Можноста за лекување во странство – тешка и далечна

resenie
(клик на сликата за оригинална големина)

Вчера, сите бевме трогнати од смртта на малата Тамара. Таа го загуби животот поради бирократските процедури и константното додавање на рестриктивни елементи во Законот за здравствено осигурување. Таа не е ни прва ни единствена жртва на бирократскиот систем. Во овој текст, ќе дадеме објаснување што конкретно не е во ред со поставениот систем кој предвидува право на пациентите за лекување во странство и зошто случаите како Тамара завршуваат како што заврши нејзиниот случај.

Во ЗЗО од 2000 година во членот 30 експлицитно стоеше дека осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во Републиката, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Според тоа, освен што треба да се докаже дека заболувањето не може да се лекува во Македонија, т.е. дека се исцрпени сите средства, треба и да се пронајде клиника каде што може да се лекува заболувањето, за конечно на крајот средствата за лекување од Фондот да бидат одобрени.

Со промената донесена во 2011 година[1] се предвидува Фондот да може да склучува договори за болничко лекување во странство за заболувања по претходна спроведена постапка за избор на странската болница за лекување. Ова е уште еден рестриктивен услов за пациентот да може да го искористи правото на лекување во странство. Ако го земеме фактот дека постојат околу 2178 разни болести[2] според ICD-10,  малку е веројатно дека за секое специфично заболување кое не може да се лекува во Р. Македонија, Фондот склучил договор точно со специјализираната клиника во странство во која има можност истата болест да се лекува. До денес Фондот има склучено договор за лекување со 18 земји, меѓутоа не нуди податоци за тоа во која земја кои болници се занимаваа со специфични болести[3] и медицински состојби.

tabela_zdravstvo

Организациска структура на ФЗО и бирократизација

Следен парадокс поврзан со лекувањето на пациентите во странство е во корелација со организациската структура на Фондот и Министерството за здравство и нивната надлежност.

Прво прашање, е надлежноста. Според членот 31 од ЗЗО, за правата утврдени со законот во прв степен решава Фондот, а во втор степен министерот за здравство и против конечното решение на министерот за здравство може да се води управен спор со што личното амнестирање на министерот по однос на случајот е неиздржано т.е. иако министерот, во случајот на малата Тамара рече дека лично ќе се заложи по однос на овој случај, се чини тоа не беше доволно.

Следно прашање, е временскиот рок. Со промената на ЗЗО од 2009 година[4] детално се дефинираат роковите кои Фондот мора да ги почитува во носењето на одлуките од овој тип. Така, за решенијата од прв степен максималниот рок кој што го има Фондот е 30 денови, а доколку во одлуката е потребно мислењето на лекарските комисии, рокот е 45 денови.

По промената од 2011 година[5] т.е. со носењето на членовите 31-а и 31-б. Во членот 31-а  стои дека доколку Фондот не донесе решение за остварување на право од задолжително здравствено осигурување, односно не донесе решение за одбивање на барањето во рокот (30 односно 45 денови), подносителот на барањето има право во рок од 3 работни дена од истекот на тој рок да поднесе барање до писарницата на директорот на Фондот, и директорот да донесе решение. Директорот на Фондот е должен во рок од 5 работни од денот на поднесувањето на барањето да донесе решение дали тоа е уважено или одбиено.

Следен чекор што треба да го направи граѓанинот доколку и Фондот, но и директорот на Фондот не донесат решение е известување на државниот управен инспекторат во рок од 5 денови. Понатаму, Државниот управен инспекторат е должен во рок од 10 дена од приемот на известувањето да изврши надзор во Фондот дали е спроведена постапката согласно законот и во рок од 3 работни дена да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.

Е овде веќе, ситуацијата станува парадоксална. Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор, донесува решение со кое го задолжува директорот на Фондот во рок од 10 дена да одлучи по поднесеното барање односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Значи,  директорот еднаш одлучувал за дадениот предмет, но не донел никаков заклучок, а сега добива уште една шанса да го направи истото. Дури по 79 -+8 денови на неизвесна судбина на ѓраганинот кој што “тропнал” на вратите на Фондот за да го оствари своите права кои му следуваат со Законот за здравствено осигурување, инспекторот против директорот на Фондот ќе поднесе прекршочна постапка и ќе определи дополнителен рок од 5 работни дена за кои директорот на Фондот уште еднаш ќе може да одлучи и да донесе акт.

Потоа,  инспекторот е должен во рок од 3 работни дена да го информира подносителот на барањето за преземените мерки. Доколку директорот на Фондот не одлучи и во дополнителниот рок кој му е даден, инспекторот во рок од 3 работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и повторно ќе го извести барателот за исходот.

За жал тука не завршуваат маките на барателите! Во случај инспекторот кој што требаше да го притисне директорот на Фондот да донесе решение не постапи во согласност со законот, тогаш подносителот на барањето во рок од 5 дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот на Државниот управен инспекторат утврди дека инспекторот не постапил во согласност со законот, ќе поднесе барање за воведување на прекршочна постапка, и за инспекторот ќе определи дополнителни 5 дена за кои инспекторот мора да изврши надзор на работата на директорот на Фондот, и во рок од 3 дена да го информира подносителот на барањето. Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од 3 дена ќе го информира поднесителот на барањето.

