Работната група „Солидарност за мобилност“ на Левичарското движење „Солидарност“, остро го осудуваа затворањето на границите за бегалците и градењето на ѕидови и огради кои го ограничуваат движењето на луѓето. Соопштението го пренесуваме интегрално.

Ние, активистки и активисти од работната група „Солидарност за мобилност“ на Левичарското движење „Солидарност“, остро го осудуваме затворањето на границите за бегалците! Остро го осудуваме градењето на ѕидови и огради кои го ограничуваат движењето на луѓето и ги кршат нивните основни права!

На 7 март 2016, Европскиот Совет се сретна со претставници од Турција во Брисел. Предложениот договор кој би требало да биде одобрен на 17/18 март, е остро критикуван од Обединетите Нации и од многу други организации за човекови права поради тоа што го прекршува меѓународното право. Во сржта на овој договор помеѓу ЕУ и Турција е контроверзна програма за размена на бегалци според која што бегалци од Сирија на грчките острови ќе бидат враќани во Турција, додека пак Европските земји ќе земаат баратели на азил кои што моментално живеат во Турција.

Минатиот вторник, на полноќ, Словенија го најави повторното воспоставување на Шенген зоната и визниот режим – само луѓе со валидни документи и визи ќе може да остварат влез во нејзината територија, што всушност значи затворање на нејзините граници за бегалците. Хрватска и Србија, по примерот на Словенија, веднаш ги затворија границите, а Македонија конечно ја запечати грчко-македонската граница во среда. Со ова официјално се затвори главната бегалска рута во изминатава година – балканската, оставајќи илјадници луѓе заглавени во калта на грчко-македонската граница во Идомени. Над 40 проценти од бегалците заробени под ведро небо на дождот крај бодликавата ограда на јужната граница се деца, од кои многумина имаат сериозни здраствени проблеми.

Ние, активистки и активисти од работната група „Солидарност за мобилност“ на Левичарското движење „Солидарност“, остро го осудуваме затворањето на границите за бегалците! Остро го осудуваме градењето на ѕидови и огради кои го ограничуваат движењето на луѓето и ги кршат нивните основни права!

Затворањето на границите за бегалците и повторното воспоставување на визен режим следуваат по низа дискриминаторски рестрикции и нелегални практики кои започнаа на границите долж балканската рута, вклучувајќи: профилирање и сегрегација на бегалците по национална основа, измислени “безбедни” наспроти “небезбедни” градови, ад-хок „валидни” причини за барање азил (воени наспорти „економски мигранти”), нелегално барање на пасоши или лични карти од бегалци при влез во државата … и конечно – забранет влез за сите… Практики и рестриктивни мерки кои директно кршат мноштво интернационални конвенции и договори, меѓу кои и Женевската конвенција од 1951.

Затварањето на границите не за чудо доаѓа по дискурс кој веќе подолго време е доминантен во Европа: „Европа е полна, нема веќе капацитети ни ресурси”. Прашуваме: „Со што е полна Европа? Со ксенофобија и исламофобија?! Со страв од тоа да живееме како сестри и браќа со луѓе од други култури? Со страв од богатството што го носи соживотот со луѓе од други култури? ЕУ има примено приближно 1 милион бегалци, а вкупното нејзино население изнесува околу 500 милиони луѓе. Во споредба со Либан, земја со популација од само 4.5 милиони, бројот на примени бегалци е над 1.2 милиони. Дали Европа заборави дека за време на Втората светска војна околу 40 милиони Европејци беа раселени?

Прашуваме, доколку Европа нема ресурси да прима бегалци на свое тло – како тоа Европа има ресурси од милијарди евра да ѝ исплаќа на Турција за „безбедната” Турција да им даде „безбедно” прибежиште на бегалците? Прашуваме, колку е Турција „безбедна”, со оглед на бомбашките напади во самата нејзина престолнина, но и воените операции во тек на југоистокот од земјата?

Прашуваме, ако новите вредности на ЕУ се состојат од градење ѕидови и огради што ќе го спречат движењето на луѓето – зошто истите тие ѕидови и огради не се подигнуваат и за движењето на добра што ги експлоатираше и се уште ги експлоатира глобалниот север, вклучувајќи ја и ЕУ? Дали низ колонијалните политики на Европа во текот на историјата на Европејците им беа потребни визи и пасоши за да одат во други земји и да ги експлоатираат нивните ресурси и богатства, за Европа денес да им бара пасоши и визи на луѓе што бегаат од војна и беда?

Повикуваме на солидарност со сите бегалци и мигранти! Солидарност со сите борки и борци за слобода на движење! ПРОТИВ дискриминации и сеграгации од каков било вид! ЗА отворени граници! Бидејќи секој има право да бара азил! Бидејќи секој има право на слобода на движење!

Работна група „Солидарност за мобилност“ на Левичарското движење „Солидарност“