790x45012188453-1182991571715347-716573849-n

Teкстот е на Минка Бусулаџиќ, долгогодишна работничка во фабриката за детергенти ДИТА и поранешна претседателка на Штрајкувачкиот одбор во оваа фабрика.

Зошто?

Зошто? Штрајк, протести, демонстрации…Зошто бунт, незадоволство, зошто улични пароли? Илјада прашања зошто, но уште повеќе одговори затоа. Затоа што не сум од оние кои ја наведнуваат главата. Затоа што не ја сакам неправдата. Затоа што силно ја сакам својата земја. Затоа што сум безобразно упорна и кога нешто ќе започнам, ќе го доведам до крај. Затоа што сум се појака колку повеќе ме удираат. Не може да ме запре никаква уцена, закана, немам ореви во џебот, и не можат да ме поткупат.

Зошто ја сакам ДИТА и зошто се борам да опстане?

Право од училишната клупа дојдов во ДИТА. Млада и незрела, заедно растев и се развивав со ДИТА. Таа ме прехрануваше, ги образуваше моите деца и беше тука кога ми беше тешко. Во војната ги помагаше војската, граѓаните, бегалците….И наместо да ја величаме, славиме и да ја дигаме, на некого му падна на памет да ја уништи и убие. Да ја избрише. Поради што? Може таа и понатаму да образува други деца, да прехранува други семејства, да полни буџети, да издвојува за пензии, здравство, образование, да вработи млади, да ги тргне од улица и да ги врати од Афганистан. ДИТА може и мора и понатаму да работи на изградбата на оваа страдна земја.

Сите случувања во ДИТА, сакала не-сакала ги врзувам за крајот на војната. Тогаш ДИТА се уште беше успешна фирма која работеше, извезуваше и развиваше нови производи. Имавме редовни и пристојни плати. На чело на ДИТА беше голема жена – Мерџана Фишќа. Но на некого му пречеше и физички е исфрлена и исплукана од тогашните „доброчинители„ кои го смислија најцрното сценарио за своите многугодишни работни колеги. Луѓе кои работеле во ДИТА преку 30 години, поради туѓи интереси и партиски вождови почнаа со уништување и убиство на ДИТА. Сите бевме со слични години, имавме исти проблеми  и заедно ги решававме, созревавме заедно со ДИТА. Со години заедно и плачевме и се смеевме. Каков интерес имаа да ја уништат ДИТА и да ги погазат повеќегодишните пријателства, да го разорат она најсветото-семејствата на своите колеги, да убиваат и да прават инвалиди од луѓето? Тоа се се последици од уништувањето на ДИТА. Голем број на работници, како и јас самата, не се снајдоа во политиката, економијата, приватизацијата и беше лесно да не измамат. Ние израснавме во Титовата држава каде секој си ја работеше својата работа, каде луѓето се плашеа и од Бога и од законот. А каде сме сега? Луѓето веќе не се плашат од Бога затоа што замислиле дека тие се богови. Не се плашат од законот затоа што самите ги кројат накарадните закони како им одговара во дадениот момент. И истите тие закони не ги почитуваат. Во доцните 90-ти директорот на ДИТА го доби признанието на менаџер на годината, но тоа како да било дел од планот- почеток на уништувањето. Производството се повеќе стагнираше, а платите се повеќе доцнеа и ги имаше се помалку. Немаше вложување во нови производи. После неколку години слушнав како тогашниот директор јавно се покајал: „Ова не ни требаше„- рекол. Но беше доцна. Се веќе тргна надолу, полека ама сигурно. Новоизбраниот директор, управата и надзорниот одбор со лаги ги туркаа работниците во се поголема пропаст и не наговараа да се задолжуваме како би го откупиле државниот дел на капиталот, односно би купиле акции. А што знаевме ние што се акции, дивиденда или капитал? Го знаевме она кое со години го работевме: да правиме квалитетен прашак и чесно да ја заработуваме својата плата. Мислевме дека фабриката е наша. Како и порано да не била наша?!

Тоа беше трет пат да ја купуваме- во 70-тите ги враќавме кредитите откако почнала со работа, во 80-тите ги купувавме акциите на Марковиќ кои пак ги купувавме од државата која 1994 се што беше општествено го претвори во државно.

„Сега ќе тргнеме во производство и ќе биде подобро„- мислевме. Ама не! Тоа беше уште една измама. Џабе што се надевавме и влегувајќи од автобусот во фабриката, ги гледавме оџаците. Џабе што телефонски повикувавме од дома и прашувавме дали чади?! Тоа значеше дали работи? Дали ќе добиеме плата, топол оброк и регрес? Но се беше по старо. Многу малку се работеше. Се гушеа и производството и продажбата. Се лажеше дека нашите производи никој не ги сака. А пријателите, роднините, соседите и нашите сограѓани не запираа и не прашуваа зошто не работиме, зошто ги нема нашите квалитетни и препознатливи производи. Потоа се повтори истата приказна и истото сценарио како и порано- на ДИТА и требаа нови вложувања и за само една година, во период од 2004 до 2005, менаџментот подигна кредит од 8 милиони КМ, без билансна состојба, биланс на успехот и без следење на трошењето на средствата. За апсурдот да биде уште поголем, член на Надзорниот одбор на ДИТА беше и Маријанко Дивковиќ, директор на Хипо Алпе Адриа банка од која ДИТА го доби најголемиот дел од кредитот. Каде и кај кого завршија милионите, тоа само Господ и бандата го знаат. Во ДИТА сигурно не. Тогаш по втор пат почна хајката врз веќе избезумените работници. Моравме да ги продаваме своите акции за да ги задржиме своите работни места и егзистенцијата.

dita-tuzla-sindikat-24042015

Во тоа водечката улога ја презеде синдикатот. Подобро речено Ката Ивељиќ, претседателка на Независниот синдикат на хемија и неметали. Но за синдикатот подоцна.

