cropped-header63

Врз основа на член 104 од Законот за здруженија и фондации (,,Сл. весник на РМ” бр.52/2010) и Собранието на здружението Левичарско движење „Солидарност“, на седницата одржана на ден 17 октомври 2015 година го донесе следниов текст на:

 С  Т  А  Т  У  Т

на

Здружението Левичарско движење „Солидарност“

  I. Општи одредби

Член 1

Левичарското движење „Солидарност“ е левичарска активистичка организација која се залага за хуманизација на сите сфери во општеството, социјална правда, унапредување на работничките права партиципативна демократија и родова рамноправност. Левичарското движење „Солидарност“ (во понатамошниот текст: Организацијата) обединува луѓе кои се против сите авторитарни форми на владеење и нивните системи за експлоатација, како и против национализмот, милитаризмот и клерикализмот.

За остварување на овие цели Организацијата е отворена за сите граѓани кои сакаат да земат учество во остварувањето на вредностите за кои се застапува левицата.

Организацијата ќе се залага за партиципативно и антиавторитарно општество, поради што и ќе ги применува принципите на антиавторитарност и партиципативност во делувањето и сопствената организациска поставеност.

Член 2

Член на Организацијата може да биде секое лице што ги прифаќа нејзиниот статут и програма.

Член 3

Организацијата своите цели, задачи и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со овој Статут.

Член 4

Името на Организацијата е „Левичарско движење ‘Солидарност’“, или скратено „Солидарност“.

Организацијата има симбол. Симболот на Организацијата го претставуваат два црвени правоаголници, од кој едниот е подолу и полево од другиот, а под нив пишува „Левичарско движење Солидарност“.

Член 5

Левичарско движење „Солидарност“ има својство на правно лице.

Член 6

Седиштето на Организацијата е во Скопје на уч. Орце Николов бр. 166, 1000 Скопје. 

 

Член 7

Работата на Организацијата е јавна.

Јавноста во работата се обезбедува со редовно известување на членовите на Организацијата за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на организацијата, за материјално-финансиското работење и друго.

Член 8

Организацијата може да се здружува и во пошироки рамки со други здруженија во сојузи или други облици на здружување.

За здружувањето во смисла на став 1 од овој член одлука донесува Советот на Организацијата.

Организацијата може да се зачленува во меѓународни сојузи или сродни здруженија врз основа на одлука на Собранието.

II. Членство

Член 9

Член во Организацијата може да биде секое лице, кое ги прифаќа одредбите запишани во Статутот.

Зачленувањето се врши со пристапница која при престанок на членувањето во организацијата задолжително се враќа. Зачленувањето по правило се врши на состаноците на Советот.

Организацијата за своите членови води регистар за членството кој се ажурира еднаш годишно.

Член 10

Права и должности на членот се:

– да избира и да биде избиран во органите на Организацијата;

– да предложува решавање на прашања од заеднички интерес;

– да работи на развивање и унапредување на општествените активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;

– да учествува во работата и да придонесува за развојот на Организацијата;

– да ги спроведува одредбите од Статутот;

– да ги застапува интересите и ставовите на Организацијата;

– со останатите членови да комуницира на другарски начин, со почитување на нивното достоинство;

– редовно да плаќа членарина.

Член 11

Членството во организацијата престанува:

– самоиницијативно;

– со исклучување поради прекршување на одредбите од Статутот, за што одлука донесува Собранието на организацијата;

– со неактивност, ако во рок од 1 година членот не се вклучува во активности на Организацијата, тогаш се бара негово изјаснување, преку електронска пошта или лично, во врска со неговото членство, а во случај на молк се смета дека членот се откажува од членството.

Исклучувањето е крајна и непосакувана мерка и за него решава Собранието со апсолутно мнозинство.

Членот за чие исклучување се расправа задолжително е известен и поканет. Истиот член има право на збор, но не и право на глас по прашањето за негово исклучување.

Исклучување можат да предложат минимум 4 членови.

Член 12

Членовите на Организацијата кои имаат лични примања задолжително плаќаат членарина, додека останатите членови плаќаат членарина врз доброволна основа.

