Време е да побараме навистина одговорна и домаќинска влада! Време е да се разбудиме!

Капитализмот убива!

Скопските магли се пословични. Со денови Скопје знаело да биде завиено во магла, густа бела магла. Бела! Не црна, не сива, не отровна! Ова што сега се надвиснува над Скопје е црна отровна капиталистичка магла. Нѐ труе и нѐ убива, децата ни ги убива! Зошто е капиталистичка маглава?

Ајде да размислиме кои се можните итни мерки за намалување на загадувањето и како се во директен судир со логиката на капитализмот.

  1. Забрана на градежните активности од 15 ноември до 15 февруари.
  2. Забрана за работа на сите индустриски погони на територијата на загадените градови кои во производниот процес користат гориво, без оглед на штетните гасни емисии во воздухот, во периодот од 15 ноември до 15 февруари.
  3. Забрана за разнесување стоки по скопските маркети после 7.30 наутро и пред 18.00 навечер.
  4. Забрана на влез и движење на товарни возила во градот после 7.30 наутро и пред 18.00 навечер.
  5. Забрана за влез и на лесни возила на територијата на град Скопје од надворешноста во работни денови после 7.30 наутро и пред 18.00 навечер.
  6. Кога сме кај превозот, стимулирање на алтернативен превоз, користење јавен превоз, велосипеди и организирање на вработените да ги споделуваат своите возила за одење на работа.
  7. Мораториум на градење во централното градско подрачје и ревизија на постоечките урбанистички планови во Скопје.
  8. Најкрупната и најскапата мерка мора да биде во однос на затоплувањето и е директна интервенција за разрешување на огромниот проблем на енергетска сиромаштија. Краткорочно, субвенции во огревно дрво, пелети и гасни индивидуални котли. Долгорочно, сериозна надоградба на топловодната мрежа и преорентирање на гасни горива за производство на затоплена вода. Итно формирање на градска топлификација која со конкурентски цени ќе го поефтини затоплувањето на централното греење. Оваа мерка мора да се примени еквивалентно и во останатите градови во земјата кои се погодени од загадувањето.

(линк до образложение на предложените мерки goo.gl/w9ksdB )

Сите овие мерки се против основната суштинска логика на капиталот. Погледнете ги само мерките кои досега се нудат, ниедна не задира во суштината, ниедна не оди против интересот на капиталот, ниедна не се грижи за општото јавно добро. Капиталистичката логика налага максимизирање на профитот по секоја цена. Во уредена држава, законите се пишуваат така што одобруваат работа на капиталистичките оператори само под услови во кои не го загрозуваат, ами дури и го унапредуваат јавниот интерес. Борбата за воздухот во Скопје и останатите градови во Македонија е борба против капитализмот, чие идеално дејствување е надвор од сите регулативи, подготвен да жртвува животи и заедници за да донесе профит. Борбата за воздухот во државата е и најголемата битка за јавните добра, со што таа секогаш е во судир со ситниот, индивидуален интерес на капиталистите. Не можете да создавате профит по цена на нашето здравје! Нашите животи, животите на нашите деца и најмили се поскапоцени од вашите профити. Размислете што наследивме, а што ќе им оставиме на идните поколенија.

Разбудете се Скопје и Македонијо! Разбудете се или ќе нѐ отрујат на спиење новиве газди, урбаната мафија, приватизираните индустриски погони, празните градски и државни каси и несовесноста на капиталистичките слуги! Разбудете се, да нѐ слушнат македонските политичари, корумпирани и расипани, кои во наше, народно име се богатат и им овозможуваат на капиталистите да нѐ трујат, да нѐ смрзнуваат, да не нѐ плаќаат, да не плаќаат даноци и придонеси, само за да заграбат повеќе за себе за својот алчен капиталистички џеб!

Неопходно е итно регулирање на економските оператори во Скопје и во целата земја според начелото на јавен интерес. Заборавеното и запоставеното начело на јавен интерес, кое колективно го премолчувавме сите овие години, дојде по нас, замотано во смог, во отровниот воздух кој не бира ни по пол, ни по возраст или етничка припадност, па ни по газдинство, работништво, политикантсво или богатство. И Тетово се труе, и Битола се труе. И Валандово се труе. Не бараме гас маски, прочистувачи на воздух, индивидулни не решенија, туку намалувачи на последиците. На Македонија ѝ треба добар домаќин, сериозен и упорен. Да се потсетиме дека зборот економија значи домаќинлак и доаѓа од два збора, оикос – домаќинство и номос – управување, значи управител со домот. Домот со кој треба да домаќинствуваме е Македонија.

Македонската економија мора да се преуреди или одново да се уреди според домаќински и демократски принципи. Во заеднички дом не очекувате да ве продаваат како работна сила за цркавица, не очекувате дома некој да ви организира прибирање и горење на отпад како извор на топлина, не очекувате да се смрзнете, не очекувате гости кои ќе ви земаат сѐ што е вредно од кај вас дома, да не остават ништо за вас утре, не очекувате да ве трујат во домот. Време е да побараме навистина одговорна и домаќинска влада! Време е да побараме непосредна и вистинска демократија во која интересот на граѓаните и граѓанките, работничките и работниците ќе биде ставен во преден план! Погледнете ја листата на најзагадени градови во светот. Се наоѓаме во друштво на градови и земји каде јазот помеѓу сиромашните и богатите е недогледлив, земји каде работниците живеат бедно додека богатите без никакви ограничувања ги уништуваат јавните добра и интереси полнејќи ги личните сметки. Да го запреме ова, да се разбудиме!