13331140_10201613295690539_2020218727469555437_n

Во целата наша политикантска рашомонијада, кога на медиумите по некоја случајност ќе се појави краток прилог за проблемите на дијабетичарите, кај многумина граѓани што не се директно засегнати од овој проблем, ова поминува само како голо регистрирање на настан и ништо повеќе. Никаква реакција од никој. Со исклучок на оние смешни и папазијански соопштенија и деманти од страна на Министерството за здравство (МЗ) и од Националната комисија за дијабетес (НКД), сочинета од пет лекари што работат исклучиво по наредба на ресорниот министер. Тие испраќаат соопштенија од позиција на гард сочинети од евтин и лесно препознатлив израз. Во нив тие не само што се обидуваат да нè омаловажат нас пациентите, туку настојуваат да ја насочат расправата од главниот меритум на проблемот со помош на итерпејовски маневри на полемичка ситнеж, во досадна реторика со повторувани клевети. И бидејќи многумина од тие лекари од НКД поседуваат учен, но стерилен интелектуализам, за да ја избегнат одговорноста се користат со ситни и небулозни етикети насочени кон нас, етикетирања чиј список е толку долг што преминува во плеоназам.

Министерот Тодоров, пак, и покрај раскошот на својата интелектуална неспособност, пред камерите, со помош на патетични перформанси доведени до ниво на карикатуралност, грчевито се труди да нè убеди дека неговите здравствени реформи се најдобри во свет, дека инсулините што ги увезувал се најквалитетни и дека здравството е во најголем цут!!! Еднаш, пак, на неколку месеци му доаѓа хистерично да ламентира дека и покрај сè што правел во здравството него сите го мразеле!

Во целата оваа гротескна бирократска пасквила страдаме ние дијабетичарите. Но, да ја објаснам сегашната Голгота на луѓето со дијабетес, која можеби и ќе не присили да кампуваме пред МЗ додека не се исполнат нашите барања. Неодамна МЗ започна со тендерска процедура за набавка на инсулини и инсулински помагала неопходни за третман на дијабетесот. Повторно, како и минатиот пат, се чини дека станува збор за уште еден криминален и животозагрозувачки тендер со кој директно се загрозува здравјето и животот на 39.500 инсулинозависни дијабетичари, од кои 1000 деца. За жал, морам да истакнам дека и со овој тендер односот на МЗ на чело со Тодоров кон дијабетичарите во Република Македонија се сведува на идентично рамниште како кон експериментални глувци. Овој тендер (2016-2018 г) се коси со сите елементарни и здраворазумски критериуми. За да биде будалштината поголема, во овој тендер не се бара никаков критериум за понудувчите ниту пак некаква банкарска гаранција, никаков медицински стандард, ниту пак некаков практичен или статистички показател. Сè се сведува обично ценкање – кој ќе понуди најниска цена! Притоа никаде нема приложено никаков сертификат за квалитетот на инсулините, ниту пак некаква гаранција дека тие се носат безбедно, т.е. преку тој „ладен ланец”. Зашто, ако се транспортираат на повисоки температури лекот го губи дејството.

Посебно голем проблем е тоа што дел од инсулините кои се носат преку паралелен увоз од Турција немаат ефект каков што треба. Затоа останува прашањето каде и како се транспортира инсулинот овде во Македонија? Во хангари, во камиони, со коњи или со магариња ли се носи?! Овие два кардинални барања во секоја европска земја мора да бидат строго запазени. Тие мора да бидат јавни и транспарентни, а ние не можеме да дојдеме до нив, никој не ни кажува. И додека со минатиот тендер за набавка на инсулини и инсулински помагала (2014-2016г), не само што средствата беа скратени за 2,3 милиони евра, а последователно на тоа беа скратени дури и 145.480 пенкала, туку рапидно беше намален бројот на инсулинските аналози. На сметка на тоа, пак, беше зголемен бројот на „хуманите“, евтините инсулини, т.е. инсулини што во Европа се исфрлени од употреба во голем процент уште пред петнаесетина години. Така, голем дел од дијабетичарите беа и сè уште се присилени да преминуваат од аналог на поевтиниот, „хуман“инсулин. Со новиот тендер за 2016-2018г, повторно ни се намалени средствата (не се знае точно колку, бидејќи тендерот не е завршен). Никаде во светот не се намалуваат средствата за набавка на инсулини, туку се зголемуваат за 20%, земајќи ја предвид природната преваленца на зголемување на бројот на инсулнозависни дијабетичари. И не само тоа, туку со овој тендер, уште повеќе е намален процентот на аналози за сметка на хуманите инсулини.

