Токсичните рудници: заштитен знак на модерниот капитализам во Романија, Грција, Србија а сега и Македонија

Рудник за злато во Кахамарка, Перу

Последните неколку месеци Македонија тивко и подмолно стана мета за меѓународн рударски компании благодарејќи на ефтините и чудни концесии кои ги издаде бившата влада на ВМРО-ДПМНЕ. Гевгелија, Валандово, Куманово, Дојран, Богданци, Стрмица, се градовите кои нема да добијат ништо од отворањето на рудниците за ископ на бакарна руда и злато туку ќе изгубат. Овие градови се претежно земјоделски и со отворањето на рудниците нема да се загади само воздухот од површинските ископувања, туку и водата и земјата од отровните супстанции кои ќе се користат за екстракција на рудите. Цијанид, арсен, а најмногу сулфурна киселина која се користи за екстракција на златото и бакарот од бакарната руда се отровите кои ќе станат секојдневие на нашите сограѓани. За трагедијата да биде поголема, ваквиот вид на експлоатација со висок степен на загадување на околината, површински коп, профит кој во огромен процент оди само за инвеститорот додека државата добива ситнурија во облик на 2% од целата добивка, не се случува само во Македонија. Борбата е одамна почната во Романија, Грција, а сега на мета се Македонија и Србија со огромниот басен на бакарна руда во источна Србија, рудниците на Бор.

Во северозападниот дел на Романија, во областа Трансилванија, еден од најпознатите случаи на отворање на ваков рудик, поточно екстракција на злато со користење на цијанид, е селото Рошиа Монтана. Во 2015 година романската фирма РМЦГ почнува со ископувања и создавање на вештачки базени за складирање на цијанид кој би се користел за екстракција на златото дури и од најсиромашните карпи. Населението и јавноста почнуваат да се бунтуваат знаејќи ги последиците од отворањето на ваквите инвестиции. Истражувачкото новинарство во Романија дошло до информации дека зад компанијата која ја има концесијата стојат луѓе од бившите обавештајни служби на Романија, злогласните Секуритате. [1]Ти,е благодарејќи на пристапот до чувствителни информации за состојбата на природното богатство во Романија, им ги продаваат на странските инвеститори, а фиктивните фирми во Ромаиија само се маска за големите рударски корпорации како European Goldfields. Поради големиот притисок што бил вршен над жителите на ова село, тие биле принудени да бираат помеѓу исселување во блискиот град или целосно труење на својата колина. Поддржани од активистите, жителите одлучиле да останат, но монструозноста на корпорациите одела до таму што во текот на ноќите тие почнале незаконска ексхумација на починатите селани со цел да ги избркаат жителите, бидејќи тие изјавиле дека своите мртви не ги оставаат. Дополнителен проблем во оваа тажна состојба на грабање на земјиште поради бизнис интереси е и фактот дека во јавноста во Романија се случил културолошки судир помеѓу јавноста од градските региони која поддржувала инвестиции и од друга страна активистите и селаните кои ги бранеле своите огништа. Желбата за пари и инвестиции кои наводно би донеле подобрување на економската состојба била семе на раздор во романското општество. Борбата на романските селани од овој регион продолжува.

Економската криза Грција ја стави во незавидна положба и во 2103 година тогашнаа влада потпиша договор со европската „тројка„ (ММФ, Европската банка и Европската комисија) за изгласување на легислатива која ќе отвори поголем пат за странски инвестиции. Овој договор бил отворена врата за компании како канадската Canadian Eldorado Gold која имала план да отвори рудници за злато на полуостровот Халкидики, во близина на местото Скурис. Со токсичниот отпад 4324 тона на годишно ниво кој ќе го произведе канадската компанија со екстракција на златото, ќе се уништат насадите на маслинки, производот на фета сирење и медот кои се главни производи на жителите на овој полуостров. Да не пропуштиме да напоменеме дека екстракцијата ќе произведе 20.000 тони арсеник како отпаден производ кој заедно со сулфурната киселина ќе заврши во подземните води и ќе ги загади не само водите туку и земјата. Количество доволно да се покрие цела територија на Кина шест пати. И во овој случај локалните жители заедно со активистите се побуниле и почнале протести и блокади. Насилството, апсењата и заканите кои биле познат метод во Романија за застрашување на населението од страна на корпорациите, се појавиле и овде. Атласот на правда за чиста околина (Environmental Justice Atlas), забележал над 2000 судири во Африка, Европа и Јужна Америка помеѓу активисти за чиста околина и население наспроти меѓународни рударски корпорации, а 400 судири само во Европа. [2]

Во источна Србија, во близина на градот Бор, постои рударско топилничарски басен со  рудници за бакар и овој басен се смета за најбогатиот во светот. Моментално искористувачкиот капацитет на рудата е 0.3% бакар на тон руда. Испитувањата на канадската фирма “Nevsun” на длабочина од 600 метри нашле руда која содржи 20% бакар што самото ископување и екстракција ја чини високо економски исплатлива. Оваа фирма е во партнерски однос со најпознатата фирма за ископување на бакар во светот, Rio Tinto, која е присутна во Африка и Јужна Америка.[3] Но, сепак, прашањето е следно, дали екстракцијата на бакар во Бор ќе биде исто толку токсична како и за рудниците во Македонија, Грција и Романија кога знаеме дека овие канадски фирми доаѓаат во Европа и на Балканот најмногу поради штетниот договор ЦЕТА кој се потпиша помеѓу ЕУ и Канада. Со овој договор се дозволува канадските и американски фирми кои користат токсични материи за екстракција на рудите да отвораат под поволни услови рудници во Европа, а со тоа и на Балканот. Начинот на екстракција на рудата е слична со фракингот, поточно вадењето на нафта од нафтните шкрилци со користење на вода под висок притисок и кршење на карпи што доведува до директно загадување на подземните води и земјиштето.

Ако порано окупаторите се разликуваа по униформите, денеска е многу тешко да се разликуваат, сите носат костуми и вратоврски. Борбата која ни е наметната е борба за чиста околина и здравје наспроти бизнис интерес и ситни проценти од профитот за корумпираните политичари. Очигледно е дека се нема избор.

Автор: Соња Стојадиновиќ

[1] http://www.bilten.org/?p=9629

[2] http://antigoldgr.org/en/

[3] http://www.b92.net/biz/vesti/srbija.php?yyyy=2017&mm=07&dd=21&nav_id=1284936