(Предавање одржано на Автономната зона на ФЕИТ/ФИНКИ/МФ на 23 февруари 2015, и на Автономната зона на ФЗФ/ФЛФ, на 24 февруари 2015)

Тука сум за да ви раскажам една приказна. Беше еднаш една земја… Која се распадна. Од неа настанаа неколку. Првата од нив во првите две години по распадот имаше пад на економската благосостојба, мерена преку реалниот бруто домашен производ по глава на жител (БДП), од околу 15%. По овој пад, економијата почна да расте со стабилна стапка наредните 15 години, заради што порасна двојно. Нивото на развој од пред распадот го достигна веќе во 1996. Моментално, земјата има БДП по глава на жител од околу 25.000 меѓународни долари, со што спаѓа во групата земји со висок доход (Графикон 1).

Втората земја исто така имаше пад на економската благосостојба по распадот, со таа разлика што падот беше подолготраен (5 години) и подлабок (20%). По падот, и нејзината економија почна да расте со стабилна стапка, но многу побавно. Нивото на развој од пред распадот го достигна дури во 2007, а моментално, БДП по глава на жител изнесува околу 9.000 меѓународни долари (Графикон 2).

Да се вратиме на првата земја и да видиме како се движела нееднаквоста во примањата на луѓето во неа за истото ова време. Нееднаквоста, мерена преку Џини коефициентот, нагло пораснала во раната транзиција, по што продолжила да расте, но со забавено темпо. Некаде околу 2000 година нееднаквоста почнала да паѓа, заради што денеска Џини коефициентот изнесува околу 24, што е едно од најниските нивоа во Европа (Графикон 1).

Графикон 1 – Економски развој и економска нееднаквост во земја 1
1

Во втората земја, нееднаквоста исто така нагло пораснала во раната транзиција, по што продолжила да расте со стабилна стапка, цело време. Моментално Џини коефициентот изнесува околу 43, што е највисоко ниво во Европа.

Графикон 2 – Економски развој и економска нееднаквост во земја 2
2

Кај првата земја, ако ги прикажеме на ист графикон БДП и Џини еден спроти друг (Графикон 3), ќе видиме дека врската меѓу нив е параболична – на почетокот, како што расте БДП, расте и нееднаквоста. По некое ниво на БДП, економскиот раст почнува да ја намалува нееднаквоста. Ова е таканаречената Кузнецова крива, која Нобеловецот Сајмон Кузнец ја предлага во 1956 година.

Графикон 3 – БДП и Џини еден наспроти друг во земја 1 (БДП – хоризонтална осна, Џини – вертикална оска)
3

Во втората земја, пак, врската помеѓу економскиот развој и нееднаквоста не е параболична, туку линеарна – нееднаквоста расте паралелно со економскиот раст (Графикон 4). Кај оваа земја нема Кузнецова крива, т.е. економскиот развој никогаш не води до пад на нееднаквоста.

Графикон 4 – БДП и Џини еден наспроти друг во земја 2 (БДП – хоризонтална осна, Џини – вертикална оска)
4

Првата земја има релативно висока регулација на пазарот на труд, слично како Германија. Има минимална плата уште од 1999, која е поставена на околу 70-75% од просечната плата. Има изразено прогресивен данок на доход кој се движи од 16% за оние со најниски примања, до 50%, за оние со примања повисоки од околу 5.500 евра месечно.

Втората земја има релативно ниска регулација на пазарот на труд, нешто како Англија. Минималната плата во неа е воведена дури во 2012, и е поставена на околу 40% од просечната плата. Има „рамен“ данок на доход, кој изнесува 10%, и за оние со примања од 9.000 денари месечно, и за оние со примања од 80.000 евра месечно.

Првата земја е – Словенија.

Втората земја е – Македонија.

Наравоучение од приказнава – за да има економски раст, и за тој да биде рамномерно распределен, не треба да има доминација на сопствениците на капиталот врз работниците. Дополнително, државата треба да биде ефикасна во прераспределбата на доходот.

Но, бидејќи вие не сте деца и не верувате во евтини приказни, то ест добро ја знаете разликата помеѓу корелацијата и каузалноста, ќе треба малку повеќе да се потрудам за да ве убедам дека навистина е вака.