Платите доцнеа, а работниците беа во кредити со кои се задолжија за да ги купат акциите. Дел од платата беше исплатуван преку банката, а дел во готово. Кога било, колку  имало, моравме да бидеме задоволни или да глумиме дека сме задоволни. Отплатата на кредитот на менаџментот беше под знак прашалник. Луѓето во менаџмнетот на ДИТА се задолжија по 100.000 марки. Тука нешто фалеше. Прашањето е дали нивните тогашни плати можеа да ја покријат сумата на ратата на кредитот?

Јас, не бев задоволна и уште тогаш почнав да го дигам гласот. „Директоре, поради тебе моите деца се гладни„- му зборував, а тој мене ми велеше: „Ако е поради мене, баш ми е мило„. Дали на таков одговор човек треба да остане пасивен, да не реагира, да не се побуни? Моите деца тогаш беа на факултет. Синот завршуваше студии по медицина, а ќерката почнуваше да студира градежништво. „Мамо, дај да прекинеме, па подоцна ќе продолжиме„- ми зборуваа свесни за ситуацијата. Но мојата родителска должност и обврска беа да ги образувам.

Во една од дискусиите со тогашниот директор, му го реков тоа. Неговиот коментар беше надвор од секоја памет: „Не треба сите деца факултетски да се образуваат, само одбраните„. А јас вриснав затоа што се чувствував понижена како родител и како човек и продолжив да се борам и за своите, но и за другите деца. Затоа денеска сум мајка на лекар кој е многу ценет и почитуван и мајка на градежен инжинер, полни со знаење и самодоверба.

Тоа беа многу тешки времиња за моето семејство-сопругот кој беше работник на СОДА на чекање, без плата како и јас и нашите две деца, чесни луѓе, добри студенти, вредни и омилени во друштвото. За состојбата да биде уште потешка останавме без станот кој сопругот го доби за време на војната како војник на армијата на БиХ. Бевме оставени на улица. Тогаш во ДИТА се делеа вратените станови, но критериумот беше подобноста. Се даваа и неповратни парични сретства од 10.000 марки. Некои добија дури и повеќе. Една од ретките која не доби 10.000 марки во готово туку во вредност на градежен материјал бев јас. Но ни тогаш не потклекнав. Со подигната глава и со чист образ продолжив понатаму и чекорев исправено. Ме тераа и ме убедуваа да ги продадам своите акции како и мнозинството од моите колеги. Но не сакав. Другарките ме гледаа и беа во чудо: „Минка, ти немаш ни врата ни прозорец на куќата„- но мојот одговор секогаш беше не. Тогаш веќе знаев што се акции затоа што нужноста ме научи.

Денеска имам и врата и прозорци на куќата, и свои акции и свој образ.

Така некогаш, во мај или јуни 2005 година се појави сараевската ЛОРА како спасител на ДИТА. Почна нешто да се работи. Платите беа како за кого, но мнозинството примаше минималец. Топлиот оброк во почетокот беше во готово и во бонови. Подоцна беше само во бонови. Вредноста на бонот за топлиот оброк беше пет и пол марки. Таа математика не ми беше добра. Во ресторанот имаше две менија-еден за дирекцијата, друг за работниците. Плаќавме со истите бонови, но не јадевме исто. Во втора и трета смена оброкот од четвртина леб, риба, паштета или месен нарезок и јогурт го  плаќавме пет и пол марки. За боновите можевме да купиме и намирници- еден бон чинеше литар масло или две конзерви риба, а шест бонови плаќавме за еден килограм сирење. За еден килограм сирење-33 марки!! Е, таа математика никако не ми одеше и тоа ми се чинеше како еден од начините да ги ограбуваат, омаловажуваат и потценуваат работниците. Не можев да гледам, а да не реагирам. Нешто тука ми смрдеше. Нешто не беше во ред. Видов дека се тапка во место, дека еден мал број на работници е задоволен, а еден поголем дел, воглавно производните работници, не е. Луѓето си одеа- како кој, некои во пензија, некои во други фирми, а некои во Афганистан. А никој не се вработуваше. Некои доаѓаа само на одредено, да одработат само како приправници. Единствено се вработија децата без родители, само неколку од нив, а не добиваа плата, иако хуманитарната организација Кораци наде (Чекори на надеж), по договор, се редовно им исплаќала. Имавме синдикат, но сите ја заборавија вистинската функција на синдикатот. Мислеа дека синдикатот е како оној кога се продаваа парчиња месо и се праќаа луѓето на море. Кога ја прашав претставничката на синдикатот на нашата работна единица што работат, зошто се играат со човечките животи, таа само ми одговори: „Па ете, биди ти наш претставник„. Така, во 2009 влегов во Извршниот одбор на синдикатот на ДИТА. И другите работни единици тогаш избраа свои нови претставници и со тоа почна нашата борба за работниците, за ДИТА и за државата. Сите овие години против себе го имаме и претседателот на Извршниот одбор на синдикато, Рамо Рамиќ. Замислил Рамо да биде како Тито-доживотен претседател. Иако беше високо квалификуван работник, туркајќи се низ синдикатот стана главен инжинер во одржување, откако другите инжинери беа избркани од ДИТА. Сите овие години против себе го имаме и гранскиот синдиката, управата на ДИТА, ресорното министерство, Кантоналната влада и останатите државни институции- даночната управа, инспекциите и институциите на правосудството.

