Бидна! Најмасовниот студентски протест од 1991 година! И најмасовниот протест организиран од граѓани од 1991 година! Не само што на вториот студентски марш не се појавија помалку студенти и останати, туку двојно повеќе се појавија! И покрај притисоците од власта! И покрај невиденото досега ниво на етикетирање дека маршот е организиран од СДСМ и Сорос! Не потклекнаа студентите ниту на притисоците ниту на пропагандата! И добија голема поддршка од средношколците, пензионерите, стечајците! Сосема заслужено! Студентите покажаа дека, буквално, се нашата надеж! Му ја враќаат надежта и вербата на народот дека не треба да ведне глава кога сакаат да му стават јамка, дека треба да се бори секогаш кога сакаат да му ги ускратат правата и дека, да, не е бесцелно протестирањето!

А со што ли не се обиде власта да го минимизира студентскиот протест! И со убаво и со неубаво. Откако се фрапираа колку многу студенти излегоа на првиот студентски марш, првпат по долго време ретерираа од своите планови. Оваа власт наметна имиџ дека нема да попушти пред кој било протест. И упатуваше јасна порака до сите обесправени во Македонија: џабе ви е да протестирате, ние нема да отстапиме ниту за милиметар. Единственото досегашно попуштање пред протести го имаа во првите денови од протестите против полициската бруталност, кога, поради протестите, го уапсија убиецот на Мартин Нешковски. И сега конечно пак попуштија! Власта ретерира пред студентски барања! Не било екстерно бил државен испит. Немало да важи за сегашните студенти. Немало да има реперкусии по професорите. Потребно било да се знае за шестка за да се положи. Ќе се знаеле прашањата. Но, студентите не потклекнаа на финтите. Не само што не се намали нивниот број, туку и се зголеми. И покрај ретерирањето на владата. Свесни дека главниот проблем е желбата за воспоставување контрола, желбата да се згази автономијата на Универзитетот – студентите излегоа!

B4f3lYUCAAExWBm

И го истакнаа знамето на солидарноста! Ова посебно треба да се истакне, зашто заслужува посебен аплауз. Премиерот со свесна намера играше на картата на поттикнување на егоизмот кај студентите. И им порача: зошто да протестирате, кога, еве, ние ретериравме, па вие нема да бидете тие што ќе бидат „државно-испитувани“. И дури и си дозволи, на истата егоистичка карта, да им го одземе легитимитетот за протестирање, инсинуирајќи дека никој, освен оној што е засегнат нема легитимно право да протестира! Ама, студентите не паднаа на финтата. Напротив. Уште повеќе инсистираа на солидарноста. Покажаа дека, иако не се директно засегнати, дека се борат против контролата, против загрозувањето на автономијата, за своите идни, непознати колеги од средношколските клупи. И како нивната солидарност да не наиде на уште поголема солидарност! Можеби најважно е да се прокоментира околу стечајците. Тие сфатија дека солидарноста значи и да бараш солидарност за себе и да им даваш солидарност на другите. Возвратија за поддршката која студенти им ја давале на нивните протести со свое присуство на нивниот протест. Затоа, воопшто не е неважно да се истакне: ова беше и победа на солидарноста над егоизмот!

Сега власта е на потег. А нејзините потези се доста ограничени. Пропагандните алатки, кои долги години со успех ги применуваше, веќе губат ефект. Се обидоа со заокружување на студентите дека се СДСМ-овци. Студентите успешно го обезвреднија заокружувањето без ниту малку да се стекне впечаток од јавноста дека се блиски до СДСМ. Се обидоа со одвлекување на вниманието. Набрзина нацртаа нацрт-верзија на нов државен грб со цел да ги потпалат националните страсти и јавноста да се замара про и контра новиот грб. И тоа им падна во вода. Јавноста не падна на финтата, а студентите беа обединети и по национална основа. Имаше пароли на албански јазик, имаше говори на албански јазик. И сето тоа добиваше громогласни аплаузи. Студентите Албанци и студентите Македонци и студентите од другите националности рамо до рамо маршираа против контролата и против нарушувањето на автономијата.

BITOLA

Не знам што и’ е полесно да направи сега власта. Ако ретерира сосема и се откаже од секаква идеја за нарушување на автономијата на Универзитетот, ќе ги охрабри сите обесправени во Македонија преку протести да си ги заштитат правата. Ако од друга страна не ги прифати барањата на студентите, ќе се соочи со уште помасовни и поенергични протести. Ако не верува, нека проба да не си слушне илјадниците студенти кои протестираа. Ама, нека си знае, можно е и да се надополни агендата. Може студентите да побараат решавање и на други проблеми со студентскиот стандард и образованието, а не само да бараат повлекување на идеите за екстерно тестирање. Па да не заврши во тој случај владата со уште поцрни сценарија за себе?

Но таа е дилема за власта. Од гледна точка на студентите, тие не’ воодушевија сите нас и ни ја вратија надежта. И докажаа дека се во офанзива. Во офанзива мора и да продолжат. Не се прифатливи полу-решенија, туку коренито решавање на проблемите.

Здравко Савески