Шерифот од ССМ

Вознемирениот шериф во синдикалната зграда Живко Митревски, кој по некоја случајност е и претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), повторно дели одлуки од ракав. Овој пат ја подели „синдикалната правда” врз судбината на Мултиетничкиот синдикат за образование на Република Македонија (МЕСО) со цел да го задуши секој отпор на работниците, кога нивните права континуирано се намалуваат.

МЕСО е единствениот грански синдикат од образовниот сектор во Сојузот на синдикати и беше формиран со огромна поддршка од останатите гранкови синдикати. Оттука, јавно го прашуваме Митревски, под која точка на дневниот ред на Советот на ССМ се разгледуваше судбината на МЕСО? Дали прописно беа поминати сите процедури согласно статутот за една вака исклучително деструктивна одлука за синдикалното ткиво? Што конкретно се крие зад намерата да се исклучи синдикат кој доби силна поддршка од сите гранкови синдикати?

Наместо да реагира суетно и одмазднички на критиките, му порачуваме да почне да се однесува како што доликува на еден синдикалец. Тоа значи дека треба да го поддржи МЕСО во борбата против ограничувањето на правото на штрајк во образованието, да се придружи кон критиката на наметнување бесполезни бирократски процедури врз наставниците од кои страда квалитетот на наставата и да ги засука ракавите заедно со МЕСО и неговите членови за да ја извадат партијата од градинките, училиштата и факултетите.

МЕСО е чедо и е дел од ССМ, а Митревски е само минлива фигура. Му порачуваме и дека за оваа нелегитимна одлука, како и за сите други во низата, кои се срам за членовите на ССМ и на гранковите синдикати, како и сите работници од приватниот и јавниот сектор кои тој фактички не ги претставува, наскоро ќе мора да одговара.

Македонија повеќе не е онаква каква што ја имаат замислено Митревски и неговите политички патрони. Македонските работници и работнички, граѓани и граѓанки доаѓаат по тоа што е нивно. Нивен е синдикатот, нивни се гранковите синдикати, нивен е синдикализмот и нивни се работничките права!

cropped-header631