Се заканувавме со штрајк неколку пати во 2009 година. Сопственикот и директорот ветија дека ќе биде подобро, не молеа да почекаме. Синдикатот се обидуваше да организира предупредувачки штрајк, но немаше доволно заинтересирани работници. Сакавме само да ги заработиме нашите плати, но без работа тие доцнеа. Ни даваа нешто како ситнурија, за да не смират. Сопственикот при крај на 2010 година рече дека банките не му даваат кредит и да почекаме до почетокот на следната година. Подоцна дознавме дека тој се изнадигал на кредити.

Првиот штрајк го закажавме за 24 август 2011 година. Уште тогаш ни должеа седум плати и 22 месеци пензиско и здравствено осигурување. Се до 2009 година се натегавме, повлечи-потегни и на 24 август 2011 започнавме со штрајк во согласност со Законот за штрајк. Температурите беа до 42 степени. Бевме во кругот на фабриката, помеѓу резервоарите, на отворено, секој ден од 7 до 15 часот. Со штрајкот стигнавме и до зимата и дури тогаш не пуштија во просториите на синдикатот. Секојдневно преговаравме со Управата, но придвижување немаше. Во тоа време го добивме договорот со кој ЛОРА стана сопственик на ДИТА. Тоа е документ од неколку страници кој еден ден го најдов на својата работна маса. Кога го прочитав договорот и им го покажав на правниците, сите рекоа дека тоа е чист криминал, дека сме измамени и ограбени затоа што од тој договор ништо не е испочитувано. Кога се формираше новата Кантонална влада очекувавме помош од нив и тоа што го ветуваа додека не ја освоија власта. Но со нив преку штрајк одевме чекор напред, три назад. И тие на сите можни начини се обидуваа да не скршат, „да не ебат и на носилки да не изнесат од фабриката„- како што нашата ситуација сликовито ја опиша Сеад Чаушевиќ тогашниот премиер на Владата на Тузланскиот кантон. Мнозинството незадоволни работници беа во штрајк, додека работниците на Службата за одржување само им пречеа, слушајќи ги инструкциите на својот раководител Рамо Рамиќ. Администрацијата беше со директорот и управата. Иако штрајкот беше законски, одреден број на работници беше во работна обврска за да го пакуваат прашокот кој беше донесен од Беохемија од Србија. Наместо да произведуваме, ние станавме пакерај.

 

tuzla-protest-slobodna-evropa

За време на траењето на овој штрајк, ги подигнав првите кривични пријави. Каде и да погледнеш во тоа време, беа плакати на кои пишуваше: „ПРИЈАВЕТЕ КРИМИНАЛ„. Мислев дека тогаш тргнаа работите, и пријавив, дадов документација, но фиоки на државната администрација има многу и целата таа документација убаво се оставаше на страна. МВР на ТК барем ја прими документацијата. Во СИПА отидов три пати, но дежурниот офицер ми рече дека инспекторите за стопански криминал се на терен и дека ќе ме викне кога ќе бидат слободни. И до ден денешен го чекам тој повик. За тоа колку тие работат, овде би требало мед и млеко да биде, а не овој јад и тага.

Штрајкот траеше до 19 март 2012 година кога гарант за придвижување на производството беше Жељко Кнежичек, министер за индустрија во Кантоналната влада. Извршниот одбор на синдикатот и штрајкачкиот одбор имаа две можности- да го замрзнат или да го прекинат штрајкот. Тогаш јас и уште еден член на штрајкачкиот одбор кој беше за замрзнување на штрајкот бевме надгласани и штрајкот после многу притисоци, лобирања и закани, беше прекинат. Телевизиските станици го одбележаа големиот ден кога ДИТА пак го почнала производството, но производството застана веднаш откако медиумите си отидоа. Се вративме на работа и глумевме дека нешто се работи. Мене ме преместија на ново работно место, во администрација. Тоа беше како некакво унапредување, но јас се чувствував казнета. Од големата лабораторија, ме преместија во канцеларија од десет квадратни метри. Ми дадоа работа на економист, а јас сум хемиски техничар. Ми дадоа компјутер, а јас не знам ни да го вклучам. Околу мене беше полно со регистри, а јас сама-ме уби досадата. И што можев освен да отворам регистри, да гледам и да не верувам на какви податоци наидував. Десетина работници во администрација продолжија редовно да работат, додека произведувачките работници биле дома, на годишен одмор- не се знае за која година или се на платено чекање. Видовме дека нема да оди на добро, па затоа баравме состанок со Управата. На состанокот пак ни ветија дека ќе биде подобро.

