Авторки: Linda Martin Alcoff, Cinzia Arruzza, Tithi Bhattacharya, Angela Davis, Nancy Fraser, Barbara Ransby, Barbara Smith, Keeanga-Yamahtta Taylor и Rasmea Yousef Odeh

Масовните женски маршеви од 21 јануари можеби го означуваат почетокот на нов бран милитантна феминистичка борба. Но, што точно ќе се најде во нејзиниот фокус? Според нас, не е доволно да се спротивставиме на Трамп и на неговите мизогини, хомофобични, трансфобични и расистички политики; истовремено треба да целиме и против постојниот неолиберален напад врз социјалната држава и работничките права. Безобѕирната мизогинија на Трамп послужи како непосредна провокација за масовната реакција на 21 јануари, но нападот врз жените (и работниците воопшто) долго ѝ претходи на оваа владејачка гарнитура. Животните услови на жените, особено на обоените жени, како и на работничките, невработените жени и мигрантките, постојано се влошуваат во последните 30 години благодарение на проширувањето на влијанието на финансиските институции и корпоративната глобализација. Lean-in феминизмот и другите варијанти на корпоративен феминизам го изневерија мнозинството од нас, кои немаме пристап до индивидуално себепромовирање и унапредување и чии животни услови можат да бидат подобрени единствено преку политики кои ја штитат социјалната репродукција, обезбедуваат репродуктивна правда и гарантираат работнички права. Според нас, новиот бран женска мобилизација мора директно да се ангажира околу сите овие точки на загриженост. Тоа мора да биде феминизам за 99-те проценти.

Овој вид феминизам што ние го заговараме веќе никнува на меѓународно ниво, во битки насекаде низ светов: од женскиот штрајк против забраната за абортус во Полска, до женските штрајкови и маршеви против машкото насилство во Латинска Америка; од масовните женски демонстрации во Италија минатиот ноември, до протестите и женските штрајкови во одбрана на репродуктивните права во Јужна Кореја и Ирска. Впечатливо за овие мобилизирања е тоа што неколку од нив ја споија борбата против машкото насилството со отпор против нормализирањето на трудовата и приходната нееднаквост, притоа спротивставувајќи се истовремено на хомофобијата, трансфобијата и ксенофобичните имиграциски политики. Заедно, тие навестуваат ново интернационално феминистичко движење со проширена агенда – истовремено антирасистичка, антиимперијалистичка, антихетеросексистичка и антинеолиберална.   

Ние сакаме да придонесеме кон развојот на ова ново, пошироко феминистичко движење.

Како прв чекор, предлагаме да помогнеме во организирањето интернационален штрајк против машкото насилство и за одбрана на репродуктивните права на 8 Март. Во ова сме здружени со феминистички групи од триесетина земји кои повикаа на таков штрајк. Идејата е да се мобилизираат жените, транс жените и сите кои ги поддржуваат на одреден меѓународен ден на борба – ден на штрајкување, марширање, блокирање улици, мостови и плоштади, апстинирање од работа во домаќинството, грижа и сексуална работа, бојкотирање, прозивање мизогини политичари и компании, штрајк во образовните институции. Овие акции се насочени кон потенцирање на потребите и заложбите на оние кои lean-in феминизмот ги игнорираше: жените на формалниот пазар на труд, жените што работат во сферата на социјалната репродукција и грижа, невработените и прекарните работнички.

Во приклонувањето кон феминизам за 99-те проценти, инспирирани сме од аргентинската коалиција Ni Una Menos (од шпански: „ниту една помалку“). Насилството врз жените, онака како што тие го дефинираат, има многу аспекти: тоа вклучува семејно насилство, но истовремено и насилство од пазарот, од долгот, од капиталистичките имотни односи и од државата; насилство од дискриминирачки политики против лезбејките, транс и квир жените, насилство од државна криминализација на миграциските движења, насилство од прекумерно апсење и институционалното насилство врз женските тела преку забрани за абортус и недостиг на достапна бесплатна здравствена заштита и бесплатни абортуси. Нивната перспектива ја крепи нашата решителност да се спротивставиме на институционалните, политички, културни и економски напади на муслиманки и мигрантки, на обоени жени, на работнички и на невработени жени, на лезбејки, квир и транс жени.  

Женските маршеви од 21 јануари покажаа дека ново феминистичко движење е на повидок и во САД. Важно е да не се изгуби динамиката. Да се здружиме на 8 Март за да штрајкуваме, да излеземе, да маршираме и демонстрираме. Да го искористиме овој меѓународен ден на акција како повод за раскинување со lean-in феминизмот и на негово место да изградиме феминизам за 99-те проценти – грасрут, антикапиталистички феминизам – феминизам солидаризиран со работничките, нивните семејства и нивните сојузници ширум светот.

 

* Изразот „lean-in феминизам“ се однесува на еден вид феминизам, кој ги охрабрува жените да се наметнат, да се себепромовираат и да го најдат т.н. клуч од „стаклената врата“ во искачувањето по корпоративните скалила и позиции. Подетален критички осврт кон ваквиот вид феминизам е достапен овде.

 

Оваа статија првично беше објавена во Гардијан.