Минатата година, по повод Меѓународниот ден на жената, нашиот активист Антонио Михајлов беше интервјуиран од LeftEast и сподели свои видувања околу значењето на 8 март и статусот на жените во Република Македонија. Во интервјуто тој нагласува:

Растажувачки е фактот што во 2015 година, само 39.5% од вработените во Македонија се жени, а жените претставуваат 64% од население кое е неактивно на пазарот на трудот. Статистичките податоци покажуваат дека причините позади овој факт лежат во изборот на жените да се насочат на грижа за семејството, децата и за старите лица. Дури и во случаите кога жените се вработени, кога се финански помалку зависни, тие се соочуваат со нееднакви плати и со потешки услови за напредок во кариерата од мажи со истите вештини, квалификации, искуство и образование.

Сите овие економски аспекти на статусот на жената се тесно поврзани со промената на општествениот дискурс [која се случува во Македонија во изминатата декада]. Овој наталожен дискурс резултираше во серија обесхрабрувачки последици при што пратенички гласаат за мизогинистички закони и законски промени наметнати од страна на мажи, млади жени го глорифицираат бракот и семејството како единствен изводлив и возможен начин за да го реализираат својот потенцијал, и најмизерно, мајки ги учат своите ќерки и синови на послушност и потчинетост под моќниот меч на патријархатот. Овој доминантен дискурс истовремено ги обликува односите на моќ и во ЛГБТ заедницата, каде жени лезбејки, бисексуалки и транссексуалки се позиционирани на самите маргини на општеството.

За жал, можам само да констатирам дека статусот на жените во Македонија е влошен, што станува најочигледно кога ќе ги погледнеме бројните привилегии на модерното општество кои им беа одземени на жените, како на пример промените во законот за прекинување на бременост од јуни 2013.

 

Целото интервју е достапно овде.