Така отпочна тивкиот бунт. Еден петок Рамо Рамиќ ми дојде во канцеларија и ми рече: „Харис (Харис Абдурахмановиќ сопственик на ЛОРА) вика да се состанеме некаде во градот, после 15 часот„. Мојот одговор веројатно не го очекуваше- „Со Харис можам да разговарам само во кругот на фабриката, пред 15 часот„. Секојдневното натегање траеше до почетокот на октомври 2012 година кога работниците, како и на почетокот на секој месец доаѓаа во фабриката, наидоа на зголемено обезбедување. Ни забранија да влеземе во фабриката. Неколку работници меѓу кои бев и јас, сакаа да влезат на сила. Еден од обезбедувачите застана пред мене фаќајќи се за пиштолот и ми рече дека Аднан Ѓидиќ, тогашниот директор, го забранил влегувањето.

„Како болан не можам да влезам, ова е мое, имам акции, овде работам 35 години„- му реков. Тогаш сфатив дека вредноста на моите акции не е материјална и оттогаш акциите ги користам како средство за понатамошна борба.

dita-radnice

 

 

Така почнаа протестите- останавме пред капијата и одлучивме да се бориме 24 часа. Тие не ни дадоа да влеземе во кругот, а ние не им дававме да излезат од фабриката. Во ДИТА тогаш немаше струја, вода, греење, ниту телефон. Поголемиот дел од 17 закупувачи на просториите на ДИТА поради тоа ја напуштија фабриката. Закупот кои тие го плаќаа заврши кај ЛОРА како таа да е единствен сопственик и како да нема други акционери. Дежуравме 24 часа. Дождовите и ветерот ни ги отежнуваа протестите и бевме принудени сами себе да си олесниме со тоа што изградивме шаторска населба и да се поделиме во две смени- жените преку ден, а мажите преку ноќ. Глад! Работниците на ДИТА немаа што да јадат дома, а уште помалку да понесат за во фабрика. Кога им се обративме на другите работници и на граѓаните на Тузла и ги замоливме за помош, храната почна да пристига. Граѓаните не посетуваа во знак на поддршка и ни носеа храна. Од самиот почеток на протестот редовно не посетуваше Неформална група на млади од Тузла, Леви и Револт. Беа со нас и кога живата во термометарот паѓаше на -15, ни носеа чај, кафе и топол оброк. На многу работници тоа им беше единствениот оброк. Бројни фирми почнаа да праќаат храна и парични средства, но ниедна фирма чии работници беа во синдикатот на хемија и неметали не испрати нешто. Се договоривме и пративме официјално барање за помош до членките на гранковиот синдикат. На нашето барање единствено одговорија од Соланата.

Мили Боже како претставниците на синдикалните организации не нападнаа и навредија кога од нив побаравме помош. Не обвинија дека тука сме нелегално, како бркаме некои свои интереси или интереси на некои тузлански тајкуни, а не ни помислија како е да живееш без плата, без здравствена книшка, без можности да отидеш во заработената пензија. На состанокот на Главниот одбор на Независниот синдикат на хемија и неметали на кој беа присутни и Исмет Бајрамовиќ, претседател на Сојузот на независни синдикати на БиХ и членови на Социјално-економскиот совет, сите, ама баш сите ме нападнаа, отруени од обвинувањата на Ката Ивељиќ. На тој состанок немавме право на одбрана.

Храна имаше доволно, благодарејќи на добрите луѓе и солидарноста на работниците од другите фирми. Ја делевме така што работниците имаа да однесат и дома, на жените и децата. Полесно беше да се дежура кога се знаеше дека домашните не им се гладни. Имаше работници кои поминуваа пешки повеќе од 20 километри. Ќе бидат тука неколку дена и ќе се вратат. Во тоа време беа и локалните избори. Мили Боже какви партии доаѓаа, не обиколуваа, ни ветуваа дека ќе ни ја решат состојбата и ни праќаа храна. Една партија не дојде- онаа социјалдемократската.

„Во име на Бога Јасмине (Јасмин Имамовиќ, претседател на општина Тузла и член на Главниот одбор на Социјалдемократската партија) устата ти е полна со твоите тузланчани„- му зборував. „Бевме со тебе кога ти требавме. Посети не кога ни требаш. Докажи колку ги сакаш своите тузланчани. Ние овде чуваме дел од Тузла за кој нашите браќа, сопрузи, синови ги дадоа животите, дали делови од телата. А што е сега? Гола зона на самракот. Твој и на другите е срамот кои мирно гледаат на нејзиното уништување и пропаѓање. Не можеме ништо, велат, а не се ни обиделе. Можете и тоа како. Може ако се сака„.

Подоцна повторно почнаа игри, почна да се зборува дека Беохемија е заинтересирана за ДИТА. Како да не била заинтересирана и порано, од 2005 година. Ги викаа работниците на ДИТА во посета на фабриката во Зрењанин, во обиколка на нивните погони и разговор за иднината. Јас одбив да одам и да разговарам без мнозинскиот сопственик, а тој не отиде. Автобус, полн со работници, воглавно оние кои беа дома и не беа на протестите, отидоа, и како отидоа така се вратија. Беа луѓе и од владата. А само неколку месеци порано, кога бев со делегација од Либија која беше заинтересирана за купување на акции и започнување на производство во ДИТА и во уште неколку тузлански фабрики, бевме во посета на Кантоналната влада, Игор Рајнер, советникот на премиерот ми рече дека фабриката не е наша, на работниците и дека ние не можеме да ја продаваме. Ги советуваше да му се обратат на сопственикот на ЛОРА. Како тој веќе да не му ја наменил фабриката на некој друг.

