Рударска дупка за ситни бизниси и загадување


На 23 април оваа година граѓаните на Гевгелија излегоа на референдум и гласаа против отворање на рудник на злато во близина на градот. Излезноста од 97% на граѓаните покажа дека нивото на свеста за здрава околина е повисоко од ситните ветувања за некакви си вработувања во рудникот. Ист случај на отворање на рудник за таканаречен катоден бакар се развива и во Валандово. Забуните што се прават во медиумите за таканаречениот катоден бакар мора да се разјаснат. Бакарот во природните наоѓалишта не постои како катоден бакар туку како бакарна руда. Катодниот бакар се добива со екстракција од рудата во топилница преку многу технолошко хемиски процеси. Другите забуни и нетранспарентни процеси на издавање концесија и неинформирање на граѓаните ги зголемуваат нервозите и недовербата кон институциите. Веќе бившиот заменик министер за економија Кристијан Делев тврдеше дека кај Коњско, во околината на Гевгелија се вршат алувијални површински истражувања кои до сега донеле резултат дека има 2 грама на злато по тон ископана руда. Исплатливоста за ископување на злато во светските рударски стандарди за една долгорочна инвестиција не смее да биде помала од 9 грама злато по тон ископана руда. Системот на вадење на златото вклучува користење на цијанид што ќе донесе неописиви  загадувања на околината и уништување на 29 квадратни километри шума и земјиште. Ако напоменеме дека во близина на градот се наоѓаат Негорските бањи и скијачкиот центар Кожуф, штетата ќе биде уште поголема.

Украинската фирма Сардич МЦ која ја има концесијата за рудникот Казандол кај Валандово тврди дека се уште не е отворен. Но тие веќе градат базени за сулфурна киселина која се користи за екстракција на бакарот од рудата. Оваа фирма тврди дека наоѓалиштето има 33 милиони тони рудно богатство и дека е погодно за експлоатација за следните 20 години. Но никој не кажува како земјиштето ќе се деконтаминира после тие 20 години експлоатација. Се во околината на Валандово ќе биде уништено, а земјиштето од кое живеат жителите и произведуваат калинки, грозје и јапонски јаболка ќе биде неповратно загадено како и подземните води. Инвестицијата вреди 35 милиони евра, според тврдењата на концесионерот, а тие би вработиле 100 луѓе. Прашање е дали тие вработувања и таа инвестиција за 20 години, вреди во споредба со загадувањето кое ќе се донесе со ископувањето на бакарната руда.

Најеклатантен пример за степенот на загадување од рудник за бакар во соседството може да се види во градот Бор, на исток на Србија. Градот е комплетно сив и загаден. Следна информација во редот на многуте кои побудуваат револт и сомнежи за ваквите инвестиции во Македонија е и процентот кој државата би го добила од концесионерите. А тоа се само 2%. Овој процент по рударска инвестиција се практикува во рудниците во Јужна Африка каде се работи во субстандардни услови и не се внимава на заштита на околината од загадувањето.

Дали сме ние следната Јужна Африка?

Текстот е на Соња Стојадинович и е оригинално објавен на Lupiga.