Додека трае оваа борба со институциите, директорот на државниот управен инспекторат ќе назначи друг инспектор кој ќе го спроведе надзорот веднаш и во рок од 3 дена ќе го информира поднесителот за исходот и за преземените мерки.

Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно надлежностите повторно подносителот на барањето има можност да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од 8 работни дена.

За крај доколку директорот на Фондот не одлучи во рокот, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.

Е, вака изгледа приказната за граѓанин кој не може да добие решение (позитивно или негативно) за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување. Доколку постапката е оспорена на секое можно ниво односно доколку граѓанинот треба да ги оспорува постапките на надлежните страни кои не ја извршуваат својата работа во роковите, ќе му бидат потребни цели три месеци! За тоа време, болеста може да прогресира, и да заврши фатално.  Но тоа не значи дека кафкијанската потрага по лекување завршила.

Бирократизација на министерството за здравство

Дополнително во целата бирократска процедура, според членот 31-б, во целата постапка се вклучува и министерот за здравство како прв човек на здравството во земјата. Доколку министерот за здравство не донесе решение во дадениот рок, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од 5 работни дена.

Понатаму инспекторот од Државниот управен инспекторат по ивршениот надзор го задолжува министерот за здравство во рок од 10 дена да одлучи по поднесеното барање. Доколку и министерот за здравство не одлучи по однос на барањето на граѓанинот, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка и на министерот ќе му определи дополнителен рок од 5 работни денови за да одлучи. Доколку министерот не одлучи и во дополнителниот рок, инспекторот е должен да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од 3 работни дена.

Ова е жалната приказна на здравствената реформа во Македонија и на голем број на граѓани кои не секогаш успеваат да го актуелизираат нивното сопствено здравствено прашање во медиумите.

Сомнеж во одлуките на лекарските комисии

Секој осигуреник месечно уплаќа парични средства кои се слеваат во Фондот, а Фондот има улога на купувач на здравствени услуги за осигурениците. При лекувањето во странство Фондот пред да ви ја купи таа здравствена услуга мора да добие мислење од првостепената комисија за лекување во странство која што ја формира директорот на Фондот. Со оглед на тоа што од годишниот буџет на Фондот кој тежи 22 милијарди денари, 5% се користат за плати односно на расходи за нормалното функционирање на Фондот (читај- за вработените!) не би можело да се очекува едно независно и стручно мислење од првостепената комисија која лебот си го вади од тој зацртан буџет.

Тука се поставува прашањето, дали предлагачите на ЗЗО некогаш помислиле како изгледаат некои членови од ЗЗО прочитани надвор од собраниската сала?

Улогата на членовите на првостепената лекарска комисија за лекување во странство е да доставуваат мислење до директорот на Фондот во рок од 14 дена, а во итни случаи во рок од еден работен ден од приемот на комплетното барање за остварување на правото за лекување во странство.

Позитивното мислење од првостепената лекарска комисија за лекување во странство, пак, задолжително мора да го преиспита второстепена лекарска комисија за лекување во странство во рок од 7 дена по приемот на мислењето. Мислењето од второстепената лекарска комисија за лекување во странство е конечно. И која е воопшто тука целта на првостепената лекарска комисија?!

Бројот на одбиени пациенти за лекување во странство расте

Од податоците кои се јавно достапни во годишниот извештај од Фондот од 2013 година[6], можеме да го видиме бројот на осигуреници кои побарале дозвола за лекување во странство. Во периодот од 2009 година до 2013 има благо опаѓање на бројот на пациенти кои барале да се лекуваат во странство.Од друга страна, во 2009 година 419 пациенти побарале да се лекуваат во странство од кои 37 биле одбиени што е 8.83%. Веќе во 2013 година од вкупните баратели кои биле 277, од кои дури 129 биле одбиени што е 46.57 проценти, скоро 6 пати поголем број. Од друга страна, искуството на граѓаните покажува дека токму рестриктивните и бирократски процедури ги оневозможуваат пациентите и осигурениците од нивното право да се лекуваат во странство. Наместо да се лекуваат, тие времето го поминуваат растрчани од институција до институција, од шалтер на шалтер, од врата на врата, молејќи се за минимум грижа која е нивно загарантирано право. .

Вчера беше Тамара. Пред и по неа веројатно има и многу други случаи, за кои не знаеме. Денес некој мора да преземе одговорност бидејќи изборот е тесен, останува на сите нас да одлучиме дали утре ќе жалиме по некој наш близок кој сме го изгубиле поради бирократизацијата и трулоста на здравствениот систем – или ќе кажеме доста е!

[1] Член 6, ЗИДЗЗО/11, Службен весник на Р.М. бр. 53/11
[2] International Statistical Classification of Diseases and Related Health Problems 10th Revision
[3] Види табела
[4] Член 10, ЗИДЗЗО/09, Службен весник на Р.М. бр. 6/09
[5] Член 7, ЗИДЗЗО/11, Службен весник на Р.М. бр. 53/11
[6] Елена Тулевска, Владимир Димковски, “Годишен извештај на ФЗО”, 2013 год. Стр.25