Ние, синдикатите, организациите и активист(к)ите, организатори на протестот против плаќање придонеси за хонорарите ја изразуваме нашата поддршка и солидарност со студентите, и ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да учествуваат на студентскиот протест овој петок, 26 декември 2014 година, во 14:00 пред Владата на РМ.

Ние и студентите во последните неколку месеци сме изложени на истата политика на опресија, игнорирање и исклучување од страна на надлежните власти во однос на предложените и усвоени законски измени за државниот испит и за плаќањето придонеси за задолжително социјално осигурување за хонорарите. Уште повеќе, ваквите политики и практики на актуелната власт ги загрозуваат и ускратуваат човековите права не само на директно засегнатите групи (студентите и хонорарно-ангажираните работници), туку и на сите останати индиректно засегнати субјекти –универзитетските професори и останатите академски работници, вработените во редовен работен однос во сите бранши, средношколците, родителите, пензионерите.

Методот на кој власта ги усвојува и спроведува законските решенија е недемократски и исклучувачки – во отсуство на дијалог со најзасегнатите граѓани, на товар на сиромашните и обесправените, а во спрега со послушните поданици во квази-независните тела и институции, како ССМ и СПУКМ, со цел за уште поголемо богатење на најбогатите и следствено, зацврстување на сопствените позиции на моќ и привилегии. Уште повеќе, фрапираат информациите за забрзано воведување мерки на засилен надзор и ригорозни казни поврзани со непочитување на веќе усвоените законски решенија, чија основна цел во суштина е зголемување на атмосферата на страв, закани и уцени и неоставање простор за делување.

Затоа, ние, организаторите на протестот против плаќањето придонеси за хонорарите апелираме за масовна солидарност и поддршка на студентите во нивната борба за остварување на нивните права и за враќање на автономијата на универзитетите, затоа што таа е и наша, заедничка борба – борба против политиките на опресија, исклучување и игнорирање. Таа е една те иста борба, борба за човекови права, борба за подобра правна држава, борба за поголема социјална правда и еднаквост.

Во ваквата борба, не постои друга алтернатива за промена, освен масовната СОЛИДАРНОСТ во покажувањето ненасилен отпор!

Се гледаме во петок, 26 декември, во 14:00 пред Владата на РМ.

Конфедерација на синдикални организации на Македонија
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници
Синдикат на УПОЗ

Синдикат на македонската дипломатска служба
Левичарско движење „Солидарност“
Движење за социјална правда „Ленка“
Независна иницијатива „Бори се женски“
Субверзивен Фронт
Хелсиншки Комитет за човекови права
Граѓанска иницијатива „8-ми Септември“
Македонска платформа против сиромаштија
Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“
Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“
Стар-Стар Скопје
Цивил – Центар за слобода
Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација
Здружение за активизам, теорија и уметност „Плоштад Слобода“

10251910_1037001526325684_239398227461288766_n

Линк до настанот по повод Студентскиот протест во Скопје.

Линк до настанот по повод Студентскиот протест во Битола.