artanАко не знаеме што ни се случува, тогаш дефинитивно мораме да знаеме што не ни се случува. Двадесет години бевме заложници на идејата на транзиција, без никој да објасни кои се условите под кои би се ослободиле од тоа заложништво. Парадоксално, ние бевме двоен субјект на долгата заложничката драма, односно бевме земени сами себе заложници со идејата за потребата на неизбежни транзициони-заложнички страдања со цел на исполнување на услови кои вистински не постоеја. Но, самото страдање генерира потреба на фантазмичко продуцирање на замислена голема идеја за која вредеше да се трпи мачната и болна приватизација, загубарите, стечајците, дегенерирањето на јавното здравство и образование, па дури и парадите на партиските елити кои сватија дека еден народ сведен во таква заблуда и само-заложништво е подобен за манипулација.

Сега, кога транзицијата е завршена и кога веќе имаме јасно воспоставен систем на општествено политичко и економско постоење, таа голема идеја се манифестира како поредок во константно отуѓување од себе, се со цел да не земе облик на идеален систем за кој беа потрошени двадесет години тешка општествена трагедија. Единствениот начин на одржување во живот на масовната манипулација на народот во Македонија од страна на партиските елити, после две децении преостана константното субверзирање на системот произведувајќи системско биполарно растројство преку величење на напредоците на државата, од власта, и безмилосно уважување на уназадувањето на истата таа држава од опозицијата во алтернирачкиот систем на истите партии во позициите власт-опозиција. Еден народ која е владеан од такви монструозни елити очекувано е да остане во константна патолошка состојба на внатрешнување на криминалот, сиромаштијата, нееманципираноста, лудоста и первезноста како ендемски форми на своето битие.

Во недостиг на било каква материјализација на веќе платената цена на транзицијата, обичниот граѓанин на Макеоднија ја превзеде улогата на преправање како да истиот живее во една нормална држава. Моментот на незадоволство кое би ја реализирала политичката еманципација на човекот како неоделив дел од народот во Макеоднија беше премостен со новата заложничка драма со идејата на Европската Унија. Иститот тој човек-заложник денес не може да ја препознае само-заложничката драма во која пак креира заблуда која е крајно наменета само за негова лична консумација. Заблуда која претставува своевидна колективизирана чинија, со која секој, сега веќе, граѓанин кој е послушен, редовен во плаќање на даноци и гласање на избори, чека на ред за опслужување со истиот идеолошки оброк од заблуда. Во америчката пропаганда за здрава исхрана слоганот “You are what you eat” веќе е докажан како еден од најприфатените и профитабилни дискурси на општествена пракса,преку кој на човекот му се наметнува самооценувањето, самоконтролата и самоказнувањето како замена за скапиот маркетинг. Хранејќи се двадесет години со заблуда, граѓанинот на Македонија се претвори во човек-заблуда, во човек кој суштествено е детерминиран од заблудата како негов истовремено неограничен претекст и неограничено оправдување за неговото земање под заложништво на политичкиот човек.

Препознавањето на симболичката вредност на оваа идеолошка прехрана која се материјализира со оневозможување на политичкиот човек за кој гладувањето е политички акт на неприфаќање на било каков вид на послужување и акт на воспоставување на неговото барање за самостојно готвење на неговиот оброк, е првиот чекор кон возможноста за еден таков човек, сега веќе политички граѓанин. Тоа пропознавање на целокупноста перверзност и мизерија на заложништво во кое нашето општество живее сеуште неизбежно е условено од стравот со соочувањето со трауматското спознавање за безначајните и непотребни страдања кои сами ги превземавме. Народната поговорка која вели: “Една болна разделба е подобра отколку енда бескрајна болка” денеска е можеби една од најважните политички пораки која треба да се полиферира во нашето општество. Таква разделба би начела дефинитивно раскинување со прифаќањето на состојбата во која не знаеме што ни се случува и раѓање на потребата за дефинирање на политиката која ќе ни овозможи материјализирање на се она во што верувавме, се она што го очекувавме а сеуште не ни се случува.

