сумо

Во целост ви го пренесуваме интервјуто со нашиот член Јордан Шишовски за Фактор со Горазд Чомовски. Оргиналното интервју може да го најдете овде.

Фактор: Дали  со изборите на 5-ти јуни би се ставило крај на кризата или дополнително би се продлабочила политичката агонија?

Шишовски:  Изборите може или да ја влошат кризата или да придонесат за наѕирање на почетокот на некакво решение. Но, решението нема да дојде преку ноќ. Македонија не е демократија. Треба да бидеме свесни дека ниту едни избори никогаш нема да бидат фер и демократски сè додека се организирани од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата е ставена во не-фер позиција. Медиумски е блокирана и демонизирана. Правилата на играта се така поставени за да ѝ даваат предност на власта. Државните ресурси и институции се злоупотребуваат од партијата на власт. Ова е константа во политичкиот живот кај нас, но својата кулминација ја доживеа во режимот на Груевски-Ахмети. Не смееме да го заборавиме ниту багажот што голем број стари политичари од опозицијата го носат зад себе. Ова е фактичката состојба и од неа нема бегање. Опозицијата мора некогаш да излезе на избори. Неповолностите умниот политичар може да ги сврти во своја полза.

Но, се чини, ни недостасуваат способни политичари со визија и стратегија. Тука вреди да се спомене примерот со битката за општина Центар во време на локалните избори. При невиден притисок и употреба на сите ујдурми и мајмунлаци што ДПМНЕ можеше да ги смисли сепак доживеа пораз. Во овој правец треба да се осмислува стратегијата за рушење на ДПМНЕ. Револуција нема да се случи, а митот за „багер дипломатијата“ мора да биде фрлен во оган. Опозицијата требаше да излезе на избори и да ја подрие власта на Груевски. Но, откако уште еднаш стана роб на својата илузија за можност на „чисти избори“ организирани од највалканиот македонски политичар – Груевски, тогаш изборите без опозиција секако ќе ја продлабочат кризата.

Фактор:  Како го коментирате повикот на  лидерот на СДСМ  Зоран Заев  за широк граѓански фронт  против неговиот политички опонент Никола Груевски и дали во Македонија може да се повтори 17 ти мај?

Шишовски: Подобро никогаш повеќе да не ни се случи 17 мај! Тоа е еден од најголемите политички неуспеси во поновата македонска историја. На 17 мај комплетно беа задушени сите независни изблици на граѓански револт. Дали тоа беше направено свесно или не, веќе не е ни важно. Исходот од тој несреќен настан и тоа што следеше  беше пасивизација на граѓанските движења и скоро целосна политичка рехабилитација на ранетиот Груевски.

Самоорганизираната искрена борба за промена беше заменета со борба за власт без визија, без стратегија и со тактичка конфузија. Се надевам дека и СДСМ, но и граѓанските организации што се приклучија на оваа непринципиелна коалиција ги увидоа грешките и нема веќе да ги повторат. Вчерашната , пак, изјава на Заев не покажа дека СДСМ има јасна визија за смислата, целта и стратегијата на предложениот фронт. Наместо тоа, слушнавме аматерски говор составен од клише-слогани и апстрактни генерички закани во стилот: „сите опции се отворени.“ Не знаеме дали „фронтот“ е замислен како изборна коалиција што ќе ја смени власта на избори или е некаква „револуционерна дружина.“ Ако СДСМ има намера да (о)стане релевантен политички фактор, тогаш ќе мора да научи да комуницира јасно и да дејствува принципиелно и решително.

Фактор: Процесот на будење и активирање на граѓаните не е ни лесен, ниту брз, но се случува и во Македонија зема сè поголем замав.  Дали СДСМ сега  всушност сфаќа дека направил грешка со повлекувањето  на шаторите од пред  „Илинденска“ и влегување во Владата?

Шишовски: СДСМ направи грешка што воопшто ги постави шаторите на „Илинденска.“ Тој камп немаше никаква цел. Кампот ниту ги држеше институциите под опсада, ниту се обиде да ги заземе. Со тоа ова беше само еден во редицата на импотентни либерални политички перформанси на македонската политичка сцена. Вистинското будење се случуваше минатата зима од сосема други актери. Студентскиот пленум, Професорскиот пленум, Средношколскиот пленум и Наставничкиот пленум беа Новото будење. После 5-ти мај беше оформен #Протестирам како независно движење „од доле.“ Ако СДСМ беше искрена во своите намери, тогаш ќе го помогнеше ова движење и ќе му ја оставеше слободата да дејствува. Стратешкото единство и тактичката разноликост и автономија на движењата можеа да го срушат режимот. Но, СДСМ избра да го монополизира и преземе целиот отпор. Ова беше кобно како по граѓанските движења, така и по угледот и кредибилитетнот на самата СДСМ и опозицијата.