Се поотворено почна да се зборува за стечај. Бидејќи немаше никакви резултати од претходните тужби, заклучивме дека мораме да најдеме нов адвокат. Судот не работеше, како ни адвокатите кои не застапуваа. Харис Абдурахмановиќ поткупуваше се живо. Кога најдовме нов адвокат, на тужбата за неисплатените и за незаконско исплатените плати додадовме и тужба против ЛОРА за неисполнување на точките од Договорот за преземање на акциите, тужба против ДИТА за несовесно работење и тужба против Агенцијата за приватизација која не ги исполнила своите обврски. И тоа до ден денеска стои во судот. Не се мрднало од местото. Судиите, велат, имале многу работа. А зошто тогаш го укинаа Судот за здружената работа кој постоеше пред војната и на кој не требаше да се чека со години за пресуда?

За цело време на нашата борба сме под притисок да ги почитуваме законите, некаде случајно да не му згрешиме на законот затоа што знаеме дека тоа многумина го сакаат. Ги читав законите и ги прашував правниците само за да не згрешам. Кога тргнавме со нашата борба, им се обратив на работниците и им реков дека Бог ми е сведок дека чесно ќе работам. Ако во незнаењето згрешам, тие и Бог нека ми простат. Ако намерно направам нешто против овие добри луѓе, Бог нека ме казни!

Беше крај на декември. Нашиот протест траеше веќе три месеци. Работниците беа исцрпени од снегот и ладното. Од Кантоналната влада пак добивме глас дека Беохемија е заинтересирана да ја преземе ДИТА. Тешко е. Голем е притисокот и некои, не поради своја волја, се откажаа. Кога дојде делегацијата на Беохемија, преговарачкиот тим беше проширен со работници кои не беа во протестите. Владата така сакала. Група од 40 работници кои не беа на протестите и оние кои во меѓувреме се откажаа, се состанаа под раководство на Ката Ивељиќ  и донесоа едногласна одлука за прифаќање на Протоколот за соработка Беохемија-ДИТА. Секогаш можат да се најдат ситни и продадени души! Го прифатија протоколот кој беше напишан неколку дена подоцна. Секако дека бев против тој протокол. Сите медиуми тогаш ја објавија мојата изјава во која реков дека такво нешто може само луд, поткупен или уценет човек да потпише затоа што тој протокол освен три плати, ништо добро не и носеше на ДИТА. Но поради притисокот на работниците излеговме од протестот на 29 декември 2012 година.

Веќе на почетокот на 2013 година работниците пак беа во погоните-пуштена е струјата, водената пара, но нема греење затоа што испукале радијаторите. Фабриката беше запуштена додека бевме на сите тие јаки платени и неплатени отсуства. Беше нечиста, кровот пропушташе и смрдеше. Многу од фабриката беше искрадено, срушено, исечено, можеше само да се седне и да се плаче! Но вредните раце, чесната работничка волја и желба за работа многу брзо ја доведоа во ред. Работниците добија три плати и веднаш се почувствува расположение. Беа подготвени за нови работни победи. Едвај чекаа да почнат со производство и да ја заработуваат платата. Но ништо немаше од тоа. Пак продолживме по старо. Многу малку се произведуваше, воглавно се пакуваше за Беохемија, а и тоа кратко траеше. Огромен беше притисокот врз работниците – изживувања, вулгарности, понижување и пак враќање дома. Добивме само три плати и пак настапија незадоволството и стравот. Административните работници отворено им пристапија на производните, загрижени за судбината. Се прашувавме дали е искрено или наметнато? Не им верувавме премногу, но седнавме заедно и се договоривме. Видовме дека ѓаволот ја однел шегата и дека од оние јаки ветувања нема ништо. Дури и работниците кои без размислување беа за протоколот, прашуваа што ќе правиме.„Штрајк, секако„- им одговарам. Дали управата навистина мислела дека ние така лесно ќе се откажеме? На еден од претходните состаноци директорот стана и ми се обрати: „Во име на Бога жено од каде ти се толку снага и волја и понатаму да се бориш?„

dita-arix-070915-tw1024

Не знае тој дека колку повеќе ме удираат, плукаат, уценуваат и потценуваат, толку повеќе сум појака, побезобразна и поупорна. Често на своите деца им зборував дека во животот ќе наидат на многу препреки, стапици, проблеми, но тие препреки не се за да се застане, туку треба да се совладаат, и преминат, затоа што тие не ојачуваат. Мораме да бидеме упорни, храбри, чесни и истрајни и само така можеме да се надеваме на успех во животот. Низ животот ќе има падови, но мораме да се подигаме, да се бориме, да се зајакнуваме и само така можеме да очекуваме успех во животот.

