Господинот Ивица Боцевски пред некој ден напиша колумна со чуден наслов, „Парастос за македонската левица“. Во периодот кога значително расте поддршката за Левичарското движење „Солидарност“ и Движењето за социјална правда „Ленка“, тој прогласи наш парастос. Знам дека тоа е она што сака да го види, ама тешко дека ќе му се исполнат желбите. Конечно дојде времето на левицата во Македонија. Гласно да го артикулира незадоволството на народот и да го предводи отпорот кон ненародната и недемократска власт.

Господинот Ивица Боцевски ги прозва Солидарност и Ленка бидејќи минатиот понеделник, заедно со други синдикати и здруженија, организираа протест против новововеденото плаќање придонеси за хонорарите. Му се чинело дека сме ги избрале Маргарет Тачер и Роналд Реган, за сметка на Карл Маркс и Вили Брант. За да не се грижи дека дошло до тоа, ќе му го објаснам следново.
 
Не е точно дека организиравме протест чие едно и единствено барање било неплаќање на придонеси за хонорарите. Солидарност, Ленка и синдикатите кои ги иницираа протестот и беа дел од организирањето на истиот дадоа јасно до знаење дека враќањето на статус квото, пред воведувањето на оваа владина мерка, нема суштински да ја подобри положбата на голем дел од хонорарните работници, на оние кои се хонорарни работници, бидејќи газдите не ги пријавуваат во редовен работен однос со цел да заработат дополнително пари на нивна сметка. Овие хонорарни работници треба да бидат пријавени, во редовен работен однос и поради тоа второто барање на протестот е Инспекторатот на труд да не седи со скрстени раце и да обезбеди примена на Законот за работни односи во делот на санкционирање на прикриените работни односи.
 
Со други зборови, ние не сметаме дека за хонорарните работници во прикриен работен однос не треба да се плаќаат придонеси. Ама, придонеси од плата, а не од хонорар. Владината мерка, да, овозможува да им се плаќаат придонеси и тие еден ден да имаат пензија, ама на сметка на редица права кои им се ускратуваат: платен годишен одмор, боледување, породилно отсуство, задолжителни систематски прегледи, отпремнини при отказ и друго. Ние не сакаме овие права на работниците да бидат жртвувани. Ние сакаме хонорарните работници и да имаат право на пензија и да ги имаат претходно наброените права. А за тоа не треба воведување нови законски измени, потребно е само Инспекторатот за труд да обезбеди почитување на Законот за работни односи. Ништо повеќе од тоа.
 
Ивица Боцевски се загрижи и за тоа што ние наводно сме биле против подобрувањето на ликвидноста на социјалните фондови. Повторно, нема потреба да се грижи. И повторно, погрешно ги чита нашите барања или не сака да ги прочита. Неликвидноста на фондовите, господине Боцевски, се должи на недомаќинското работење на фондовите и на погрешните потези кои Владата која ја поддржувате ги спроведе во минатото. Дали фондовите претходно обезбедија најефикасно трошење на парите на граѓаните пред да се излезе со еден ваков предлог? Или, убаво е да се обезбеди дополнителен прилив на средства, па како се трошат парите е ирелевантно прашање? Второ, нели Владата која ја поддржувате ги намали стапките на придонесите од плата во 2009 година и, наспроти предупредувањето дека тоа ќе ги осиромаши фондовите, вашите гласноговорници кажуваа дека тоа на крајот ќе значело дополнителен прилив на средства во фондовите? Дали обидот за обезбедување дополнителен прилив на средства во фондовите преку плаќање на придонеси за хонорарите значи отворено признавање од страна на власта дека нејзиното намалување на стапките на придонесите од плата се тотално фијаско? И не берете гајле, усвојувањето на нашите барања ќе донесат зголемена ликвидност на фондовите. Ако хонорарните работници бидат вработени во редовен работен однос, за нив ќе се плаќаат придонеси од плата и на таков начин ќе има дополнителен прилив на средства во фондовите. Покрај тоа, со усвојување на нашето трето барање, ултра-богаташите што примаат над 180.000 денари месечна плата да плаќаат придонеси на целиот износ на своите плати како и останатите смртници, исто така ќе се придонеси кон ликвидноста на фондовите.
 
Можеби најдегутантно во колумната на Боцевски беше неговото наводно застанување зад работниците во трудовоинтензивните гранки наспроти нашето наводно бранење на интересите на хонорарците, кои да ти биле некоја елита привилегирани. И тврди дека не било праведно за првите да се плаќаат придонеси, а за вторите – не.
 
Прво што треба да се посочи е дека не е исто да работиш за плата од 15.000 денари и за хонорар од 15.000 денари. Кога некој работи за плата, тогаш тој најчесто има барем некаква сигурност дека таа плата ќе ја зема во следниот релативно долг период. Кога се работи за хонорар, тоа најчесто е хонорар кој се прима еднаш или во период од три до шест месеци, по кој период тој хонорарец може да нема никаков прилив на средства. И тие пари што ќе ги заработи преку своето хонорарно ангажирање, ќе му требаат за да сврзе некако крај со крај во периодот кога нема да има прилика да работи за хонорар.
 
Второ, една од главните причини зошто го организиравме протестот беше оправданиот страв дека она што ќе следи во иднина е хонораризирање на голем дел од работништвото во Македонија. Односно, дека со голем дел идни вработени газдите ќе склучуваат договор за хонорар наместо договор за вработување. Па дури и дека газдите ќе им го заменат договорот за вработување на сегашните вработени во редовен работен однос со договор за хонорар. И дека на тој начин работниците ќе изгубат цела низа работнички права, а државата, која и сега седи со скрстени раце, нема да мрдне ниту со прст во врска со тоа. Откако таа ќе си ги земе своите пари преку плаќањето на придонесите и персоналниот данок, нејзе ќе и’ биде сеедно дали газдата им ги почитува правата на своите работници или не. Така што, не берете гајле, господине Боцевски, ние не ги заборавивме работниците во трудовоинтензивните гранки. Меѓу другото, со цел да не дојде до влошување на нивната и така лоша положба па тие и законски да ги немаат правата кои сега им се кршат, ние го организиравме протестот.
 
И трето, ние немаме некои застарени концепции за работничката класа кои, пропагандно, вие сакате да ни ги протурите. Работник е секој оној што е принуден да го продаде својот труд за да обезбеди парични средства за себе и за своето семејство. Не се работници само физичките работници, туку и интелектуалните. Тоа што голем дел од културните работници себеси не се гледаат како работници е посебен проблем на кој треба да се работи, но токму нивното осиромашување и нив ги убедува дека и тие се работници и дека и нив ги мачат истите проблеми како и физичките работници. И, да, господине Боцевски, ние не криеме дека ги браниме интересите и на културните работници, а не само на физичките работници. Но, тоа го сметаме за наш квалитет, а не за наш недостаток.
 
Да заклучиме. Вие сакате да видите левица која е заглибена во минатото, која единствено знае да ги цитира Маркс, Енгелс и Ленин и која, по можност, го боготвори ликот и делото на Маршалот. Вие и имате таква партија, трагикомичниот Сојуз на Титови леви сили. Новата левица во Македонија не е таква. Новата левица е интелектуално доволно зрела барем да може да препознае загрозување на работничките права, без разлика колку вешто вашата Влада се труди тоа да го маскира. И знае да организира протести, како што го има покажано повеќепати досега. И, да, имате причина да бидете загрижени од нашиот потенцијал, и вие и вашата влада.

 

Здравко Савески
ЛД Солидарност