solidarnost logo

ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА НА ЛЕВИЧАРСКОТО ДВИЖЕЊЕ СОЛИДАРНОСТ

  • Одбивајќи да молчиме пред сè поголемата класна раслоеност, социјална неправда и постојаното и сè подлабокото тонење на македонските граѓани во сиромаштија;
  • Загрижени од генералната насока во која се движи македонското општество, особено поради назадувањето на демократските процеси, корупцијата и цензурата, политичката манипулација со етничките чувства и втемелувањето на нехуман економски модел;
  • Сметајќи дека постои потреба од активни организации кои ќе се занимаваат темелно со корените на овие проблеми и ќе придонесат кон изнаоѓање одржливи решенија;
  • Обединети околу вредностите на анти-национализмот и нашето самосознание како човечки суштества кои веруваат дека суштинските проблеми не ги познаваат етничките разлики и ги надминуваат државните граници; анти-милитаризмот и миротворството; и анти-клерикализмот, секуларноста и борбата против злоупотребата на религијата од страна на државните и верските авторитети, притоа почитувајќи ја слободата на вероисповест на граѓаните;
  • Уверени во можноста за градење на хумано, солидарно, граѓанско општество засновано врз принципите на рамноправност и еднаквост;

Го формиравме Левичарското движење Солидарност засновано на идејата за создавање на социјално праведна и демократска Македонија во која граѓаните ќе имаат можности и инспирација за активно вклучување во општествениот живот и влијание врз донесувањето на одлуките.

Солидарност е хоризонтална и инклузивна организација. Општествената одговорност дека ние не треба само да кажуваме, туку и активно да чиниме е нашата движечка сила. Притоа, работиме на развивање на култура на меѓусебна почит, меѓусебно охрабрување и мотивација, транспарентност, чесност, внатрешна солидарност помеѓу членовите, како и солидарност со други општествени организации, групи и иницијативи.

Како општествен актер, Солидарност приоритет им дава на:

  • Социјалната правда, заснована на унапредување на работничките и социо-економските права на граѓаните како предуслов за намалување на класната раслоеност и сузбивање на сиромаштијата; се противиме на континуираното незаштитување на граѓаните од штетните последици и понижувањето кои ги носи разузданиот и корумпиран капитализам од кој се богатат малкумина, на грбот на мнозинството; се залагаме за рамноправност и за еднаквост на граѓаните во нивниот пристап до ресурси, особено во поглед на користење на јавните добра; се противиме на уништувањето, или приватизирањето на дејностите на јавниот сектор, како и нивната злоупотреба и користење за остварување на тесно-елитни интереси и лично богатење. Без загарантирани социо-економски права и остварување на социјална правда, сметаме дека не може да се развива ниту демократска култура – во услови на висока корумпираност и партократија, клиентелистичките односи јасно ја дефинираат моќта во рацете на неколкумина, а другите се сведени на продавачи на својот труд за да преживеат. Ние не се бориме против институциите, туку се бориме да ги направиме некорумпирани, поправедни, поодговорни, покомпетентни и поблиски до народот. Како нужни чекори во борбата за социјална правда ги гледаме: развивањето на поквалитетни, достапни и бесплатни јавни услуги за граѓаните во здравството, образованието и социјалната заштита; зачувување на јавните добра, а пред се на водата за пиење, чистиот воздух, животната средина и сите природни ресурси кои безмилосно се распродаваат. Се залагаме и за зголемување на социјалната помош за сиромашните и општествено маргинализираните и преку посебни програми и мерки за надминување на структурните нееднаквости, зашто само на тој начин може да се излезе од маѓепсаниот круг на сиромаштијата и да се оствари еманципација.
  • Суштинските економски промени, засновани врз премисата дека луѓето не треба да му робуваат на капиталот, туку капиталот да биде во служба на граѓаните. Солидарност се залага за политики на активно стимулирање на економски развој преку спој на науката и стопанството и градење на економија базирана на знаење која што нема да уништува човечки животи ниту животната средина; нерасипничко, компетентно и одговорно ракување со јавните ресурси; напуштање на практиката на фаворизирање на странските компании пред домашните; создавање на нови работни места и подобрување на животните услови на вработените и невработените. Солидарност се залага за политики за прераспределба на доходот, преку прогресивно оданочување, затоа што само на тој начин економскиот раст е одржлив и инклузивен. Се залагаме за достоинствена минимална плата за да му се овозможи на секој вработен да има доволно примања за пристоен живот наместо бедно преживување.
  • Принципот на демократско и слободно здружување и одлучување, слободата за политичко делување и рамноправноста на граѓаните, без разлика на нивната родова, етничка, верска и останата припадност. Ние искрено сакаме да видиме среќни, активни граѓани, кои ќе имаат слобода, можности и јавни простори да се здружуваат и да ги искажуваат своите ставови и потреби; а воедно ќе бидат сослушани без оглед на нивните општествени позиции и припадност. Солидарност се залага за хуманизација на сите сфери во општеството – ние сметаме дека во македонскиот и поширокиот контекст, голите интереси и краткорочната корист ги потиснуваат човечките вредности и доблести – и тоа треба да се менува, со личен пример и со акција. Ние веруваме во демократијата, работиме на нејзино воспоставување и унапредување и нејзина одбрана од корумпираните елити, узурпацијата и тиранијата на мнозинствата, дискриминацијата на малцинствата и труењето со реторика на омраза, поделби и клеветење. Се залагаме за што поширока примена на принципите на партиципативна и непосредна демократија и изразување на волјата на граѓаните преку граѓански форуми и пленуми, јавни дебати и сите облици на непосредна комуникација по клучни прашања. Солидарност ја слави и воздига различноста како предност, а не ја смета за пречка за напредок. Воедно, се залагаме за крајно транспарентно и отворено административно работење и управување и цврсто стоиме против корупцијата од секаков вид, авторитарните тенденции и форми на владеење и нивните системи за експлоатација, манипулација и принуда.

Се залагаме не само за толеранција, туку и за прифаќање и почитување на различностите. Го истакнуваме принципот на солидаризирање кој се заснова врз заемна почит, другарство и свест за општествена припадност и одговорност во заедница на различности. Се бориме да нè има што повеќе на број во борбата против неправедната распределба на ресурсите, експлоатацијата, насилството, расизмот и против сите шовинисти – родови, национални, социјални и елитистички; но се бориме првенствено да ги натераме останатите да прогледаат, осознаат и развијат емпатија, солидарност и општествена одговорност, а не идеолошка униформираност. Поаѓајќи од премисата на заемна почит, повикуваме на здружно делување со сите поединци и организации кои не сакаат да ја гледаат и трпат неправдата која систематски го разградува општественото ткиво во Република Македонија од осамостојувањето до денес.

Ќе победиме!

cropped-header631