Наместо соодносот помеѓу аналозите и хуманите инсулини да биде 75% : 25%, како што беше предвидено, сега тој сооднос е 50% : 50%. На ова да додадеме дека во светот на почетокот на оваа година беше пуштена во употреба третата генерација на инсулини „Тресиба”, одобрени од страна на FDA (Food and Drug Administration) минатата година. Овие инсулини се многу пософистицирани и имаат подолго времетраење на делување и овозможуваат речиси рамен профил на гликемијата. Кај нас, пак, пациентите се враќаат на правата генерација на инсулини – оние најевтините, хуманите инсулини. Лекарите од НКД под директива на советникот на Тодоров, Ивица Смоковски, со декрети им наложуваат на останатите ендокринолози колку дијабетичари ќе примаат ваков или онаков инсулин. Сето тоа се прави од ракав, „на ѓутуре“, паушално, без никакви клинички испитувања, без никаков мониторинг врз пациентите. Вака не смее да биде и ова што се случува се коси со сите правила и начела на најголемата научна студија UKPDS (United Kingdom Prospective Diabetes Sudy), според која најстрого треба да се раководат сите лекари – ендокринолози!

Но, овде министерот Тодоров не застанува! Со новиот инсулински тендер тој предвидува да се набават и 60.000 биосимилари на гларжин! Наједноставно кажано, биосимиларите се копија на оригиналниот лек, во овој случај гларжинот. Но се со различна генеричка конотација од оригиналот и за нив не е докажано дека можат да го заменат оригиналот. Особено голем проблем е тоа што нема доволно испитувања за овие биосимилари особено во нашата земја.
Сето ова се случува заради „економичните” експерименти на Тодоров.

Експерименти со кои се “штеди” и на квалитет, и на квантитет на инсулините. Ние сме во оваа сфера незапаметен европски пример каде што во името на некаква „економичност” се создаваат нови „правила” и „вредности” во третманот на, па наместо современи инсулини и помагала , ни се наметнуваат постари, ама поевтини! А, за останатите проблеми со кои се соочуваме, што попрво да се каже?! Дали да за евтините глукомери кои се од кинеско производство и кои не покажуваат точно?! Дали за тоа дека кај нас се увезуваат само игли со должина од 6мм за сите пациенти, додека во Европа постојат игли со должина од 4 мм, 6мм, 8мм, 10 мм?! Освен тоа, од инсулинската аптека ни даваат само 8-10 игли месечно за 150 инјектирања (5 пати на ден). Со тоа покрај сите останати проблеми, имаме и додатни финансиски издатоци и за иглите! Дали да се каже дека не се увезуваат ниту инсулински канили, барем за децата кои се изложени на липодистрофија (промена на дистрибуцијата на масното ткиво) заради честото боцкање, па родителите мораат сами да ги купуваат?! Дали да се каже дека за дијабетичарите со дијабетес тип 1, посебно за децата од внатрешноста, нема никаква едукација за тоа како да ја менаџираат болеста, што за нив е од исклучително значење?! Дали да зборуваме за тоа дека нема ниту психолози што би биле задолжени за дијабетичарите, посебно за младите во пубертет, кои покрај тоа што во тој осетлив период од животот имаат многу нерегулирана гликемија, туку се соочуваат и со низа психолошки проблеми, па дури и депресија?

Сè ова што се случува кај нас е директно загрозување на правото на пациентот, на неговото основно право на живот! Ова, по мое мислење е најтешката врста на дискриминација кон нас, пациентите, кои и онака сме дискриминирани со оваа тешка болест. Јас го уверувам министерот дека ваквите бирократски рестрикции не се во склад со Милениумските цели на Обединетите нации, ниту во склад со Декларацијата на СЗО (Светската Здравствена Организација) за здравјето на светската популација, ниту пак со Европската стратегија на СЗО, како ниту во склад со Европската стратегија за здравје и развој на децата и младите на СЗО. Овие заштеди од буџетот што ги прави министерот, со камата ќе стигнат на наплата кога за неколку години на ризичните групи на дијабетичари ќе им започнат компликациите како последица на несредената гликемија, а и веќе се почнати. Тие нема да ја носат личната трагедија тие самите, туку сето ова ќе има пошироки општествени и социјални импликации!

Во целата оваа Голгота во која со болен крик молиме за помош, никој не одговара! На нас се гледа само како на бројка која ќе се искористи за да се реализира уште еден криминален, криминал кој ние ќе го платиме со нашите животи! Ниту пак медиумите не посветуваат посебно внимание на овој проблем, некоја дебатна емисија во која ќе ја изложиме комплексноста на нашиот проблем. Ми останува само во моите долги и бессони ноќи да се прашувам дали станавме она општество кое со презир го опишуваше Балзак во своите дела? — „Општество кое извикува смрт за слабите, смрт за болните! И колку да е возвишена нечија несреќа, општеството успева да ја, па дури и да се подбива со неа. Верно на законот на себичноста, општеството е опсипано со суровост, суровост кон туѓата болка”!

Ели Секуловска,
членка на ЛД Солидарност