macedoniaAlbania

Бранко Црвенковски не престанува да нè изненадува. Уште не спласнаа реакциите по повод неговото коалицирање со неговиот поранешен архинепријател Љубчо Георгиевски, а тој веќе договори коалиција со уште еден свој голем политички противник, Мендух Тачи.

Оваа предизборна коалиција на СДСМ и ДПА е историска на свој начин. Првпат во независна и демократска Македонија партија од македонскиот блок и партија од албанскиот блок склучија предизборна коалиција. По 20-годишното постизборно коалицирање на партиите од македонскиот и албанскиот блок, исчекорот со предизборното коалицирање не претставува ништо друго освен логички след. Но колку и да е тоа логички след, во услови кога Македонците и Албанците во Македонија сè повеќе живеат во одвоени светови, во услови кога нивните меѓусебни односи слабеат наместо да јакнат, не може а да не се истакне важноста на овој позитивен преседан. Покрај тоа, за една македонско-албанска предизборна коалиција да не остане мртво слово на хартија, и македонската и албанската партија ќе мора да работат со своите гласачи во насока на нивно убедување да гласаат за кандидати што не се од нивниот етнос. А тоа налага реторика на поттикнување на соживотот од нивна страна, нешто што апсолутно ни е потребно во нашата земја.

Оваа коалиција многумина ја оценија како непринципиелна. Ќе се согласам со тоа. Мотивот за нејзиното склучување не е споделување исти или слични принципи и вредности, туку подобар изборен резултат врз основа на тактиката „непријателот на мојот непријател е мој пријател“. Непринципиелна е и коалицијата на СДСМ и ВМРО-НП. Но помеѓу овие две непринципиелни коалиции на СДСМ има една важна разлика од гледна точка на нивниот ефект.

Како што напишав во мојата колумна пред две недели, коалицијата на СДСМ и ВМРО-НП е дилетантски потег повлечен врз основа на елементарно непознавање на ефектите од склучувањето коалиција. Познат факт во политичката наука е дека една коалиција не секогаш добива повеќе или приближно ист број гласови во споредба со гласовите што би ги добиле нејзините партии-членки кога би излегле самостојно на изборите. Односно, дека може да се случи коалицијата да добие помалку гласови од самостојниот изборен настап на партиите што неа ја сочинуваат. И кај гласачите на СДСМ и кај оние на ВМРО-НП ќе има незанемарлив број лица што нема да сакаат да гласаат за коалицијата поради преголем анимозитет кон лидерот на другата партија (Црвенковски односно Георгиевски, соодветно). Поради тоа, за очекување е коалицијата на СДСМ и ВМРО-НП да добие помалку гласови отколку што овие партии би ги добиле ако самостојно учествуваат на изборите. Со други зборови, оваа коалиција не само што е непринципиелна туку е и контрапродуктивна.

Коалицијата на СДСМ и ДПА, пак, ќе ја оценам како непринципиелна, но и со добри шанси да биде ефективна. Досега и партиите од македонскиот блок воопшто не сметаа на гласовите на етничките Албанци, исто како што и партиите од албанскиот блок што не сметаа на гласовите на етничките Македонци. Во изборните единици каде што мнозинство има другиот етнос, гласот за кандидатите од сопствениот етнос едноставно беше потрошен глас, во смисла дека не резултираше со добивање мандат. Сега одеднаш и на СДСМ и на ДПА им се отвора можност да сметаат на одреден број гласови што претходно ги сметаа за отпишани. Колку ќе бидат тие новодобиени гласови останува допрва да се види и во голема мера ќе зависи од тоа колку овие партии ќе успеат да ги убедат своите гласачи да гласаат за кандидатот од друг етнос што го поддржува нивната партија наместо да гласаат по етнички принцип за некој друг кандидат од својот етнос. Но и во случај да не успеат во ова, тоа ќе значи дека од коалицијата СДСМ и ДПА нема да извлечат некоја посебна корист. Не е за очекување дека поради склучувањето на оваа коалиција партиите ќе загубат значителен број гласови во општините каде што имаат реални шанси за успех, па оттука може да се каже дека партиите-членки на коалицијата многу повеќе можат да добијат отколку да загубат.

Во секој случај, без разлика како ќе ги оцениме шансите за успех на коалицијата СДСМ-ДПА, непобиен е фактот дека таа сруши една важна ментална бариера во однос на можноста за меѓусебната соработка помеѓу етничките македонски и албански политички фактори. А ако можеле етнички македонски и албански политички фактори да материјализираат соработка на непринципиелни основи, само за поголемо парче од колачот за себе, тоа кажува дека една ваква соработка на принципиелни основи е уште повеќе можна. Народот во Македонија премногу дозволува да биде манипулиран на етничка основа. Па оние на кои им одговара обичниот човек да не се интересира за вистинските проблеми со кои се соочува во секојдневниот живот (и Македонци и Албанци и други) обилно ги користат „националните прашања“ за да му го оттргнат вниманието на обичниот човек од вистинските проблеми. Обичниот човек Македонец и обичниот човек Албанец, заедно со сите оние припадници од другите етноси во нашата земја со слични проблеми, имаат многу повеќе заедничко од она за што се свесни. Ако се обидат заеднички да настапуваат, ќе се изненадат од сопствената сила.

Leave a Reply

Your email address will not be published.