Фактор: Дали силната антикампања и „демонизација” на невладиниот сектор ги ослабува, но дополнително и мотивира во заложбите да се надминат сите програмски и идеолошки разлики, за да може сите различности да се искористат во создавање на подобро и подемократско владеење и општество?

Шишовски: Пропагандата на режимот е настроена кон демонизација на секој критички глас зашто авторитарната матрица не трпи разногласие. Едноумието е константа на македонската политичка сцена, како кај власта, така и кај опозицијата и либералната интелигенција. Ако под идеолошки разлики се подразбираат слободарските начела и демократијата, тогаш компромисот е невозможен. Бесмислено е да зборуваме за откажување од слободата и демократијата во име на борба за слобода и демократија. Силата е во разноликоста и разногласието! Ова е дијаметрално спротивно на груевизмот, затоа само преку живо практикување на слободата може да се сруши режимот!

Фактор: Како во Македонија да се стигне до „влада на народот, од народот и за народот“ ?

Шишовски: Тоа може да се случи само со масовно организирање „од доле.“ Секое маало, секоја уличка, секој влез мора да се организира за борба за сопствените конкретни права и слободи. Никогаш нема да имаме пристојно општество ако групите на истомисленици и сострадалници не се организираат во политички групи за борба за заедничките интереси преку директна акција. Зависноста од „државата,“ „партијата,“ „црквата,“ „фамилијата“ е дел од политичката култура што мора да го искорениме. Демократијата значи власт на народот. Секој / секоја, и поединечно и заеднички мора да ја зграпчи сопствената слобода. Никој друг нема да се бори за нашите интереси и слободи – ни една партија, ни еден политичар, ни една граѓанска организација, ни еден странски амбасадор.

Пленуми, маалски собранија, работнички совети, задруги, форуми, дружини, ложи… Како сакајте наречете ги, силата е во здружувањето. Ако немате интерес за политика, тогаш секако политиката ќе има интерес за вас. Политиката ги задолжува вашите внуци, ги бетонира вашите паркови, ви ги зема вашите тешко заработени пари од џеп. Ваша должност е, ваш интерес и интерес на вашето потомство да се борите за вашите права и слободи.

Фактор: Мислите дека меѓународната заедница би дозволила Договорот од Пржино да доживее фијаско и дали Вашингтон и Брисел би  признале избори во кои не би  учестувале сите партии?

Шишовски: Неодамна Европската унија потпиша договор со Турција за решавање на „проблемот со бегалците.“ Овој договор од многу меѓународни организации за човекови права беше осуден. Европа мижи пред автократскиот и брутален режим на Ердоган додека тој „испорачува резултати“ – затворање на границите и задршка на бегалците. Оваа непринципиелна позиција на ЕУ, сепак не е преседан. Европската унија молчи за гушењето на демократијата и во Унгарија. Драматичните настани од грчката евро-криза покажаа дека Брисел е способен бескомпромисно и да ја погази волјата на цел еден народот само заради зачувување на интересите на крупниот капитал. Ако Европската унија молчи пред погазувањето на демократијата кај своите членки и сојузници, ако ја погазува демократијата кај други членки, тогаш не гледам причина зошто би се загрижила за газењето на демократијата во Македонија. Не се сомневам ни дека ако Груевски биде перципиран како способен да „испорача резултати“ за интересите на центрите на моќ и крупниот капитал, тогаш ќе биде и подржан, па дури величан како „реформист“ и „демократ.“

Не смееме да бидеме наивни. Прогресивните сили мора да бидат свесни за интересите на овие центри на моќ без нивна идеализација. Демократијата и слободата се наши интереси. Стабилноста – политичка и макроекономска – се нивни интереси. Ако ние самите не се грижиме и бориме за нашите интереси, тогаш зошто другите би се грижеле?! Во комуникацијата, пак, со овие центри на моќ мора недвосмислено да им се даде на знаење дека без демократизација (нашиот интерес) е невозможна стабилизацијата (нивниот интерес).

Кога еден убав ден, пак, ќе излеземе од политичката криза, прогресивните, продемократски и слободарски сили во Македонија треба сериозно да ги преиспитаат евро-атланските догми на македонската политичка сцена. Македонија се стреми да биде западна демократија, но не сите западни демократии се и членки на НАТО и ЕУ. Во ова мора да се ориентираме од нашите интереси.