10486921_10203775138680365_1781352801_nИсторијата сведочи за примери кога сочувство и револт се искажувале само во случаи кога со жртвите се споделувала етничката, верската или некоја друга припадност. Но, историјата сведочи и за други случаи, кога важно било не тоа кој каква етничка припадност има, туку тоа за што тој се залага и бори.
Добар пример за ова второто е реакцијата која ја предизвика бесењето на шестмина учесници во НОВ на Македонија кај жителите на Тирана во мај 1943 година. Според Илија Топалоски, преку овој пример најдобро се виде „каква солидарност во борбата, колку силни стремежи за единство и братство, колку голема љубов кон нашата борба [во Македонија] постојат кај албанскиот народ.“
На 27 април 1943 година, во битката на Мавровско-гостиварскиот партизански одред „Кораб“ со балистите на Џемо Хасани кај гостиварско Ново Село биле заробени десет партизани кои набрзо потоа биле префрлени во затворот во Тирана. Бидејќи во битката биле убиени и десет балисти, Џемо Хасани од италијанските власти барал смртна казна за заробените партизани. Судот во Тирана осудил шестмина на смртни казни, а четворица на 20-годишна робија. Набрзо потоа, ноќта помеѓу 16 и 17 мај 1943 година осудените на смрт, од кои петмина Македонци и еден Србин, биле обесени во тиранскиот затвор.

10439656_10203775137240329_888590715_n

Утрото, кога останатите затвореници ги виделе обесените трупови на своите другари, цел ден пееле песни и извикувале пароли во нивна чест. И жителите на Тирана уште во утринските часови дознале за злосторството што го извршиле италијанските фашисти. Тоа кај нив предизвикало еднодушен револт и гнасење. Биле истакнати црни знамиња и речиси цела Тирана била обвиена со црно. Но не само тоа. Тој ден цела Тирана била на нозе. Нејзините жители масовно излегле на демонстрации за убиените антифашисти, дуќаните не работеле, а учениците не отишле на училиште и излегле да протестираат, заедно со останатите, со црни ленти на рацете. Во градот комунистите растурале леток со кој најодлучно се осудувал извршениот злочин на италијанските фашисти. Сè било во знак на жалост, но истовремено и на протест против злосторот.
Современиците на овој настан, покрај за подробностите на самиот настан, зборуваат и за неговото значење. Марче Василевски, еден од преживеаните затвореници, ќе напише дека „тоа беше израз на братството и солидарноста меѓу македонскиот и албанскиот народ, знак на длабока почит од граѓаните на Тирана спрема обесените македонски борци.“ А Топалоски во својата изразито антинационалистичка статија „Нашата бригада и братството со албанскиот народ“ ја искажа својата увереност дека датумот на кој се случи сето ова „ќе остане засекогаш како најверен израз на братството меѓу нашите два народи.“
За жал, Топалоски околу ова не беше во право. Денес солидарноста на жителите на Тирана кон обесените борци од НОВ на Македонија е речиси целосно заборавена. Сосема незаслужено. И сосема неблагодарно. Веројатно зашто им пречел на оние што сакаат соседите да ги претставуваат како крвни непријатели, а не како браќа, во најдобрата традиција на Крушевскиот манифест. Се разбира, тука се и оние што не потпаѓаат на националистичкото извртување на историјата да спречат вакви епизоди да ги проголта заборавот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.