УПОЗ штрајкСООПШТЕНИЕ

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права даваат целосна поддршка на штрајкот на вработените во судската администрација организиран од страна на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) и Здружението на судска администрација.

Со штрајкот, кој трае веќе 11 дена, вработените го искажуваат своето незадоволство од игнорантскиот однос на Министерството за правда и Судскиот буџетски совет кон барањата содржани во предлог-спогодбата што им беше доставена од страна УПОЗ. Во предлог-спогодбата меѓу другото е содржано и барањето на штрајкувачите за добивање додатоци на плата од 35%, како што тоа го добиле судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, со што би се отстранила евидентната дискриминација на судските службеници во однос на судиите и јавнообвинителските службеници.

Исто така, потписниците на Повелбата за солидарност најостро ги осудуваат притисоците врз штрајкувачите, а пред сè изготвувањето списоци на вработени кои штрајкуваат со намера да се заплашат вработените, да се разбие единството штрајкувачите, а со конечна цел штрајкот да запре.

– Потписниците на Повелбата за солидарност:

Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС) , Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ ), Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Левичарско движење СОЛИДАРНОСТ, Движење за социјална правда ЛЕНКА, Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Мултиетнички синдикат на образование (МЕСО), Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Независен академски синдикат (НАкС) и Младинска организација МУГРА