Во средината на 2013 година пак стапивме во штрајк. Подолго време го чекавме, собиравме документи затоа што секој наш штрајк мораше да биде по Законот за штрајк. Управата го напушти кругот на фабриката и овој пат ситуацијата беше спротивна- тие не можеа да влезат внатре. Немаше струја, ниту греење. Канализацијата беше затната. Сите овие години некој сакаше од ДИТА да направи ХАК 1, ХАК 2 и Гумара- некогашни успешни фабрики кои се уништени и буквално срамнети со земја. Пак бевме 24 часа во кругот на фабриката затоа што моравме да ја чуваме од целосно уништување. Пак се поделивме во смени од по 12 часа. Сопственикот тоа не го очекуваше. Една од фирмите која беше закупувач на резервоарите на ДИТА преку закупот плаќаше струја за осветлување и за обезбедување. Во неколку наврати им даваше пакети со храна на работниците кои штрајуваа.

Тогаш почнавме да се собираме пред зградата на Кантоналната влада секој понеделник и среда во 9 часот. Некогаш не викаа на разговор, а најчесто не не викаа. На еден од разговорите Сеад Чаушевиќ ни рече: „Би го решил јас тоа ама не даваат од Сараево„.

„Па, болан?- му одговорив. Ние гласавме за тебе, те биравме. Ни вети подобро утре. Нас ни вети држава за човекот. Како болан можеш да одиш во Сараево и таму да прашаш како во Тузла ќе биде подобро и како ќе живееме? Излези пред овој напатен народ, нека ти каже тој како сака да живее. Откажи се болан од Шахбаз и неговата политика. Сврти се кон својот народ. Видиш болан дека сите се незадоволни. Не ни ги праќај децата во Афганистан. Не се тие воини, убијци, тие се економисти, правници, инжинери…Каде тие ќе работат ако ти го угасиш целото стопанство? Кој ќе ни заработи за нашите пензии ако сите тие отидат во белиот свет. Доста отидоа. Како болан ќе се лечиме кога здравствените фондови пропаѓаат, кога училиштата, универзитетите, не стојат и не се усовршуваат туку се уназадуваат. За што и за кого да се образуваат децата, како ќе ги учиш кога и самите се незадоволни?„

dita-dita_fb

Во последно време и тој почна да бега од нас. Не знае што веќе да лаже. Му се жалеве и на господинот Валентин Инцко. Тука е човекот да му помогне на овој народ, да ги натера државните институции да работат затоа што никој не работи или само го гледа својот интерес. Инспекторите за стопански криминал на МВР на ТК беа во ДИТА во 2012 година, со месеци собираа доказен материјал, а години ќе им требаат да го откријат она што на сите одамна ни било јасно. Во ДИТА се случува кражба и стопански криминал. На ДИТА и се собираат долгови, се одложува плаќање на данок и придонеси, а сопственикот на ЛОРА купува вили, јахти и авиони. Работниците немаат плати, не можат да се лечат, не можат да одат во пензија, а сите молчат. Наште кривични пријави стојат во фиоките на обвинителството, а тужбите во судот. Високиот судски и обвинителски совет секогаш е зафатен. Кога ќе бидат слободни, ќе го разгледаат оа што се случува околу ДИТА, но откако ни  одговорија на нашето барање, поминаа веќе две години.

И зборуваат дека правосудството е независно, дека не е политизирано? Дали Харис Абдурахмановиќ би можел да го прави ова што го прави ако нема некој да му го чува грбот? – се прашувам сите овие години.

На еден од состаноците во Обвинителството,обвинителот гледајќи ме во очи, ме праша што имам јас од тоа што тој ќе покрене кривични пријави против крадците. Не можев да верувам што зборува. Сатисфакцијата ќе биде тоа што ќе го запреме пљачкосувањето и тоа што луѓето кои краделе ќе одговараат. Тој тие работи мора подобро да ги знае од мене. Тоа не го знае, ама знае дека ДИТА не може да опстане на пазарот затоа што производите на ДИТА не се квалитетни. Во мојата прва кривична пријава не нашол елементи на кривично дело иако нашиот тогашен технички директор свесно го расипуваше квалитетот на рецептурата, правеше ѓубре и ги бркаше купувачите. Тој ист обвинител смета дека не постои кривично дело кога директорот на работниците им одбива од платите поради рата за кредитот, синдикална членарина и издвојување за фонд за посебни намени и не уплаќа таму каде што е наменето туку се си префрла кај себе. Би сакала да знам по кој закон тоа може да се работи и да се остане неказнет. Би сакала да сретнам некој кој се грижи и на кого му значи овој народ.

Секоја среда бевме пред зградата на Владата. Понекогаш одевме и пред Обвинителството или пред Даночната управа. Работниците беа се поисцрпени и психички и физички. Вработените во Кантоналната влада и во другите институции кои примаат плата и имаат здравствено и пензиско, од висина не гледаа, неретко со гадење и грубост коментираа: „Еве ги пак.„ Група работници самоницијативно одлучиле да штрајкуваат со глад пред зградата на Владата. Веќе е есен. Ладно е. Температурите се спуштаа под нулата, а работниците немаа со што да се заштитат од дождот. Издржаа уште неколку дена. На еден од нив му се слоши. Не се сеќавам кој ден беше, но беше после 3 часот наутро. Дали некој треба да умре? Да стане инвалид?  На тие што поминуваат поред нас не им е грижа. Целата држава е гладна, сите сме на работ на сиромаштијата, но за нив ние сме само статистика. Броеви. Работниците излегуваат од штрајкот со глад. Ги чуваат своите животи и своето достоинство. Ако треба да се умре, тоа ќе биде достоинствено. Ние на секого можеме да му погледнеме во очи затоа што не се криеме. Тие во Владата влегуваат со наведнати глави. Месеците летаат, а нема придвижување. Првото од нашите барања- почнување со производство, лично Сеад Чаушевиќ го пречкртал. Тоа секогаш во сите наши барања и разговори беше прва точка.

