сега никому во Македонија не му успеало – речиси прекуноќ да ги доведат до уривање идејната хегемонија на режимот и доминантниот општествен систем на (не)вредности.

Насловот „(не)демократија“ за моето обраќање беше избран токму поради ова последново – во обид да се даде осврт на големата слика за Македонија вон студентската автономна зона (недемократијата), и сликата за Македонија која се создава внатре во автономната зона (демократија) – како и за лекциите кои треба да ги научиме од оваа општествена ситуација.

Но, со ред.

Македонија денес е недемократија, и тоа не е личен став, туку емпириски потврден факт – дури и да немаме превисоки, супстантивни демократски критериуми за оценка на ситуацијата. Според минималистичкото, елитистичко разбирање, „релативно консолидирана демократија е состојба која подразбира (1) балансирана поделба на ресурсите помеѓу (2) релативно репрезентативни политички елити, (3) кои се натпреваруваат институционално, следејќи однапред договорени правила и принципи.“

Во моментов Македонија е далеку под дното во било кој од овие три критериуми: (1) со протечените снимки имаме и материјални докази како во пракса владејачките елити ја имаат „зграпчено“ државата и воспоставено целосна контрола врз извршната, законодавната и судската власт, ги контролираат најголемиот број од мејнстрим медиумите и го рекетираат стопанството и граѓанството; (2) најголемиот дел од поддршката на граѓаните за владејачката коалиција не доаѓа како резултат на идејна определба водена од принципот за грижа за јавното добро, туку како резултат на уцени или опортунизам; и (3) политичкиот натпревар е нефер, нерегулиран и крвав, а основната цел на постоењето на владејачките партии е обедзбедување на фотелјите по секоја цена, а притоа уништување на сите противници и закани.

Недемократите низ светот, во обидот да се легитимираат пред граѓаните, најчесто „се вадат“ на успешните социо-економски политики. Меѓутоа, во случајот на Македонија владејачката елита во ова поле потфрла уште подраматично: Македонија во 2015 е земја со превисока стапка на невработеност и сиромаштија, највисока социјална раслоеност во Европа, и уништени јавни услуги. Животот овде е неподнослив за мнозинството граѓани.

Се разбира, ова не е ништо ново, туку само куса дијагноза на постоечката ситуација. Меѓутоа, за да ја разбереме ситуацијата во која се наоѓаме, и за да го најдеме излезот од неа, не треба само да го посочиме виновникот, туку и да дадеме одговор на прашањето „како дозволивме ова да се случи?“ Да, Груевски, Мијалков и дружината се агентите на злото, но ние мора да ја отвориме дебатата и за корените, причините, и овозможувањето на злото да завладее.

За да го направиме тоа, мора за момент да ја погледнеме големата слика, и да ги испитаме и основните  аналитички парадигми со кои се служиме.

Анастас Вангели на Автономната Зона, 19.02.2015
Анастас Вангели на Автономната Зона, 19.02.2015

Добрата, односно лошата вест за Македонија е дека проблемот на (не)демократијата не е само наш, туку глобален – денес претставничката демократија е во глобална криза/рецесија, а под знак прашање се доведени нејзината универзалност и универзална исправност; нејзината ефикасност и правичност; и способноста да гарантира мир. Многу од скорешните обиди за демократизација – како во Украина и во арапскиот свет – а претходно во Ирак и Афганистан, завршија во крвави фијаска; многу од неодамна демократизираните земји, па дури и некогашните најдобри примери – како што е Унгарија – денес рапидно стануваат недемократии; а дури и најголемите промотори на демократијата се соочуваат со предизвикот на демократска рецесија. Во САД демократијата е во заложништво на лобирањето од една страна, и безбедносните служби од друга страна; а во ЕУ тензиите помеѓу супранационалните и националните одлуки, и растот на радикалната, анти-имигрантска десница претставуваат предизвик за основните демократски вредности. Сево ова се случува во период на доаѓањето на Кина – отпорен, недемократски режим – на глобалната сцена на голема врата.

Голема причина за кризата на демократијата денес се очекувањата, и помалку или повеќе, догматска верба во теориите за тоа како светот ќе се демократизира по падот на Берлинскиот ѕид. Консензусот за „крајот на историјата“ и апсолутниот триумф на моделот либерална демократија со минимум норми и слободен пазар од денешна перспектива се чини на класичен случај на groupthink. Идејата беше дека најголемата работа беше завршена со уривањето на Берлинскиот Ѕид, и дека потоа, многу од работите магично ќе се средат самите од себе си. Како што гледаме, исходот е значително различен од очекувањата.

