Итното заседание на Советот на ЛД Солидарност одржано на 6 Март 2015, по повод последните објавени снимки од разговорите на македонскиот политички врв, го донесе следново соопштение:

ЛД Солидарност со шок и неверување ги проследува последните политички случувања во Македонија. Фрапирани од нечовечноста, подлоста и злоупотребите на владеачката врхушка, ние се согласуваме со мнозинството граѓани на Република Македонија – оваа Влада нема легитимитет да владее ниту ден повеќе! Сите оние функционери кои деновиве ги слушаме како заговараат уништување на македонското општество не само што мора да си одат, туку никогаш повеќе не смеат да извршуваат јавни функции! Нашата граѓанска должност во моментов е тоа да им го кажеме јасно и гласно, да се погрижиме тие да си заминат, а со нив и нивните методи на владеење.

Она што го чувме денес укажува дека уставниот поредок и демократските институции се држат во заложништво од страна на кланот на Никола Груевски. Притоа, владините функционери имаат нечовечки и садистички однос кон обичните граѓани – вклучувајќи ги и нивните противници – но и нивните поддржувачи и гласачи! За нив сме „човечиња“ и „гревови“ – топовско месо лишено од основните политички права и какво било достоинство. Згрозувачки се и притисоците и нехуманиот третман на јавната администрација и полицијата. Конечно, заканите по животите на неистомислениците и нивните фамилии се индикатор за моралното дно кое владеачкиот клан го има достигнато!

Голем број од граѓаните на Македонија веќе немаат илузии за тоа каде живеат. Но многу од нив се сеуште спречени да го изразат својот револт. Токму затоа, денес ЛД Солидарност апелира првенствено кон членството на партиите на власт, вработените во јавната администрација и полицијата, медиумските работници и сите оние кои во изминативе девет години биле изложени на притисок од страна на власта: се солидаризираме со Вас и Ви подаваме рака да станете за своите права! Ја имате нашата поддршка за Вашиот глас да биде чуен! Ова е Вашата шанса да им се измолкнете од канџите на овие нелуѓе, и да учествувате во изградбата на демократско и социјално праведно општество. Бидете храбри!

Големото прашање е што во периодот кој следува? Знаејќи го вистинското лице на Никола Груевски и неговите соработници, нивната узурпација на судството, медиумите и стопанството, очекуваме големи притисоци и провокации. Токму затоа потсетуваме, дека во овој период, нашата должност ќе биде да делуваме активно и солидарно, но пред сè трезвено, совесно и одговорно. Наша цел не е само соборување на корумпираните елити, туку и коренита општествена и системска промена.

Токму затоа, би сакале да го повториме нашиот апел кон објавувачот на снимките за: а) овозможување на граѓаните преку безбеден протокол да дознаат дали биле следени; б) итно објавување на сите материјали кои се од јавен интерес, со преземање мерки за заштита на идентитетот на цивилите кои би биле загрозени со таквиот чекор; и в) инволвирање на поширок спектар на непартиски и невладини организации, независни медиуми и експерти во процесот.

Ставот на ЛД Солидарност е дека во овој момент е потребно итно формирање на нова, привремена Влада составена од непартиски експерти. Нивната задача ќе биде да обезбедат услови за ослободување на државата од нелегитимната криминална власт, како и враќање на институциите на тие на кои тие им припаѓаат: граѓаните. Дел од чекорите во таа насока би биле: (1) конечно спроведување на попис и прочистување на изборните списоци; (2) испитување на инволвираноста во криминални активности на раководните лица во јавната администрација во периодот 2006-2015; (3) гарантирање на фер и балансирано известување од страна на јавниот сервис; и (4) конечно спроведување на фер и демократски избори кои ќе ги задоволат Уставот и стандардите.

Да покажеме дека сме достојни за предизвикот.

Ќе победиме!

cropped-header631