ЛД Солидарност со големо внимание ги следи последните општествени случувања во Македонија. Притоа, ние сме отворено згрозени од содржината на протечените снимени разговори, во кои високи функционери на нелегитимниот режим вулгарно демонстрираат моќ, поигрувајќи си со јавните интереси и човечките судбини, особено на оние кои јавно им се спротиставуваат. Тоа зборува за степенот до кој владеачката елита ги узурпира институциите и безбедносните служби за остварување на сопствените интереси.

Оние кои се на власт, очигледно немаат ни трошка совест, и отворено се ситат на туѓото страдање. Ниту еден граѓанин со минимум свест и доблест, не може да остане рамнодушен на нивното ѕверство и нечовечност. Затоа, Солидарност има потполно разбирање за агонијата во која се наоѓаат граѓаните, за нивните спонтани и организирани изливи на револт и бес, и за нивната мобилизација за афирмирање првенствено на човечките, а потоа и демократските вредности. Ние сочувствуваме со сите Вас, и ќе чекориме со Вас во првите редови. Притоа, апелираме на смиреност, разум и тактичност. Вашата и наша борба не е само борба против злосторниците на власт, туку и против нивните методи и искривоколчениот систем на вредности. Таквата борба ќе биде долга и мачна – но ние сме спремни да бидеме Ваша поддршка и поткрепа во периодот кој следи.

Воедно, ние сме разочарани и изреволтирани од фактот што најголемиот број мејнстрим медиуми одбираат да служат на партиско-политички интереси. Потврдата за спрегата помеѓу врхушката на власт со сопствениците и уредниците во многу од медиумите е потвдена со содржината на последните протечени снимки, а уште поголема потврда доаѓа од големиот молк, односно спинерското покривање на најголемиот политички скандал во современа Македонија. Затоа, Солидарност ги охрабрува оние малку преостанати медиуми кои чесно и професионално си ја вршат работата, да издржат под притисоците и да продолжат да и’ служат на вистината, затоа што во моментов тие се од клучно значење. Апелираме сите самосвесни граѓани да се приклучат во битката преку социјалните мрежи, но и преку ширење на вистината преку разговор со своите најблиски – кротко, трпеливо, уверливо. Во период на речиси целосен медиумски мрак, ние сме тие кои мораме да ја шириме вистината.

Ние исто така со гадење гледаме на мобилизацијата на самонаречените патриоти, кои под плаштот на „одбраната на Македонија“ шират говор на омраза и организираат лов на вештерки, не бирајќи средства во очајните обиди за спасување на оваа власт, и одвраќање на вниманието од доказите за корупција и узурпација на институциите од невидени размери. Сметаме дека во моментов, тие заедно со врхушката на власт претставуваат најголема закана за стабилноста, безбедноста и иднината на Македонија. Притоа, Солидарност повикува на разумно, мирно и доблесно справување со нивните небулози, и непаѓање на провокациите и личните навреди кои тие ги користат.

Воедно, уште еднаш, апелираме до објавувачот на овие материјали, што побрзо да ги преземе следните чекори: а) овозможување на граѓаните преку безбеден протокол да дознаат дали биле следени; б) итно објавување на сите материјали кои се од јавен интерес, со преземање мерки за заштита на идентитетот на цивили кои би биле загрозени со таквиот чекор; и в) инволвирање на поширок спектар на непартиски и невладини организации, независни медиуми и експерти во процесот. Солидарност ќе Ве поддржува се’ додека јавниот интерес Ви биде пред партискиот.

Како оваа криза ќе се заврши, зависи од сите нас. Времето во кое живееме наложува одговорно, совесно и активно делување, во кое секој поединец има голема улога. Нашата обврска е да докажеме дека можеме да изградиме човечна, слободна и праведна Македонија.

Ќе победиме!

cropped-header631