Холокаустот на слободата на човекот со должноста за граѓанство во сеуште нереализиранот систем според волјата-идеја на народот кој е во бесконечно очекување, денес во Макеоднија се прекрива со формалната слобода на избор во контурите на политичко-економскиот систем кој се гради токму преку неговото тврдење за сопствената нецелосна иградба преку бесконечниот транзициски процес на константно градење кон нешто непознато. Актуелната слобода претставува овозможување на избор на јасно посакувана форма на општествено организирање, избор кој би бил сосема ослободен од денешните процеси и денешните идеолошки сваќања, што би значело преку-законски и преку-уставен слободен избор. Кога искуството во Македонија ни приредува секојдневни циклуси и примери на манипулација на секаков вид непартиско организирање, ние мораме да почнеме секој пат одново, и пак одново, надевајќи се дека во еден момент мобилизирањето на граѓаните ќе придонесе до нивно политичко барање за завземање и присвојување на капацитетот на слободен човек. Овој ослободен човек, во таков момент го поседува целиот потребен политички потенцијал за слободно да ја изрази неговата политичка волја непосредно и истата директно да ја формира- да и даде форма преку нов политички агент. Во услови на надвладевање на личното кое е издвоено од политичкото, и во услови на оневозможување на вистинско политичко тврдење со кое целокупниот циркуз на партии, пратеници, министри и други животни би станал ирелевантен, неважен, наземарлив, оневозможување кое е продукт на традиционално-патриаркалните односи на материјална зависност и интер-поврзаност, она што мораме секој пат одново да го правиме е да ги повторуваме нашите чекори секој пат од самиот почеток. Протестите против полициската бруталнот беа чекор напред и после нив пак сме на почеток. Деновиве се најавуваат протести на таксисти, отппадџии и други социјално загрозени групи граѓани кои сигурно се чекор напред но сепак за секој нов обид мораме од почеток. Во Македонија со шестдесет проценти невработени млади проспектот за радикални настани изгледа доста возможен и неодминлив. Во такви радикални настани, единствено радикално е раскинувањето со сопственото заложништво кое во последните години се храни со заблудата дека со огромни статуи, ново-стари градби, шлемови, мечови и штитови, лавови и бродови, Македонија ќе земе облик на изграден систем и држава. Не може да се каже дека во Макеоднија не постои критика на формите на заблуда и заложништво кои власта ги креира, но таа критика е во редот на коментари, а она што вистински може политички да го ослободи човекот од денешната форма на граѓанинот е политичкото мобилизирање на улици и плоштади. Улицата претставува еден од најзначајните простори за суштинско бавење со политика која во форма на проникната вистина станува водечки диктат на градење на системот, а снаодливоста на луѓето на улица за формирање на нивното здружување станува агент на радикалната промена.

Ништо, што може да биде познато или предложено од сегашниот предикамент на апатија не може да претставува вистинска промена за Макеоднија. Причината што не можеме да знаеме и прелагаме решенија однапред е токму поврзана со вистинскиот политички гест на влегување, исчекорување во непознатото поле овозможено од политичкиот момент на отварање на историјата. Најголемиот политички предизвик тогаш е да се има храброст да се пронајде најдобриот начин како од она што знаеме што не ни се случува а сакаме да ни се случува да изградиме политички проект во средина на непознат политички потенцијал. Оние на кои за мобилизирање им се потребни конкретни предлози во форма на лаги и ветувања, за истите треба да се обратат на партиите кои имаат милион идеи како да ги држат луѓето во заблуда.