Таквото размислување и триумфализмот на хипотезата за „крајот на историјата,“ освен што се покажа погубно по нашето разбирање за светот, имаше неколку штетни ефекти во пракса, особено во земјите на Источна Европа, кои еден утопизам заменија со друг. Притоа, во контекстот на Источна Европа (вклучително и Македонија), важно е да се напомене, дека освен со либералната демократија со минимум норми, беше наметнат не само слободниот пазар како економски модел, туку и политичкиот неолиберализам заснован на пазарниот фундаментализам (вербата дека пазарниот механизам е лек не само за економските, туку и за политичките и општествените процеси) како главен општествен принцип. Некои од заедничките ефекти на ваквите промени беа:

  1. Пацификација на критичната мисла, и мораториум на идеите за тоа каков светот може, и треба да биде – односно помирување со „консензусот“ дека борбата за идеи заврши. Интелектуалниот и креативниот мејнстрим доброволно ја намали својата должност, облече одело и кравата, и се преориентираше кон прилагодување кон пазарното живеење, а притоа идеализмот, страста и агитацијата – гледани како некаков рецидив од минатото, им ги препушти на националистите, верските фанатици и популистите, за тие да ги монополизираат.
  1. Пасивизација на општествениот активизам и негово деполитизирање, деконстекстуализирање и вкалапување во определени рамки. Мнозинството граѓани политиката почнаа да ја сметаат за гадна (и следствено им ја препуштија на политичарите), општествените прашања ги гледаат неповрзано (од дрвата не ја гледаат шумата), и воглавно дури и да имаат собрано гнев и незадоволство и да одбиваат да бидат лојални на системот со кој не се согласуваат, преферираат стратегија на „излез,“ со голема одбивност кон стратегијата на „глас.“ Па така, активизмот останува како нешто „што го прават неколкумина (дежурни виновници),“ додека останатите или се плашат, или се навистина преопретени од секојдневната мачна борба за корка леб, или пак успеале доволно да се обезбедат и да можат без грижа на совест да кажат „не се замарам бе брат.“
  1. Ерозија на системот на општествени вредности, односно промоција на искривоколчено, попазарчено разбирање на општеството во кое ИНТЕРЕСОТ (под кој најчесто се мисли профитот) има примат пред човековите вредности; и (не)принципот дека акциите кои ти носат тебе корист се добри, без оглед на нивните општествени последици, ниту пак директните последици по добробитта на друѓите луѓе.

Токму ова последново, е нешто што сите субјективно го доживуваме и чувствуваме иако тешко ни е да го дефинираме, и нешто што ни пречи – но го прифаќаме како норма – не нужно своја лична, туку како норма која го дефинира општественото и политичкото функционирање.

Затоа, веќе е нормално што власта работи за тесно-партиски интереси и профит, а не за јавното добро и потребите на граѓаните.

Нормално е луѓето да стануваат членови на партија не од идеолошки побуди и вредности, туку за чист профит.

Нормално е медиумите наместо да бидат водени од идеалот на вистината и да бидат пазачи на јавното добро, да бидат водени од профитот и да одработуваат за финансиските и политичките моќници.

Во секоја општествената ситуација, важна е користа, а притоа не е важно како е дојдено до таа корист, и не е важна цената што другите ја плаќаат. Сто евра се сто евра – дали заработени со своја пот, или натопени во крвта на некој друг.

Затоа го имаме Груевски, затоа го имаме Мијалков, затоа ги имаме ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тие се оние кои се највешти во играње на играта во која цел е профитот по секоја цена, па дури и онаа на човечкиот живот, а имаат поддршка од голем број уценети, но и неуценети граѓани – кои можеби и неосвестени за тоа како функционираат работите прифатиле пакт со ѓаволот.

И затоа тие Ви нудат такви решенија за високото образование, и не Ве разбираат. Вие говорите за слобода, автономија, критичка мисла, знаење, вредности? Вие дури и протестирате кога можеби промените не ве засегаат Вас? А тие од друга страна гледаат профит од разно-разните комисии и техникалии, но и сакаат системско решение кое од студентите наместо освестени граѓани, ќе продуцира ботови која единствена цел во животот ќе им биде максимализација на својата позиција на пазарот на трудот. Оние Ваши колеги кои мува не ги лази за Вашата борба пак, или се уплашени, но и многу веројатно одбиваат „да се замараат“ и пресметале дека покорисно за нив ќе биде да ја наведнат главата, да ги проголтаат новите промени, и да си замолчат за навек.

