Поддршка на работниците од ВЕИБО!

Деновиве сме сведоци на една од многуте работнички борби во Македонија. Во земја која од традиција на почитување на работникот и неговите права стана казамат и мачилиште за него, поим за комплетно експлоатирање. Голготата на повеќе од 200 работнички чии плати се уште се неисплатени од т.н.  странската инвестиција ВЕИБО во Крива Паланка се случува пред нашите очи и наша должност е да им дадеме поддршка и да се вклучиме во нивната борба. Текстилните работнички заедно со работниците од чевларската индустрија се најобесправените од локалниот и интернационалниот капитал. Мора да бидеме свесни дека ова што им се случува нив, лесно и брзо може да почне да им се случува и во други индустриски капацитети и професии. Во трката за профит искористување на трудот, неисплата на платите, ниски и незагарантирани примања и секојдневна работа под страв и стрес се веќе реалност за многумина во Македонија и светот.

Со ова писмо искажуваме поддршка за нивниот штрајк и истрајноста да си ги наплатат побарувањата, платите и придонесите кои сопственикот на фабриката  си ги присвоил како негов профит. Криминалното однесување на домашните и странски сопственици на капиталот мора да се санкционираат. Ги повикуваме сите граѓани на Македонија да изразат поддршка и да извршат притисок врз надлежните органи  да им се исплатат заработените плати на работниците, а државните институции да не дозволат понатаму вакви злоупотреби на работничкиот труд.

Ги повикуваме работниците од Веибо да истрајат во оваа борба и останатите работници и прогресивната јавност да се солидаризираат. Трудот и животот на работникот и работничката се поважни од личните профити на рабодотавачите. Работниците ги создаваат и ги градат и фабриките и сето она што е нивен производ е резултат на нивниот труд. Тие се вистинските сопственици на фабриките.

Поддршка на работниците од ВЕИБО!