r-1024-768-romi-cigani

Левичарското движење “Солидарност” со индигнација го осудува вчерашното уривање на ромската населба под Кале, Скопје, при кое што импровизираните домови на стотина граѓанки и граѓани од ромската заедница, меѓу кои повеќето деца, беа уништени со багери. Дотолку повеќе што многу луѓе останaa и без документи, облека, мебел, со оглед на тоа што не успеале да ја изнесат својата лична сопственост навреме.

Имено, и покрај тоа што се работи за “импровизирана” населба, “надвор од легитимираниот систем”(со што всушност се “легитимира” нејзиното уривање), упатуваме остра критика до истиот систем – дали има простор за нашите сограѓанки и сограѓани Ром(к)и да се реализираат во тој  “легитимиран систем” или ги прифаќа како еднакви само на хартија, а во пракса постојано ги обесправува и оковува недогледно на маргините на моментално етаблираното општество? Години по усвојувањето на Стратегијата на Ромите во Република Македонија (2014-2020), Ром(к)ите остануваат најранлива етничка заедница, која константно се соочува со најразлични форми на дискриминација во речиси сите сфери од општествениот живот.

Гореспоменатата Стратегија на Ромите во Република Македонија тврди:

“Неоспорно е дека домувањето претставува основна егзистенцијална човекова потреба која, со својата приоритетност, се наметнува како еден од поважните животни проблеми. Домувањето ги исполнува физичката потреба за создавање безбедност и засолниште од времето и климатските услови, психолошката потреба за создавање чувство на личен простор и приватност, но и социјалната потреба за заеднички простор на семејството. Преку (не)решавањето на проблемот на домување на секое лице, се олеснуваат или се усложнуваат и голем број други животни прашања кои се директно или индиректно врзани со него (социјални, економски, социолошки, психолошки, политички, просторно – плански, правни и сл.). Од друга страна, пак, правото на домување е универзално човеково право кое е признато на меѓународно ниво во над сто национални устави во светот.

цигански-постройки

Левичарското движење “Солидарност” повикува на афирмативни мерки и солидарност во реалниот живот наспроти празни, декларативни заложби!

Доколку истакнеме дека системот постојано ги дискриминира Ром(к)ите почнувајќи од образовниот процес, при што неретко ромските деца посетуваат училишта за деца со интелектуална попреченост или пак се распределени во посебни паралелки во редовните училишта (во најдобар случај!) – а честопати и системски се потполно исклучени од образовниот процес (како децата од гореспоменатата срушена населба) – дали можеме воопшто да зборуваме за инклузија на нашите сограѓан(к)и Ром(к)и во општественото делување (вклучувајќи и еднаков пристап кон образование и работни места кои во нормални услови би воделе кон само-обезбедување на достоинствени домови!) – без посебен осврт кон суптилно насилните социо-економски фактори во нео-либерализмот што се проткаени во ткивото на самите дискриминаторски практики?

Импровизираните населби не се решение. Тие се симптом на мноштвото горливи проблеми со кои секојдневно се соочуваат Ром(к)ите. Но без претходно да се понуди алтернатива и солидарност во пракса – не смее да се размислува за уривање на само-организирани структури кои, иако “надвор од легитимираниот системот”, воедно нудат привремено олеснување на длабоко вкоренетите проблеми предизвикани од истиот тој “легитимиран систем”.