Ромoфобија. Последниот вид на прифатлив расизам?

Текстот e на Aidan McGarry и е првенствено објавен на politicalcritique. 

Низ континентот Ромите се стигматизираат и стереотипизираат без речиси никаков отпор. Како може Европа да ги надмине вековните предрасуди?

Ромофобијата е една од последните прифатливи форми на расизам. Таа е прифaтена онолку колку што е распространета и разбирлива, имајќи ги предвид негативните ставови кон Ромите низ цела Европа. Неодамнешните истражувања на Светската банка ги истражуваа социјалната исклученост и ставовите кон одредени групи во општествота со ромски заедници ширум Европа, па во некои држави, негативните ставови кон Ромите беа споредливи со педофилите и со уживателите на дроги.

Важно е да се разбере зошто е така. Ромофобијата е присутна во неформални разговори во домовите и на работните места, во медиумските портрети на „карневалскиот циган“, кога државните власти ги обвинуваат Ромите за киднапирање на руси светлооки деца, кај градоначалниците кои ги ставаат Ромите во гета, во политичките елити кои ги таргетираат Ромите преку посебен третман и рушење на нивните домови, кога властите ги делат ромските деца од нивните врсници или масовно ги депортираат ромските заедници.

Од каде доаѓа Ромофобијата?

Постојат неколку причини кои би можеле да објаснат зошто Ромите се стигматизирани. Првата е исклучувањето. Со векови, Ромите биле исклучени од напорите за градење на нацијата промовирана од страна на политичките претприемачи, нивната различност е искористена како гориво за да се изгради нацијата како “ние” (мнозинството), а не “тие” (Роми). Ромите, како силно конструиран и контролиран идентитет, станаа неопходни “други” поставени надвор од нацијата. Ромите потоа стануваат лесна цел за политичките елити кои сакаат да ја зајакнат сопствената популарност и моќ. Пример за ова се гледа во Унгарија каде што ромската култура и идентитет постојано се изедначува со криминалитет од страна на медиумите и политичарите.

Mакедонски Роми го слават Едерлези, или кај нас познат како Ѓурговден.

Со текот на времето стигматизираниот идентитет станува сврзан кон внатрешниот “друг” и станува речиси невозможно да се избегне. Најчесто, стигматизираниот идентитет станува толку вкоренет во секојдневниот јазик и во практиката што станува самоодржлив: Ромите кои се стигматизирани како сиромашни и беспомошни не можат да добијат работа и може да завршат на улиците каде што питаат; што значи дека се потврдуваат стереотипите.

Оваа “јамка” на Ромофобија е поттикната од недовербата и недостатокот на разбирање помеѓу мнозинството и ромските заедници. Промената на чувствата и свеста на мнозинството се отежнува со присуството на ромбофобичните изјави од страна на политичките претставници, упорноста на вкоренетите негативни асоцијации на ромскиот / циганскиот идентитет во секојдневниот дискурс, како и неможноста на ромските заедници ефикасно да ги кршат овие стереотипи. На пример, во Италија и Франција, елитите активно ги таргетираат ромските заедници, создавајќи наратив кој тврди дека Ромите не се дел од француските или италијанските општества, иако Ромите живеат таму повеќе од 500 години.

Друга причина е избегнувањето: некои Роми сакаат да ja избегнат задушувачката прегратка на државата и создават на стратегии на заобиколување со цел активно да се спротивстават на вклучувањето во општеството. Крајната цел тука е да се задржи контролата врз сопствената судбина, верувајќи дека опстанокот не може да се остави во рацете на другите. За една заедница која е постојано прогонувана, таквата стратегија е разбирлива. Сепак, ова ја упростува приказната бидејќи многу Роми активно учествуваат во општествата ширум Европа.

Прашање на солидарност

Стереотипите, ако не се преиспитани, ќе останат. Во минатото имало групи кои протестирале против негативните аспирации на групниот идентитет – такви се жените, афроамериканците и хомосексуалците и лезбејките, сите со различен степен на успех. Ромите со текот на времето исто така се мобилизираа на различни начини, вклучително и транснационално, со создавањето на Меѓународната унија на Ромите, Меѓународниот ден на Ромите, како и неодамна со Парадите на гордоста на Ромите, кои бараа да бидат вклучени во комеморацијата на Холокаустот и новоформираниот Европски ромски институт за уметност и култура. Овие надворешно соочувачки интервенции се апсолутно клучни бидејќи покажуваат способност да артикулираат позитивен ромски идентитет и да создадат дијалог за вклучување.

Во минатото, видовме напори за асимилација на ромските заедници од страна на државата, за разводнување на ромскиот идентитет до точка каде што Ромите ја изгубиле културната специфичност. Денес гледаме ромски заедници кои се цел на популистички сили кои го нагласуваат присуството на Ромите како несакано или заканувачки. Низ целиот континент, кој сè уште се соочува со економски колапс, ромските заедници се погоден жртвен јарец за социјалните и економските проблеми. Во реалноста, одговорот е повеќе учество и видливост, а не помалку. Мобилизацијата на ромските заедници во областите на културата, политиката и економијата е најдобриот начин да се прогласи припаѓањето во општеството, да се промени наративноста на стигматизацијата на Ромите и да се бараат права за да бидат вклучени во општеството како еднакви.

Убедувањето дека Ромите се трајни аутсајдери во Европа станаа чест мотив и, иако тоа е корисно за да се разбере историското исклучување на Ромите, не ја исклучува можноста за ромското делување и промени во иднина. Со артикулирање на барањата за еднакви права, се оспорува поимот за Ромите како архетипски друг и се усвојува граѓанството на Ромите ширум Европа.

Можеби ќе треба една генерација да почне да дочека значајни резултати и не е јасно како точно ќе изгледаат овие успеси, но ромските заедници ја одредуваат својата иднина преку учество и застапување. Гласот на Ромите во јавноста често се игнорира или замолчува, а ромофобијата може да го задуши овој глас или да ја изобличи нејзината порака. Затоа треба да се поддржат напорите за мобилизација на Ромите на локално, национално и транснационално ниво. И затоа предизвикувањето на распространетоста на анти-ромските предрасуди бара мобилизација во политичкиот, културниот и економскиот живот.

Додека гласот и видливоста на Ромите низ цела Европа може да ги предизвика негативните стереотипи, неопходно е да се обезбеди интеракција и вклучување помеѓу Ромите и не-Ромите, наоѓајќи заедничка основа како луѓе кои сакаат праведен, правичен и подобар живот. Само преку мобилизирање на ромските заедници, манифестациите на ромофобијата може да бидат предизвикани, и институциите со кои владее ромофобијата – скршени, а политичките практики мотивирани од ромофобијата – запрени..