Овој текст ни го испрати автор под псевдонимот 17 Ноември. Го објавуваме бидејќи пренесува важна лекција од историјата на Балканот, од времето на грчката Хунта.

ИНДИВИДУАЛНАТА БОРБА И САМОЖРТВА ПРОТИВ ДИКТАТУРАТА 

АЛЕКСАНДРОС (АЛЕКОС) ПАНАГУЛИС

човекот кој стана симбол на отпорот против грчката Хунта во периодот 1967-1974 година

Херојскиот статус на една индивидуа најчесто се должи на сопственото жртвување (телесно и духовно), кое пак е резултат на висока и силна психичка состојба во борбата за остарување на личните и колективните идеали во едно општество. Таа саможртва се остварува на различни начини и поради различни цели. Во овој случај ќе претставиме едно херојско дело на еден обичен човек кој и’ се спротистави на една диктатура, на еден систем кој ги загрозуваше основните човекови права и слободи – идеали кои треба и морат да бидат во основата на секое модерно државно уредување.

Идеолошкиот раздор во грчката држава кој беше започнат во Втората Светска војна и многу брзо кулминираше за време на Граѓанската војна (1946-1949) остави силен белег во грчкото општество во поствоениот период. Настапи период на реакција и насилство на десните и конзервативни политички сили во грчкиот општествен живот. Повторното политичко јакнење на левите сили и партиите на центарот од страна на кралската власт беше оценето како враќање на опасноста од комунизмот, но и од другите либерални и демократски движења. Очигледната победа на „Сојузот на центарот“ предводен од Андреас Папндреу на претстојните избори закажани за 27 мај 1967 години, ја предизвика реакцијата на група на десно ориентирани офицери на грчката армија, кои на 21 април истата година ја преземаа власта преку државен удар. Започна периодот на воената диктатура (Хунтата), која траеше се’ до 1974 година.

Колку што отпорот меѓу слободоумните Грци кон Хунтата растеше, толку се зголемуваше и режимскиот терор.  Многу политички противници беа убивани, додека затворите станаа претесни да ги примат „новите станари.“

Но, тоа не ја обесхрабри борбата за слобода. Уште во првите години од диктатурата беа формирани во самата држава, но и надвор од неа, одреден број тајни, но и илегални организации, чија првенствена цел беше борбата против диктатурата на војската. Основна цел на овие организации беше да се врати демократското уредување во Грција, а кон движењето беа приклучени: „Општогрчкото движење за слобода“, „Демократската заштита“, „Социјалдемократскиот сојуз“, како и целото лево крило на грчкиот политички спектар. Првата вооружена акција насочена кон Хунтата беше изведена на 13 август 1968 година од страна на Александрос (Алеко) Панагулис. Целта на Алеко беше еден од водачите на Хунтата, полковникот Георгиос Пападопулос.

алеко3

Панагулис беше роден во 1939 година во атинската населба Глифада. Тој студираше на познатиот Политехничкиот Универзитет (Политехнио) во Атина, кој во ноември 1973 година стана симбол на отпорот против диктаторскиот режим, преку студентскиот бунт, кој крваво беше задушен на 17 ноември. По напуштањето на војската Алеко учествуваше во организирањето на тајната организација „Национален отпор.“ Набрзо ја напушти Грција и замина за Кипар каде формира мрежа на истомисленици, но и подготви план за дејствување. Откако се врати во Грција со своите блиски соработиници Алеко започна со остварување на планот за атентат на полковникот Папдопулос. Неговиот обид за атентат на патот кон летната резиденија на полковникот до Атина на 13 август 1968 година заврши неуспешно, по што тој беше уапсен. Во едно подноцнежно интервју со Панагулис, веднаш по неговото ослободување, познатата италијанска новинарка Ориана Фалачи забележа: „неговото дело е политички акт против диктатурата“, додека Панагулис дополнува: „Не се обидов да убијам човек. Јас не сум способен да убијам човек. Се обидов на убијам тиранин.“

По неуспешниот атентат започнува животната голгота на Панагулис, која неприкинато трае до последните денови на Хунтата. Најпрвин тој беше деноноќно мачен, по што полумртов беше пренесен во една од атинските болници. На 17 ноември 1968 година Алеко беше осуден на смрт. Три пати, во последен момент беше прекинато извршувањето на смртната пресуда, за на крајот, под притисок на меѓународната заедница, казната да биде преиначена во доживотен затвор.

На 25 ноември Панагулис беше префрлен во воениот затвор Богиати. Наредната година, на 5 јуни, успеа да избега од затворот, но набрзо беше фатен и префрлен во воената касарна во Гуди, откаде по кратко време повторно беше пренесен во Богиати. Овој пат тој беше сместен во специјално изградена ќелија за него, во потполна изолација. Повторно неколку пати се обиде да избега, но неуспешно, а неговата изолација се претвори во бавно умирање. Безизленоста ја најде во пишувањето, пишувшеа поезија, пишуваше дури и кога му беше одземено мастилото и хартијата, со својата крв на влажните ѕидови. Во август 1973 година Панагулис беше опфатен од општата аменстија. Набргу тој замина за Италија, каде повторно се реактивира во движењето на отпорот.

алеко2

По падот на Хутнтата и повторното воспоставување на демократијата во Грција, Алекос Панагулис на изборите одржани на 17 ноември 1974 година беше избран за пратеник во грчкиот парламент како дел од партијата „Унија на демократскиот центар.“ Меѓутоа неговите идеали не му дозволија долго време да биде дел од партијата преку која стана дел од парламентот. Тој се судри со раководството на партијата кога започна да собира податоци за соработката на одредени личности со Хунтата. Политичката кариера ја продолжи како независен пратеник, а притисоците врз него, дури и со закани по неговиот живот, стануваа се’ побројни.

Панагулис загина во сомнителна собраќајна несреќа на 1 мај 1976 година на возраст од 37 години, само неколку ден пред објавувањето на документите на органите за безбедност на Хунтата. Тие документи никогаш не беа отворени, а кои содржеа неспорни докази за соработката на одреден број тогашни политичари со диктатурата на полковниците.

алеко1

Александрос Панугулис додека живееше, а особено по неговата смрт, стана симбол на отпорот против неправдата, против владеењето на режимот, личност преку која се идентификуваат голем број генерации на млади луѓе. Неговиот живот претставуваше животна филозофија за нескршливоста кон идеалите за слободата и неправедноста. Неговата верба во идеалите беа посилни од смртаната пресуда, од измачувањата, од неколкугодишната излоција и самица. Панагулис се издигна над сета болка, страдања и понижувања, не потклекна на многубројните притисоци, бидејќи девизата на отпорот против диктатурата, која беше и негова девиза, „леб, образование, слобода,“ беше единствената водилка до конечната победа. Неговата поезија беше составен дел од неговиот идентитет. Идејата беше јасна: „Тиранијата се руши со борба, Слободата се пишува со крв.“