Назад во реалноста. Да ја погледнеме доходовната нееднаквост во Македонија во овој период низ друга призма, низ призма на доходот кој им припаѓа на најбогатите 1% од граѓаните (Графикон 5). Учеството на најбогатите 1% од популацијата во вкупниот доход во 1990 изнесувало околу 4,5%. Во раните транзициски години тоа скока на 6%, за во наредните години, сè до 2005, да се стабилизира на околу 5%. Потоа, почнувајќи од 2006 ова учество драстично се зголемува, и во 2010 достигнува 12%. Ова е трето највисоко ниво во Европа, по Англија и Германија, кои имаат учество од 13%. За споредба, во Србија, Хрватска и Словенија ова учество е околу 6%.

Графикон 5 – Учество во доходот на најбогатите 1% во Македонија
5

Доколку вкупниот доход во Македонија се подели на доход кој завршува кај плебсот (обичните 99% од граѓаните) и кај патријците (најбогатите 1%) може да се забележи дека доходот на плебсот сиот овој период расте со некоја скромна стапка од околу 0.5% годишно, додека доходот на патријците расте просечно со стапка од 7%. Разликите особено доаѓаат до израз по 2005, кога доходот на патријците трикратно се зголемува во рок од 5 години, додека доходот на плебсот се зголемува за вкупно 20% (Графикон 6).

Графикон 6 – Доход на најбогатите 1% и останатите 99% во Македонија
6

За да се разбере подобро овој раст на нееднаквоста по 2005, треба да се согледа потемелно економскиот раст во овој период. Можно е растот на нееднаквоста да е затоа што економскиот раст е сконцентриран во дејности кои имаат повисоки плати од просечните. Можно е да има и раст на дисперзираноста на платите во дејностите во кои е сконцентриран растот. Можно е и растот да завршува, наместо кај вработените, кај сопствениците на капиталот, кои по правило имаат повисоки просечни доходи. Ајде да ги разгледаме овие три хипотези.

Растот помеѓу 2005 и 2010 скоро целосно е сконцентриран во три дејности – градежништвото, трговијата и телекомуникациите. Трговијата и градежништвото имаат плати пониски од просечните. Само телекомуникациите имаат повисоки плати од просечните. Значи, малку е веројатно растот на нееднаквоста да е затоа што економскиот раст е сконцентриран во дејности со повисоки плати. Слично, не се забележува раст на дисперзираноста на платите во овие три дејности во периодот 2005-2010. Така, учеството на фирмите со распон на плати помеѓу 1 и 1.9 (фирми со мала дисперзираност) во 2005 во трговијата, градежништвото и комуникациите било 69%, 56% и 80%. Во 2010, ова учество пораснало во сите три дејности, на 78%, 66% и 85%. Следствено, ни второто можно објаснување, дека економскиот раст е сконцентриран во дејности во кои има раст на дисперзираноста на платите, не се потврдува со податоците.

Конечно, ако растот го декомпонираме на дел кој завршува кај вработените и на дел кој завршува кај сопствениците на капиталот, може да се забележи следното. Вкупните исплатени плати во трговијата и комуникациите помеѓу 2010 и 2005 пораснале за 42%. Во градежништвото, пораснале за 32%. Растот на профитите во истиот овој период бил повисок – вкупните профити на сопствениците во трговијата и комуникациите пораснале за 51%, а во градежништвото, за 82%. Со оглед на тоа што профитите завршуваат во рацете на помал број на луѓе и се повисоки во просек, може да се каже дека ова навистина довело до пораст на нееднаквоста.

Значи, би можело да се заклучи дека економскиот раст е „зграпчен“ од страна на сопствениците на капиталот. Зошто се случува ова? Затоа што во истиот овој период се забележува намалување на регулираноста на пазарот на труд, односно намалување на работничките права. Така, индексот на регулација на пазарот на труд во 2005 година, според извештајот за економски слободи во светот, изнесувал околу 6, што е релативно високо ниво на регулација, слично како во Франција и Германија. Во 2010 година, овој индекс достигнал 8, што е релативно ниско ниво на регулација, слично како во Англија.

Каква е улогата на државата во приказнава? Државата треба да го редистрибуира доходот, од оние кои заработуваат повеќе, на оние кои заработуваат помалку, затоа што нееднаквоста е штетна. Како Робин Худ. Но, државата во Македонија не наликува многу на Робин Худ. Редистрибуцијата во Македонија, мерена преку разликата помеѓу пазарната и финалната нееднаквост, е многу ниска. Во 2010, таа изнесувала околу 10% (пазарниот Џини во 2010 бил 49; финалниот – 43). Во истото ова време, во Словенија редистрибуцијата изнесувала околу 30%. Доколку Македонија има редистрибуција како Словенија, Џини коефициентот во Македонија би бил околу 35, што би било на ниво на европскиот просек.