„Драги Боже, премногу не ставаш на искушување. Што толку ти згрешивме што волку не казнуваш? Колку треба да не исцрпат и скршат? Драги Боже, дај ни снага да не потклекнеме и да истраеме, помогни ни во нашата праведна борба. Ние не бараме многу, бараме да работиме, бараме корка леб.„

Среда е, пак тргнавме кон зградата на Владата. Дојде новиот министер за индустрија, прашавме дали ќе разговара со нас. Тоа декемвриско утро беше ладно и со ветер. Малку луѓе имаше на улиците. Со лесни чекори одев кон Владата. Размислував, што да кажам, како да реагирам ако пак не не примат. Што понатаму? Некаде на половина пат почувствував снеможеност и ме обли ладна пот. Ми се замати пред очите и одеднаш почувствував јака болка во градите. Следно на што се сеќавам се доктори со маски, боца со кислород. Трчаат и викаат, „Побрзо, ја губиме Не спиј! Отвори очи…„ Ми се враќа болката. Боже дали некогаш ќе престане?- мислам. Каде сум? Што ми прават? Не ми беше јасно. „Имавте јак инфаркт на миокардот, стигнавте на време, но сега мора да мирувате. Голем тромб се откачил и мораме да го следиме.„  Ми објасни еден од лекарите.

Го образував своето дете, доктор, да биде поред мене за не дај Боже. Долета со лекови, беше поред мене на почетокот, но мораше да се врати, отиде во домот во туѓина. Да лечи некои други луѓе. Отиде во туѓа земја каде секој си ја работи својата работа, каде го почитуваат човекот, каде нема штрајкови, каде постои закон, каде се почитува законот, каде крадците, криминалците и бандитите се таму каде што им е местото.

После се, лекарите ми советуваа лесни прошетки, книги, филмови…. нешто ново, нешто од почеток. Но јас лежев како билка. Ме болеа и срцето и душата што не бев со своите работници. Кришум ги повикував на телефон и ги прашував дали има движења. Една од средите, 29 јануари на своето семејство му реков дека одам на контрола, но отидов пред Владата. Останав многу кратко затоа што не се чувствував најдобро. Нешто ме притисна, некој немир. На половина пат до дома го сретнав сопругот, тажен и притиснат. Тргна по мене. „Знаеш….Минка, немој да одиш до нена (тоа е мојата мајка, стара 92 години). Знаеш….она само заспала, не страдала….се напила кафе, ни филџаните не се изладиле„- ми рече. Така прв пат поминав немо поред вратата на мајка ми. Немав сила да заплачам, в мене се умре, одумре или тоа јаките лекови проработија. Таа беше многу жива старица, 55 години беше вдовица со четири деца. Необразована, но храбра, сите свои деца ги извела на пат, подигнала и исхранила чесни луѓе, а никогаш никој не и тропнал на вратата.

Веќе следната среда морав да извршам некои верски обичаи, за душата на мојата мајка. Соседите, роднините и пријателите зборуваа како пред Владата е хаос. Полицијата тепала деца, демонстранти. Зборуваат дека имало многу луѓе и дека демонстрациите ќе продолжат во четврток. Ќе одам и јас. Моето семејство ме гледаа, не веруваа. Бев заедно со своите работници сите овие години, морам да бидам со нив во тие одлучувачки и тешки моменти.

Во четвртокот сопругот ме следеше во чекор. „Ајде одзади„- ми велеше. Но секогаш сум била напред. Душата сака, срцето не дава, ама лековите помагаат. Крадци, крадци…излезете надвор!!!- оддекнуваше. Фрлете ги штитовите! – луѓето им викаа на полицајците. А тие фрлаа солзавец и со палките удираа по нашите деца, удираа по гладните, удираа по чесните, удираа луѓе кои бараат работа и корка леб. Се бараше оставка на Владата, но никој од силните и храбри не смееше да излезе пред луѓето и да им се обрати. Специјалците цел ден растеруваа демонстранти.

Во петок, во 12 часот пак бевме таму, околу нас беа деца со маски. Доаѓаа колони луѓе од сите страни…1000, 2000, 5000, 10.000 луѓе, веќе не се брои. Сообраќајот е целосно блокиран, бројот на телевизиските известувачи е огромен. Добив порака од Сеад Чаушевиќ. Не викаше да седнеме и да разговараме. Но веќе не беа во прашање само работниците на ДИТА. Имаше многу деца, студенти, невработени. „Излези и понуди им нешто„- му одговорив. Не излезе, немаше што да понуди. Тој ден луѓето за прв пат ја зедоа судбината во свои раце. Знаеја дека никој ништо нема да направи, освен самите тие. Во еден момент од луѓето излезе она што со години се собирало и седело некаде на дното на душата. Целиот очај и бес испливаа на површина. Кога на работниците на ДИТА и другите фирми им се придружија учениците, студентите, невработените, пензионерите, незадоволните, Владата даде оставка.

