Студентите се активен чинител во општеството. Тие имаат одговорност кон општеството. Студентот е дел од општеството, со тоа и дел од сите релации коишто на посреден или непосреден начин го допираат. Студентот како човечко суштество, е последица на општествени релации кои многу често се комплексни, нејасни, испреплетени. Тие преплетувања значат и преплетувања на општествените чинители кои според бројот се многу, а истите својата реализација ја постигнуваат низ политиката и политичките институции. Политиката како елемент неразградлив од човековото суштествување, а со тоа и од животот на студентот, претставува инстанца којашто го создава општествениот реалитет.

Студентот суштествува во рамки на тој реалитет, го гради својот идентитет, функционира согласно приликите и вредностите причинети и сочинети од амбиентот создаван од политиката. Како што политиката ја создава климата и условите на високото образование, така политиката ја создава и климата и условите на секојдневниот живот. Студентот како дел од секојдневието, секоја промена на ритамот на секојдневието значи промена и за ритамот и условите на студентот. Промената на ритамот и условите на студентот значат и промена на капацитетот на изградба на личноста на студентот. Со што доколку создавањето на услови коишто ќе дадат стимул студентот да се изгради во свесна и проактивна личност е корисен чин. Тогаш создавањето на услови во општеството коишто ќе одат во спротивна насока на градење на младиот човек во општеството (студентите), односно ќе создаваат своевидни опструкции во развитокот на една индивидуа (студентот) претставува штетен чин. Истото може да се примени и на образованието како лулка на човековата култура и знаење. Со тоа Студентот има задача да пркоси на секоја неправда и злоупотреба на чинителите на неговиот интегритет и иднина.

10814236_10202260686958902_2084995573_n (1)

Тоа не наведува да заклучиме дека сѐ што се случува во едно општество претставува политички чин. Политички чин претставува и предлог законот (реформата) на високото образование, против која студентите и средношколците едногласно протестираа и категорично ја отфрлија таквата реформа. Меѓутоа, политички чин претставува и измените на Ззаконот за придонеси од задолжително социјално осигурување на Владата на Република Македонија. Со менување на законот за придонеси, голем број на студенти ќе бидат на удар на овој закон, со што маката на тие студенти коишто работат на договор на дело и добиваат некакви си симболични хонорари ќе се зголеми. Покрај драматично лошиот стандард и социјална положба на многу студенти и во услови на голема невработеност и тешко доаѓање до работа и хонорар, овие измени ќе ги докусурат студентите со дополнителни плаќања кон државата. Додека истите (студентите) се заборавени од истата таа држава.

Но, дури и доколку некои од студентите не се лично засегнати од законот, сигурно познаваат некој којшто им е близок којшто е засегнат, па во духот на солидарноста тие би се солидаризирале со нивните блиски. Опсегот на политиката е широк до онаму, до каде што е опсегот на односите на човекот во општеството. Дури и доколку човекот нема зададени и јасни интереси во некој однос, дури и тогаш има одговорност да се грижи за правото на оној чијшто интерес е насочен во тој правец и тоа право да го брани, доколку се јави потреба, да го брани со сите расположливи средства. Не само на реформите коишто се однесуваат на високото образование, не само на измените на законот за придонеси, туку на сите општествени и политички промени студентите треба да носат одговорност и да протестираат против истите доколку тие не се во согласност со нивните интереси и компатибилни со вредностите коишто истите тие ги артикулираат. Студентите се оние коишто треба да бидат консултирани како дел од јавноста и како категорија на граѓани засегнати со сите промени во општеството. Гласот на студентите претставува интегрален дел до гласот на јавноста којашто задолжително треба да се сослуша, да се земе предвид и врз база на тоа да се гради иднина.

Студентскиот Пленум го поддржува протестот против измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се солидаризира со сите засегнати и се спротивставува на секаква форма на неправда.

Линк до настанот по повод Протестот против законските измени за плаќање придонеси за хонорарците.

Автор:
Мариглен Демири