Организацијата го определува износот на членарината за своите членови на состаноците на Советот.

III. Цели и задачи на организацијата и начинот на нивното остварување

Член 13

Лицата се здружени во Левичарско движење „Солидарност“ поради остварување на поширок заеднички интерес, а како посебни цели и задачи се:

– да ја поттикнува дискусијата за прашања поврзани со милитаризмот, национализмот, клерикализмот, неолиберализмот и конзерватизмот;

– да поттикнува иницијативи за развивање на солидарниот дух во општеството;

– да врши следење на појава на фашистички или фашизоидни идеи и да го спречува нивното ширење;

– да поттикнува унапредување на заштитата на животната средина наспроти капиталистичката експлоатација на природните ресурси;

– да учествува во унапредување на културата за социјална правда и поддршка на борбата за правата на работниците;

– да го шири духот на другарството, рамноправноста и активно учество во општествените процеси;

– да даде поддршка на слободарската, независната и недиригираната уметност и култура;

– да го разобличува патријархалниот морал и да учествува во борбата против дискриминацијата врз основа на род, пол, сексуална ориентација, родова идентификација, возраст, верска, расна и етничка припадност, физички, ментални недостатоци и други основи;

– да се залага за бесплатно и достапно до сите образование, а против е наметнатото, задолжително образование кое ја вкалапува личноста и ги претвора личностите во послушни граѓани;

– да се залага за општа и бесплатна здравствена заштита;

– да врши критика на постојните општествени односи и да даде алтернатива.

Член 14

Во своето делување Организацијата не користи насилни методи.

Член 15

Во остварувањето на своите цели и задачи Организацијата:

– ги брани правата на своите членови, кои произлегуваат од Статутот;

– соработува со општествените органи и институции;

– соработува со други сродни организации од земјата и од странство;

– го унапредува знаењето на своите членови, како и на пошироката јавност организирајќи собири, трибини, предавања и дискусии на определени теми од нивната област на интерес;

– покренува иницијативи, критикува, дава алтернатива и сугестии за решавање на посочените конкретни проблеми;

– учествува во креирање иницијативи за законско регулирање и други правни документи за различни аспекти од области на интерес на организацијата;

– издава соодветни публикации.

IV. Органи на Организацијата

Член 16

Со Организацијата управува членството организирано во нејзините органи.

Органи на Левичарско движење „Солидарност“ се:

– Собрание

– Совет

– Двајца застапници на организацијата.

А. СОБРАНИЕ

Член 17

Собранието е највисок орган на Организацијата.

Собранието може да биде редовно или вонредно.

Редовното собрание се свикува најмалку еднаш годишно и него го свикува Претседавачот на Собранието.

Вонредно собрание се свикува по барање на најмалку 1/5 од членовите на Организацијата или на предлог на Советот.

Ако Претседавачот на Собранието не свика седница во рок од 14 дена тоа право му припаѓа на иницијаторот за неговото свикување.

Член 18

Собранието полноважно работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број членови кои биле вклучени во некоја активност на Организацијата во последните шест месеци пред одржувањето на Собранието. За присутен се смета и членот кој физички не е присутен, но кој се изјаснил за предложените прашања, писмено или преку електронска пошта.

Листата на членови кои можат да учествуваат во работата на Собранието ја утврдува Советот две недели пред одржувањето на Собранието.

Оној член на Организацијата кој нема да биде вклучен во листата на членови кои можат да учествуваат во работата на Собранието може да побара од Советот повторно да одлучува во врска со неговиот случај.

Член 19

Собранието одлучува со јавно гласање.

Секој член има право на еден глас.

Вонредно собрание се свикува и работи на ист начин како и редовното меѓутоа може да одлучува само по прашањата за кои е свикано.

Основачкото собрание е редовно собрание.

Член 20

Собранието одлуките ги донесува со мнозинство од присутните членови при што се прави обид за изнаоѓање консензуално решение.

Член 21

Во надлежност на Собранието е следново:

– донесува Статут, програма и други акти;

– усвојува годишен извештај, план за работа, завршна сметка и финансиски план;

– одлучува за промена и целта на здружувањето;

– констатира престанок на членувањето;

– формира комисии и други работни тела;

– избира застапник на организацијата;

– одлучува за престанок на Организацијата;

– врши други работи кои произлегуваат од Статутот на Организацијата.

