zdravko1

Нашиот другар и долгогодишен соборец, Здравко Савески, утрово беше уапсен поради активно учество во протестите кои избија по срамната аболиција на корумпираните политички елити! Бараме негово итно и безусловно ослободување, и стопирање на сите обиди за нови притворувања! Не застануваме сѐ додека и последното ќоше, од Владата, Собранието, министерствата, универзитетите, до свеста на сите наши сограѓанки и сограѓани не е ослободено од насилните фашистички методи на оваа власт!

Здравко, денес член на президиумот на партијата Левица, е еден од најпосветените и најзаслужните борци за социјална правда. Тој неуморно беше на улиците од самиот почеток на современиот левичарски активизам во Македонија во 2007 година. Освен него, на мета се и останати членови на раководните органи на Левица, но и многу останати непартиски и (не)левичарски активст(к)и. Овие случувања, затоа претставуваат сериозен удар врз демократските сили во Македонија воедно откривајќи го бруталното лице на режимот!

Вината на Здравко е што храбро, искрено и неуморно стоеше и ќе стои во борба за социјална правда, слобода и еднаквост. Ако е виновен тој, тогаш подеднакво виновни сме и сите ние кои протестираме секојдневно. Виновни сме затоа што како и него веруваме во подобро, поправедно, вистински демократско општество, и се бориме за истото!

Апсењето на Здравко нема да нè уплаши, ниту замолчи. Напротив, само ќе нè охрабри! Ќе продолжиме да се бориме за општество подобро од сегашновто во кое се аболицираат криминални политичари, а апсат демонстранти заради нивната борба за заедничко добро. Здравко и сите политички затвореници, и сите граѓанки и граѓани многу скоро ќе бидат слободни! Ќе се избориме за општество, во кое правото нема да биде оружје во рацете на криминалци/ки, со кое ги уценуваат и заплашуваат граѓан(к)ите. Ќе се избориме за општество во кое нема да умираат болни деца, додека криминални банди го пљачкосуваат она што ни припаѓа заеднички на сите. Сакаме да живееме, и сакаме сите наши сограѓани и сограѓанки да живеат во солидарно, здружено и општество на еднакви можности за сите, и ако треба сите ќе одиме во затвор за таа идеја! Можете да нѐ апсите, да нѐ тепате, да нѐ бркате, но никогаш нема да нѐ запрете.

Во меѓувреме, сите сме виновни. На фашистичката власт и’ порачуваме: дојдете и уапсете нѐ на протестите низ цела Македонија! На нашите соборци и соборки им порачуваме: се гледаме секој ден со уште поголема енергичност и истрајност во борбата! Нема правда, нема мир!

МОЖЕТЕ ДА ГИ СКИНЕТЕ СИТЕ ЦВЕЌИЊА, НО НЕ МОЖЕТЕ ДА ЈА СОПРЕТЕ ПРОЛЕТТА! #ПРОТЕСТИРАМ!