* * *

И тогаш се случува Пленумот, и се случува Автономната Зона. На страна од војувањето за достоинствено високо образование, политичкиот ефект што Вашето самоорганизирање и општествено делување го има, е веројатно нешто за кое што многумина од нас – веројатно и од Вас – сеуште не сме свесни.

Пленумот претставува појавување на една силна, автентична, самоорганизирана, хоризонтална и инклузивна – но ефективна, субтеренска политичка структура, која практикува директна демократија. Автономната Зона пак, претставува спроведување на овие принципи во пракса во окупиран, односно ослободен јавен простор.

Притоа, Вашето делување е во голема мерка крик против недемократскиот режим, нивниот начин на одлучување, и конкретните решенија кои Ви ги нудат. Но она што е позначајно, е тоа што појавата на Пленумот е исто така и предизвикување на досегашниот општествен тек, создавање на голем процеп во јавната сфера, и – можеби несвесно, потсвесно, интуитивно – адресирање на структурните проблеми на недемократијата, и (не)вредностите кои не’ доведоа до ова дереџе, кои ги опишав пред малку.

Значи, една е борбата за уривање на недемократскиот режим, но сосема поинаква – а под тоа подразбирам потешка, подолготрајна и помачна е борбата за градење на демократија на дело. Еден ден, сите Вие кои активно учествувате во Автономната Зона ќе можете да се пофалите дека сте биле првата генерација која во Македонија вистински живеела во демократија. Ние што се шуњаме чат-пат низ факултетите, ќе можеме да посведочиме за тоа. Но во исто време, многу е важно сите колективно да ги научиме лекциите за тоа како всушност демократија се гради во пракса, затоа што после симнувањето од власт на Груевски, Мијалков и бандата, сите ќе треба да го правиме ова.

Прво, демократијата бара многу работа, истрајност и посветеност. За нејзино градење и одржување не е доволно само гласање еднаш на неколку години, понекогаш учество во некој протест или акција и пишување онлајн – туку макотрпно, самопожртвувано, посветено делување. Бара буквално занимавање со целиот процес, себе-вложување во процесот, и размислување за логистиката и одржливоста на истиот.

Второ, демократијата бара меѓучовечко разбирање, прифаќање и солидарност. Вие овде припаѓате на различни идејни определби, има различни струи, па дури и внатрешни тензии. Меѓутоа, знаете кои се столбовите кои Ве обединуваат – притоа мислам повеќе на принципи отколку на цели – и успешно ги негувате. Значи, демократијата подразбира соработка со неистомиселеници, дијалог со противници, и пред се’ широка солидарност, трпение и несебичност. Вие овде делите простор, делите храна, и разговарате и дури и се расправате, но мрдање од принципите – нема.

Трето, демократијата бара развивање одредено ниво на отпор, и кон внатрешните, но и кон надворешните негативни вибрации и обиди за корумпирање. Вие најдобро знаете за искушенијата, за параноите, и за фрустрациите во процесот на Вашето јавно делување. Но, успеавте да ги надминете и тие пречки и предизвици.

Вие сте веќе победници. Без оглед на тоа каков исход ќе имаат вашите барања, Пленумот успеа да направи две големи нешта. Прво, го сменивте значењето на терминот „студент“ – ако претходно студент означуваше „овца“ – нешто млитаво, безгласно, тупаво, послушно и воглавно разочарување – од Пленумот натаму студент значи сила, глас, пркос, критичка мисла и надеж за подобро утре кај сите самосвесни граѓани. Второ, поставивте нови критериуми и станавте нова референтна точка во македонскиот активизам. Повремени протести, петиции, онлајн досетки – веќе не се доволни. Очигледно на сите нам ни е потребна сериозна организација, саможртва, работа 24/7, заземање на јавни простори, и отворен пркос кон режимот. Токму затоа Автономната Зона се шири низ другите факултети, и да се надеваме дека сме научиле нешто од Вас, и дека во иднина Автономни Зони ќе никнат и вон универзитетските граници. А вие, само напред!

Пазете ни ја демократијата.

Ви благодарам.

 

Говорник: Анастас Вангели, дел од студентското претставничко тело на Докторантите на Високата Школа за Општествени Истражувања при Полската Академија на Науки, и дел од Прекуграничниот Комитет на млади истражувач(к)и на Македонија. Член на ЛД Солидарност.