strajkНачелно, владеењето на правото е исправен принцип. Одлуката која ќе биде донесена не треба да зависи од личните убедувања и интереси на оној што е надлежен, туку од она што е запишано во законот, непристрасно, за сите подеднакво. Сепак, има еден проблем со принципот на владеење на правото. Во случаите кога тој значи примена на закон чии одредби се неправедни, токму поради тоа што надлежниот нема овластување да постапи поинаку од она што стои запишано во законот, почитувањето на принципот на владеење на правото и спроведувањето на тој закон станува институционализирана неправда.

Минатата недела лекарите организирани во Самостојниот синдикат на Kлинички центар спознаа на своја кожа што значи кога некој ќе побара да се применува законот на штета на нивните права. Министерот за здравство Никола Тодоров, сметајќи дека синдикатот ги прекршил законските одредби за организирање штрајк, побара од судот да донесе привремена мерка со која се забранува организирањето и спроведувањето на штрајкот. При тоа наведе некои одредби од Законот за работни односи за кои смета дека му даваат за право.

 

Здравко Савески

Според Уставот на оваа земја правото на штрајк е гарантирано. Кога нешто е гарантирано со Уставот на една земја, тоа не е нешто од секундарна важност. Во нашата земја некако премногу ноншалантно си ги сфаќаме правата кои ги имаме, па затоа не му ја даваме онаа тежина што гарантирањето на некое право го има кога е запишано во Уставот. Навистина, во Уставот исто така пишува дека со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк, но тоа се однесува само на вооружените сили, полицијата и органите на управата. А здравството, очигледно, не е дел од овие сектори.

Проблемите со уставно-гарантираното право на штрајк започнуваат веќе со нивното законско регулирање. Работниците се лишени од правото да организираат штрајк без синдикат. Почетокот на штрајкот е условен со потенцијално одолговлекувачката постапка за помирување помеѓу работниците и работодавачот. Ефикасноста на штрајкот е загрозена поради можноста да се определат работи кои не смеат да се прекинат за време на штрајк. И, можеби најстрашно, воведена е можност штрајкот да биде судски забранет, а работодавецот да побара и да добие надомест на штетата, која ја претрпел поради организирањето на штрајкот за кој судот пресудил дека е незаконски. Сето тоа во реалноста претставуваат многу сериозни пречки на остварувањето на правото на штрајк. Да бидат работите дури и трагикомични, во случај на прекршување на одредбите за штрајкот, Законот за работни односи содржи повеќе основи за изрекување глоба на синдикатите (три наспроти едната на работодавецот), а покрај тоа износот на глобата е повисок за синдикатите отколку за работодавецот (1.000 до 1.200 наспроти 500 до 1.000 евра во денарска противвредност)! Па следната дилема се наметнува сама по себе: дали намерата е преку законските одредби да се обезбеди остварувањето на правото на штрајк на работниците или да се ограничи што е можно повеќе тоа нивно уставно гарантирано право?

Мора да се има предвид и важноста на правото на штрајк како дел од корпусот работнички права. Се работи за право кое никако не смее да се третира како секундарно. Штрајкот претставува еден од основните начини за работниците да го обезбедат почитувањето на своите права од страна на работодавците и да ги продлабочат истите. Ако преку законските одредби ефективно им се ограничи правото на штрајк (без разлика што тоа Уставот го гарантира!), тогаш едноставно им се врзуваат рацете да се спротивстават на кршењето на другите свои права, а односот на силите помеѓу работодавците и работниците значително се изместува во прилог на работодавците.

Би го кажал уште и следново во врска со контроверзната постапка на помирување пред чие завршување штрајкот не смеел да започне. Да, тоа го пишува во Законот за работни односи и тоа го искористи министерот за здравство за да побара судот да донесе одлука против одлуката на штрајкувачкиот одбор на Клиничкиот центар. Но, во овој закон веднаш по оваа одредба пишува дека обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајк. Покрај тоа, уставната одредба дека со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата значи дека, надвор од тие три сфери, пропишувањето услови кои го ограничуваат остварувањето на правото на штрајк (како одредбата според која штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување) не може да биде уставно.

Во ноември минатата година, речиси пред десет месеци, јас како граѓанин до Уставниот суд поднесов претставка во која ја спорам уставноста на оваа одредба. Уставниот суд оттогаш одлучувал по многу претставки кои подоцна биле поднесени, но не во врска со оваа. Зошто толку се одолговлекува постапката за оваа претставка? Во случајов, бавноста на Уставниот суд можеби овозможи да дојде до прекршување на право на здравствените работници гарантирано со Уставот. Ноншалантниот третман на претставките кои се однесуваат на работничките права од страна на Уставниот суд е само одраз на ноншалантниот третман кон овие права на многу фактори што имаат обврска да ги штитат. А дека така треба да биде – не би се согласил.

Здравко Савески

Leave a Reply

Your email address will not be published.