Б. СОВЕТ

Член 22

Советот на Организацијата е орган кој раководи со тековните активности на Организацијата.

Советот се состанува еднаш неделно, освен ако самиот не одлучи поинаку.

Членови на Советот се сите членови на Организацијата кои присуствуваат на состанокот.

За присутни се сметаат и членовите кои претходно се изјасниле по определени прашања, иако физички не се присутни на состанокот. Тие имаат еднакво право на глас како и останатите членови.

Член 23

Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови при што се прави обид за изнаоѓање консензуално решение.

Член 24

Ако се јави потреба од преземање итни активности кои не можат да чекаат до следниот редовен состанок на Советот, Организацијата донесува одлука на својата мејлинг листа.

Активностите мора недвосмислено да бидат во согласност со член 1 и иницијаторот мора, излагајќи ја потребата од преземање на неодложна реакција, да се повика на конкретните одредби на членот 1.

Активностите се сметаат за одобрени ако во рок од 24 часа гласаат минимум 1/3 од членовите на Организацијата и минимум 2/3 од нив се изјаснат позитивно.

Член 25

Прашањата околу кои ќе се дискутира на состанокот на Советот се најавуваат на мејлинг листата на Организацијата.

Оние прашања што не биле најавени претходно, а во врска со кои Советот донел одлука, стапуваат во сила по два дена од нивното објавување на мејлинг листата на Организацијата. Во овој рок имаат право да гласаат оние членови што не се изјасниле за одлуката.

Член 26

Со состаноците на Советот раководи Претседавач.

По правило Претседавачот се избира на претходниот состанок на Советот.

Претседавачот го утврдува предлог дневниот ред за состанокот на Советот со кој претседава и по правило го објавува на мејлинг листата на Организацијата еден ден пред состанокот на Советот.

По завршувањето на состанокот на Советот, Претседавачот објавува резиме за главните заклучоци од состанокот на мејлинг листата на Организацијата.

Член 27

Во надлежност на Советот е следново:

– ги подготвува седниците на Собранието и го подготвува нацрт статутот и другите предлог одлуки што треба да ги донесе Собранието;

– го избира Претседавачот на Собранието;

– ги спроведува одлуките и заклучоците на Собранието;

– организира акции согласно идејните определби на Организацијата;

– формира работни групи и избира координатори;

– подготвува годишен и периодичен извештај;

– издава билтен на Организацијата, членски карти и други обрасци;

– врши промоција на Организацијата;

– одлучува за присуство на трибини, дискусии, летни кампови, фестивали итн. во име на Организацијата;

– врши други работи кои произлегуваат од Статутот.

В. ЗАСТАПНИЦИ НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

Член 28

Застапниците на организацијата ја претставуваат организацијата во правен промет и спрема трети лица.

Член 29

Мандатот на застапниците е една година со право на повторен избор.

Член 30

Застапниците немаат посебни права и овластување во поглед на функционирањето на Организацијата.

V. Финансирање на Организацијата

Член 31

Извори на финансиски средства на Организацијата се:

– членарината;

– донации и подароци и др.

Член 32

Советот избира благајник.

Мандатот на благајникот е една година со право на повторен избор.

Благајникот на Организацијата доставува месечен извештај за финансиската состојба пред Советот на организацијата.

Член 33

Користењето и располагањето со средствата на Организацијата добиени по основа на член 31 се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.

V. Престанок на Организацијата

Член 34

Организацијата ќе престане со работа ако за тоа одлучат членовите на состанок на Собранието со двотретинско мнозинство.

Член 35

По престанокот на работата на Организацијата, имотот и средствата што ќе останат по намирувањето на обврските се пренесуваат со одлука на Собранието.

VII. Преодни и завршни одредби

Член 36

Право на толкување на одредбите од овој Статут има Собранието, а меѓу две собранија – Советот.

Член 37

Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за негово донесување.

Член 38

Овој Статут влегува во сила со денот на донесувањето на 24 септември 2013 година.