Доцна тој ден луѓето кои ги знаев од одамна, кои беа со нас во текот на нашата борба, ме повикаа во Куќата на пламенот на мирот. Се собраа околу нас околу 20-тина луѓе. Јас бев најстара. Сите останати беа млади и образовани деца. Така настана Пленумот.

131007111

Зошто Пленум? Затоа што во него беа чесни, образувани деца-деца кои ги познавав, кои не следеа за целото време додека се боревме за ДИТА, за спас на работните места, деца на кои им верував, упорни, паметни, истрајни, бестрашни. Додека специјалицте мавтаа со палките и солзавецот, тие мавтаа со каранфилите и свеќите. Достоинствено, како што и  ние работниците научивме да мавтаме. Затоа што нема лидери, нема повластени, секој има право на глас, секој има право да го изнесе својот проблем.

Од февруарските протести се изроди и Синдикатот на солидарноста. Зошто Синдикат на солидарноста?

Еден од водечките виновници за состојбата на стопанството секако се и синдикатите кои ни во еден момент не застана поред работниците и не ја поддржуваа рабоничката борба. Дури се оградија од февруарските случувања. Ќе ми треба многу долго време да зборувам за криминалот во синдикатите кои ги штитеа интересите на власта и на работодавачите. Само една од ситуациите која ми остана во сеќавање е состанокот во 2010 година на кој присуствуваше и Ката Ивељиќ. Се разговараше за платите кои ни ги должеа. Управата ни вети дека ќе ги исплати трите заостанати плати, но под услов да ни издадат нови решенија за работа, да прифатиме минимални плати кои и до тогаш беа бедни. Ката Ивељиќ како претседателка на гранскиот синдикат за тоа ја даде својата согласност. Ги предупредив своите колеги ништо да не потпишуваат што се покажа исправно затоа што новите решенија за работа беа на одредено време од шест месеци. Значи, да потпишевме, после 6 месеци веројатно ќе останевме без своите работни места.

Само треба да се прочита нацртот на новиот Закон за работа и ќе ви биде јасно на која страна е синдикатот кој активно учествуваше во пишувањето на законот. Во државата владее тотален хаос. Стопанството пропаѓа, 64 проценти е невработеноста, стечаите траат до 15 години додека не се продаде целиот имот и не се подмират стечајните управници, банките и државата. Така стечајот обично значи и ликвидација. Единствени губиници секогаш се работниците. Синдикатите молчат. Луѓето не им веруваат, не знаат на што ги трошат со години собираните пари за членарина. За последните пет години колку се бориме за ДИТА и за нашите работници, од гранскиот синдикат добивме помош од вредност од околу 10.000 марки што беше полугодишна членарина која ја плаќавме. А каде се средствата кои со години се издвојувани? Кога е планирано уништувањето и слабеењето на индустријата и стопанството, прво се разединети работниците, раситнет синдикатот, наместо да се обедини, да ги зацврсти работниците и да се одвои од влијанието на државата.

Зошто Синдикат на солидарноста? Затоа што го основаа работници. Затоа што членовите на новиот синдикат цело време беа со работниците, ги поддржуваа, како работниците на ДИТА, така  и работниците на останатите уништени фирми. Во нивното членство имаат пристап сите, без разлика дали можат да одвојуваат за членарина, без разлика дали  се ученици, студенти, незадоволни работници или незадоволни пензионери.

На крајот се најдов на изборната листа на Комунистичката партија. Зошто Комунистичката партија?

Затоа што 2014 е година на избори, и прашање е за кого ќе се гласа. Веќе 20 години ги гледаме истите луѓе и истата политика и се подлабоко пропаѓаме. При крај на 2012 година пратив допис до Кантоналното собрание, законодавна институција чија должност е да ја надгледува работата на Владата. Ми одговорија после една година. Им требало една година да ги стават на дневен ред ДИТА и стопанството на ТК. На таа седница сите се согласиле дека стопанството е во катастрофална состојба. Бев на уште неколку седници, излегував на собраниска говорница неколку пати, молев, барав и предупредував. Ги гледав собраниските пратеници во очи и гледав дека само неколку од нив се заитересирани додека мнозинството е потполно незаинтересирано и пасивно. А од нив зависат илјадници животи, работни места и опстанокот на оваа земја.

Затоа прифатив да се најдам на листата за Кантоналното собрание, пред Комунистичката партија, не пред некоја демократска, затоа што демократија никогаш немало помалку. Зошто Комунистичка партија? Зборуваат дека Комунистичката партија значи едноумие. Но зарем не се покажа колку овие партии се безумни. Порано немавме на плоштадите и на влезовите од маркетите сандачиња за помош за лечење. Сите имаа право на лечење, а сега болните знаат половина од својата заработувачка да ја остават на лекови. Порано сите имаа право да се образуваат, а сега сакаат тоа право да го имаат само привилегираните.

Човекот зад себе треба да остави нешто добро, нешто по што ќе го паметат. Често ги прашувам луѓето: „Утре детето, внучето ќе те праша што си направил за Тузла, за земјата во оние тешки времиња? И што ќе одговориш? Ќе ја кажеш вистината- ништо.

 Преведила: Соња Стојадиновиќ