cropped-header63

НЕОДЛОЖНИ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ

Фактичката состојба во Македонија

Во Македонија релативната сиромаштија порасна од 19,0% во 1997 година на 30,4% во 2011 година. Согласно Милениумските развојни цели на Обединетите Нации, Македонија презеде обврска да ја намали стапката на релативна сиромаштија на 9,5% до 2015 година. Како резултат на немањето интерес на естаблишментот да се справи со овој проблем и поради доминацијата на неолибералните политики, Македонија драстично ќе потфрли во однос на исполнувањето на милениумската развојна цел која се однесува на сиромаштијата.

Во Македонија невработеноста останува еден од најфрустирачките социјални аспекти на македонското општество. Веќе две декади таа се нема спуштено под 30% и поради тоа континуирано произведува уништувачки последици за третина од населението. Постојните економски политики не нудат каква било перспектива за подобрување, правејќи ја невработеноста, особено невработеноста кај младите, еден од главните општествени, економски и политички предизвици во земјата.

Во Македонија бројот на приматели на социјална парична помош драстично се намалува, иако нема намалување на сиромаштијата. Тоа што социјалната помош на државата за сиромашните домаќинства се намали за речиси 40% во периодот 2007-2012 само покажува дека исчезнува социјалниот аспект на државата, бидејќи податоците за релативната сиромаштија во истиот период покажуваат нејзин пораст од 1%.

Воведувањето на минимална плата нема голем ефект врз сиромаштијата. Само 7% од вработените со полно работно време можат да ги почувствуваат ефектите од Законот за минимална плата. Сепак, ефектите во практиката се млаки и не придонесуваат кон намалување на сиромаштијата и нееднаквоста.

Бенефициите за богатите, кои и така беа значителни, се зголемија уште повеќе во последните години. Во 2008 година персоналниот данок беше намален на 10%. Данокот на добивка исто така беше намален на 10% во 2007 година. Од 2009 година се намалени и стапките на придонесите за социјално осигурување. Владата не успеа да ги намали стапките на придонесите онолку колку што планираше, но нивното намалување сепак е значително, една шестина од нивото пред 2008 година (од 32,5% во 2008 на 27% во 2010 година). Најштетен аспект на
менувањето на законите во корист на богатите е одредбата, изгласана во 2008 година, која им овозможува на екстра-богатите да плаќаат придонеси за социјално осигурување на многу мал дел од нивната бруто-плата. Вкупната сума што државата ја изгуби во 2011 година поради ваквото привилегирано збогатување само на 10-те менаџери со највисоки плати беше 1,1 милион евра.

Како резултат на политиката на создавање „позитивна бизнис клима“, нивото на највисоките плати и приходи стана незамисливо високо за македонски прилики. Највисоката бруто-плата порасна повеќе од четири пати во периодот од 2008 до 2011 година. Во 2008 година таа беше 20.305 евра месечно, а во 2011 година – 92.284 евра месечно. Највисоката нето-плата во 2011 година беше 245 пати повисока од просечната плата и 631 пат повисока од минималната плата во повеќето сектори. Највисокиот приход во 2011 година, пак, беше 425 пати повисок од просечната бруто-плата.

Споредбата на највисоките плати и приходи со просечната и минималната плата веќе кажува многу за нивото на нееднаквост во денешна Македонија. Дека ситуацијата во Македонија со прераспределбата на приходите и богатството од сиромашните и средната класа кон богатите е страшна е фактот дека Џини индексот на Македонија стана највисок помеѓу сите земји од Европа и бившиот СССР. Македонија стана земја со најголеми класни разлики во цела Европа и бившиот СССР!

Што треба да се направи?

За справување со проблемот на понатамошно осиромашување на сиромашните и на поврзаното збогатување на веќе богатите, ги предлагаме следните неодложни реформи:

1) укинување на законската привилегија за екстра-богатите во однос на плаќањето на придонесите за социјално осигурување;
2) зголемување на стапките на придонесите за социјално осигурување;
3) повторно воведување на прогресивен персонален данок од доход со стапки од 15, 18 и 24%;
4) зголемување на стапката на данокот на добивка и воведување на прогресивни стапки од 15 и 20%;3
5) зголемување на законската минимална плата со цел да се овозможи достоинствен животен стандард и директно пропишување на глоби за работодавците кои исплаќаат плати пониски од минималната;
6) укинување на политиката на наметнување рестриктивни услови за примање и задржување на социјалните бенефиции;
7) воведување на минимален достоинствен приход кој ќе го гарантира државата за сите граѓани како предуслов за нормален достоинствен живот, особено за онаа категорија на граѓани кои веќе се сиромашни или се во ризик од сиромаштија;
8) спроведување во практиката на уставното право на формирање и зачленување во синдикати со цел да им се овозможи на работниците да ги бранат своите права и интереси;
9) драстично намалување на буџетските средства кои се трошат на непродуктивна основа (спомениците, фасадите и градбите кои се дел од „Скопје 2014“ се само најдрастичниот пример) и насочување на средствата
кон проекти за намалување на сиромаштијата и креирање на работни места;
10) државна помош за енергетски-ефикасни решенија, особено за посиромашните граѓани;
11) воспоставување соработка помеѓу балканските земји со цел да се избегне трката до дното (особено во однос на даночната политика).

Иако овие предлози можат да се чинат доста радикални за македонски прилики, тие се далеку од радикални ако се имаат предвид меѓународните стандарди. Перцепцијата за „радикалноста“ на овие предлози е резултат на речиси целосно непредизвиканиот неолибералистички дискурс кој владее со земјата од независноста во 1991 година.

Во земја со вакви бројки на сиромаштија, невработеност и нееднаквост би се очекувало да има силно социјално движење и силни радикални левичарски политички алтернативи. За жал, Македонија е една од европските земји со најлошо досие во однос на социјалната мобилизација, синдикалните активности и трудовото законодавство. Главниот политички и општествен предизвик во Македонија останува силната социјална мобилизација околу една левичарска и радикална политичка организација која ќе предложи сеопфатна ревизија на системските економски механизми и ќе обезбеди излез од континуирано дегенеративниот општествен и политички контекст.