nevraboteniСпоред Агенцијата за вработување бројот на евидентирани невработени лица во периодот од доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година е намален за цела една четвртина. Во август 2006 година овој број беше 356.976, а во мај 2012 година – 266.832. Тоа кажува дека во овој период бројот на евидентирани невработени лица е намален за дури 90.144 лица, т.е. за 25,3 отсто.

 

Главното прашање што го наметнува овој податок е дали намалувањето на бројот на невработени лица за една четвртина во евиденцијата на Агенцијата за вработување значи дека таа четвртина од евидентираните невработени лица се вработила. Постојат три причини за сомневање во тоа.

Првата е здравиот разум и елементарното познавање на функционирањето на економијата. Ако навистина невработеноста се намалила за една четвртина во период од нешто помалку од шест години, зошто тоа не резултирало со економски бум? Зашто, едноставно, е несфатливо како може невработеноста да се намали за цела четвртина, а тоа да не резултира со економски бум.

 

Втората причина е споредбата на податоците на Агенцијата за вработување со оние на Државниот завод за статистика. Според Заводот за статистика, бројот на невработени во вториот квартал на 2006 година изнесуваше 319.316 лица, а во првиот квартал на 2012 година – 297.351 лица. Значи, за истиот период, од половината на 2006 година до денес, податоците од Заводот за статистика покажуваат намалување на невработеноста од 21.965 лица, додека податоците на Агенцијата за вработување покажуваат четирипати поголема бројка – 90.144 лица.

 

Третата причина се самите податоци на Агенцијата за вработување. Ако се анализира структурата на приливот и одливот од евиденцијата на невработени лица ќе се види дека вкупното намалување на бројот на евидентирани невработени лица во периодот 2008-2011 година не се должи на вработувањето на дотогаш невработените лица туку на големото испишување од евиденцијата поради некоја законска причина (ненавремено јавување во Агенцијата, пензионирање, заминување во странство, смрт и друго).

Прегледот на податоци за прилив и одлив на невработени лица е достапен на интернет-страницата на Агенцијата за вработување и секој може сам да си пресмета. Билансот од приливот и одливот што не се должи на законските основи за впишување и бришење од евиденција е овој: во 2008 приливот во евиденцијата што не се должи на законски основи е поголем од одливот кој не се должи на законски основи за 12.657 лица, во 2009 – за 27.642 лица, во 2010 – за 9.310, а во 2011 година – за 19.795 лица. Тоа кажува дека севкупно во овој период невработеноста реално се зголемила за 69.404 лица.

 

Во последната година Владата очигледно реши да ги „таргетира“ невработените. Но не во смисла да им најде работа. Нејзината цел е друга: да го намали бројот на лица кои фигурираат како невработени и да го намали „социјалниот трансфер“ за овие лица. Три нејзини неодамнешни потези недвосмислено го потврдуваат овој заклучок.

 

Прво, во април минатата година беше донесена одлука само невработените лица со приходи на ниво на семејство под 11.000 денари месечно да го уживаат правото на здравствена заштита онака како што го уживаа претходно. Очигледно, и ова намалување на правата на невработените не беше доволно за Владата, па во декември лани оваа граница беше дополнително спуштена на 8.050 денари месечно на ниво на семејство. Сето ова од невработените бараше двапати да се пререгистрираат, а „поволноста“ на сето тоа беше што некои не успеаја тоа да го направат, па беа избришани од евиденција.

 

Второ, во јануари оваа година донесувањето на Законот за минимална плата беше искористено за уште истиот ден да се намалат правата на лицата што се прогласени за технолошки вишок. Правото на добивање паричен надоместок до исполнување на условите за пензионирање претходно го добиваа работниците прогласени за технолошки вишок кои имаа уште пет години до исполнувањето на условите за пензионирање. Сега, овие пет години се намалени на 18 месеци. Заштедата на државата на сметка на овие лица е јасна.

 

Трето, со најновите предлог-измени на статусот невработено лице, со воведувањето вештачка разлика помеѓу невработените лица и „другите лица кои бараат работа“, со лесно-злоупотребливите категории на соодветно, погодно и друго вработување и со зголемениот број основи за бришење од евиденцијата на невработени лица Владата ќе си обезбеди уште еден механизам за да го намали бројот на евидентирани невработени лица и ќе успее да „заштеди“ на нивна сметка.

 

Како што тргнала работата, Агенција за вработување е на најдобар пат да стане Агенција за бришење од евиденцијата на невработените. Но иако политиката на нулта евидентирана невработеност може со помош на законските измени да доведе до бришење од евиденцијата и на последниот невработен, таа статистичка илузија нема да резултира со подобрување туку со влошување на животниот стандард на невработените.

 

 

Здравко Савески

Leave a Reply

Your email address will not be published.