Два збора и за национализмот и шовинизмот. Тоа се највозвишените форми на заблуда чија заложничка сила има капацитет на најзлобен начин да уништува преку непромена, да руши со градење, да учи на неукост и да преживува под претекст на закана. Нашиот национализам се има изградено како додатен слој над транзициската заложничка драма во вид на репризирана трагедија. Институционализираниот етно-национализам во Македонија иако е насилен и агресивен, тој е слаб, а со тоа самиот си ја генерира можноста за своето институционално уништување бидејќи замислува колосална сила која реално ја нема. Ваквиот национализам повеќе изгледа на јагне маскирано со лавовска маска. Токму поради фактот што институциите се окупирани од национализмот, улиците преостануваат единствениот политички простор каде може да се изгради новото политичко мнозинство. Единственото вистинско политичко превземање од кое Македонија може да изгради систем достоен за своите граѓани е превземањето кое еднаквоста ја поставува како почетна аксиома а не како цел.

Ние мораме, ако сакаме да преживееме како луѓе без да се претвориме во зомби граѓани, да воспоставиме систем кој одредува долна социјална граница под која никој не може да подпадне. Лага е дека Македонија е сиромашна држава, но вистина е дека Македонија има сиромашен народ. Во време на светска рецесија и криза, во време на мерки на штедење од сите земји, Макеоднија троши стотици милиони во градење на монументи на заблуда.Тие монументи денес можеби претставуваат градби на гордоста за национализираниот граѓанин на оваа држава, но истите тие утре можат во многу поголема мера да преставуваат градби на гнев на социјалниот човек на Македонија. Најстрашен факт во нашето време е тоа што во јавниот простор веќе не преостанува ништо што би можело да се спаси и да се зачува за новото возможно и непредвидливо време на различна, вистинска политика. Фундаментот на тврдењето за возможноста на една таква радикална промена во Македонија никако не треба да се состои во проценката за социјалната неиздржливост на сегашната ситуација. Социјалниот бунт не произлегува од безизлезноста на личната ситуација во која се денес се наоѓаат илијадици граѓани во оваа земја. Единствениот производ на оваа состојба е зголемувањето на криминогеноста на општеството, неодговорноста, проширувањето на општата депресија, самоуништувањето, екстремната експлоатација, диференцирањето и поделбата на мали ултра богати кругови од поголемиот дел на сиромашни, разурнувањето на сигурноста и зголемувањето на државната контрола и репресија и лакомото воспоставување на феудализацијата како се појавно видлив начин на организација на општеството.

Такму поради фактот што транзицијата ја адресираше индивидуата како единствен субјект и агент во кој се присутни причините за личниот пропаст или успех и поради затварањето на казанот на заеднички социјални можности и проширувањето на културата на личната чинија, бунтот денес во Макеоднија е рамен на спонтани инциденти на индивидуално кршење на сопствената чинија без да има било каков ефект на кршење на колективната заложничка драма. Токму затоа, предусловот на било каква суштинска промена се состои во превземање на првиот чекор на преминување на прагот, од дома на улица. Дома сме индивидуи со по една незначајна чинија, но на улица каде сме народни маси, таму чиниите со кои не манипулираат, веќе не се важни. Таму, на улица, важни се политичките одлику кои колективно можат да не редефинираат како луѓе. Затоа возможноста на радикалната промена во Македонија не се должи на крајно беизлезната ситуација, туку на масите, на луѓето на улица кои преку тоа собирање на нивните тела во солираризирање отпочнуваат процес на политичка еманципација преку воспоставување на јавниот простор кој претставува место на собир и кој е единствениот каде политиката се појавува во нејзиното автентинчно својство – колективноста.

Секој пат кога се појавува и најмала можност, мораме пак од почеток да се собираме на нашите јавни места, затоа што не смееме да ја пропуштиме ниедна можност во која малите протести и собири на стечајци, отпадџии, таксисти, лозари, тутунари и други можат да ја отклучат потребната општествена резонантност која ќе ја препонаат како вистински момент за промена поголем број граѓани. Од тој момент па натака политиката може да стапи на сцена. Најубавиот слоган кој претходното лето го извикувавме на протестите против полициската бруталност гласаше: СЕКОЈ ДЕН! И само така, секој ден од почеток до денот на вистински почеток.

 

Артан Садику

Leave a Reply

Your email address will not be published.