Зошто државата толку малку редистрибуира во Македонија? Првата причина лежи во регресивниот даночен систем. Македонија, како што е добро познато, има „рамен“ данок на доход, заради кој и тие со пониски и тие со повисоки доходи плаќаат данок од 10%. Но, Македонија исто така има и минимална и максимална основица за пресметка на социјалните придонеси, заради што оние со плати пониски од просечната, плаќаат придонеси на просечната плата, а оние со плати повисоки од шест просечни плати, плаќаат придонеси на шест просечни плати (максималната основица е укината во 2015). Ова практично значи дека некој со плата од 10.000 денари, на државата ѝ плаќа вкупни давачки од околу 40%, додека некој со плата од 80.000 евра (колку што изнесувала највисоката плата во Македонија во 2012 година), на државата ѝ плаќа вкупни давачки од околу 11%.

Втората причина за ниската редистрибуција лежи во системот на социјална заштита. Во Македонија, максималната социјална помош за четиричлено семејство изнесува околу 5.200 денари месечно, односно, околу 40 денари дневно, по лице. Заради ова, според податоците на Светска Банка, дури 180.000 лица во Македонија (9% од населението) живеат со помалку од 40 денари на ден (2 долари, корегирани за куповната моќ), што е убедливо највисоката стапка на сиромаштија во Европа. Но,социјалната помош не е само ниска. Таа е и лошо таргетирана. Така, најсиромашните 10% од семејствата во Македонија во 2010 година добивале само 50% повеќе социјална помош од најбогатите 10% од семејствата – првите во просек добивале околу 9.200 денари месечно по основ на социјално осигурување, додека вторите, околу 6.300 денари.

Веќе слушам некој како вели – ова се однесува на 2010 година, веднаш по глобалната економска криза. Работите сигурно се смениле оттогаш… Ајде да видиме дали навистина се смениле. Ајде да го разгледаме економскиот раст од 2010 наваму. Растот во периодот 2010-2013 главно е движен од градежништвото (заради Скопје 2014) и индустријата (заради странските фирми во индустриските зони). Во градежништвото, вкупните средствата кои завршуваат кај работниците во овој период пораснале за 15%. Во индустријата, само за 3%. Во истото ова време, профитите на сопствениците на капиталот во градежништвото пораснале за 54%, а во индустријата – за 83%. Значи, од градежната експанзија финансирана од државата, и од силните странски инвестиции во индистриските зони, работниците имаат многу мала корист. Шлагот завршува во рацете на малкумина кои ги поседуваат фирмите. Паралелно со ова, помеѓу 2010 и 2013 има влошување и во таргетираноста на социјалната помош – кај првиот децил средствата од социјална помош пораснале за 1000 денари, кај последниот, за 3000, заради што двете скоро да се изедначиле. Значи, нееднаквоста веројатно продолжила да расте и помеѓу 2010 и 2013.

И, тука сме некаде на крајот на оваа приказна. Ако успеав да ве убедам во тоа дека нееднаквоста во Македонија расте заради ниската регулација на пазарот на труд, заради лошиот даночен систем и заради ниската и лошо таргетирана социјална помош, она што ми преостанува е – да ѝ дадеме име на приказнава. Да бидам искрен со вас, приказнава не ја напишав јас. Приказнава, пред 10-15 години, ја напишаа двајца врвни економисти, Дарон Аџемоглу и Џејмс Робинсон. Трудот во кој ја објавија е насловен „Политичката економија на Кузнецовата крива“. Главната порака од приказната е дека растот не ја намалува нееднаквоста сам по себе, како што тврдеше Кузнец, туку дека за да се намали нееднаквоста, потребни се редистрибутивни институции. Елитите воспоставуваат вакви институции само под притисок, а притисокот доаѓа од социјалната мобилизација на граѓаните. Ако мобилизираноста е ниска, исходот обично е „автократска катастрофа“, т.е. низок раст и висока нееднаквост, како што имаше Македонија до сега. Ако мобилизацијата е висока, исходот е висок раст и ниска нееднаквост, како што има Словенија, или Шведска. Гледајќи што се случува последниве месеци во Македонија, со маршовите, протестите и автономните зони, би завршил со – ЌЕ ПОБЕДИМЕ!

Бранимир Јовановиќ, економски истражувач и член на ЛД „Солидарост“

cropped-header631