Во целост ви го пренесуваме интервјуто на нашиот член Васко Цацаноски за „Фактор.“ Разговараше Горазд Чомовски

timthumb

Фактор: Дали Движењата и вонпарламентарните партии кои сега протестираат на избори може да се групираат или да се приклучат на некоја партија, може ли  да се случи да произлезе нова политичка сила ?

Цацаноски: Познавајќи ги односите помеѓу актерите кои се активно вклучени во протестите, сметам дека не постои тенденција која би целела кон формирање на нова политичка партија или друг облик на формализација. Се разбира, никој не може да тврди за нечии лични или организациски намери и амбиции, но дури и да постојат такви, претпоставувам дека би биле исклучиво во насока на приклучување на веќе постоечка партија, а не формирање нова.

Фактор:  Движењето Солидраноство една колумна  беше опишано  како „терористички оперативен штаб на странските служби  и мрачните сили“. Против што е насочено ова левичарско движење, кои се нејзините форми и кои се крајни цели ?begalci-mala

Цацаноски: Повеќе би сакал да зборувам ЗА што е насочено Левичарското движење Солидарност, отколку против што е. За нас, правдата не е можна без социјална правда. Економски угнетениот работник или невработен, човекот за кој месецот значи егистенцијална борба да се донесе храна на масата и да се платат сметките, многу лесно може да биде предмет на уцени, закани и манипулации. За нас, демократијата не е можна без целосна инклузивност на сите маргинализирани групи и активна партиципација на граѓаните во општеството. Каква е таа демократија која на секаков начин маргинализира етничка (погледнете ја маргинализацијата на ромите), партиската (нема вработување во јавна администрација ако си член на неподобна партија), родова(во руралните делови од Македонија, само 2% од имотот е поседуван од жени) сексуална (ви текнува на насилствата и омаловажувањата на лгбт луѓето), или пак верската различност (замислете политичар да каже дека е атеист)? Демократијата за нас не е гласање на секои 4 години на повеќе-партиски избори. За нас демократија е активно учество,и поттикнување да го прават тоа, на граѓан(к)ите во сите сфери на заедничкото живеење, од одлуки дали во локалното паркче да се постават клупи, до активно учество во донесување на закони. Ваквите заложби максимално се трудиме да ги рефлектираме и во внатрешното функционирање на организацијата, правејќи ја хоризонтална и инклузивна. Новите членови ги имаат истите права како и основачите, што можеби ја прави ранлива, но истовремено и мобилизирачка сила, факт кој очигледно го признаваат и мегафоните на власта, инаку не би биле тие инсинуирачки напади. Повеќе за нашите заложби и цели, би ги повикал читателите да ја прочитаат нашата Платформа (http://www.solidarnost.mk/platforma/makedonski)

Фактор. Граѓанскиот сектор- приврзок на политиката или вистински  предводник на општествените промени во државата?

Цацаноски:Најпрво да го коригирам прашањето, „..приврзок на партиите…“, а не приврзок на политиката. Според мене, не само право, туку должност на секој граѓанин е да се занимава со политика, но кај нас за огромна жал, токму од самите партии „политиката“ намерно се поистоветува со партии, што го прави доминантното мнозинство граѓани самопрогласени „аполитични“. Би сакал тука да потсетам на старогрчкиот термин „идиот“, кој низ времето делумно го сменил значењето. Во изворното значење, идиот бил некој кој не се интересирал за јавниот живот туку го интересирале само личните, приватните работи.

Назад кон прашањето… Никако не може да се генерализира при одговорот на таа дилема. Да се каже дека не постојат граѓански организации кои инклинираат кон некоја политичка партија, се разбира е невистина. Но уште поголема лага е онаа која упорно ја протежира власта преку нивните медиуми и мегафони: ако критикуваш некое случување за кое е одговорна власта (дури и заради самиот факт што тие ја имаат власта и со тоа можноста за менување на нештата) веднаш да те етикетираат како СДСМ, соросоиди, платеници и слично.

DSC_0231Ние како левичарско движење ги гледаме токму организираните граѓани како движечка сила во било кое општество, но не толку во класичната смисла на организирање како формални невладини организации, туку многу повеќе како здружени луѓе кои застанале во одбрана на некое јавно добро или вредност која тие ја сметаат за општествено важна.Независно дали граѓаните се организирале во борба за чист воздух, одбраната на некој парк или зелена површина, одбрана на некој објект кој го сметаат за важен за нивниот град, подобрување на условите за користење инвалидски, детски колички и велосипеди во градовите, но и „поголеми теми“ како борба против полициската бруталност, или уште повеќе криминалното владеење на власта… таквите организирани граѓани ги сметаме за суштината на граѓанското организирање. Само преку такви форми на самоиницијативно заедничко делување ќе се случат вистинските промени во општеството.

Фактор: Долготрајната политичка криза ја еродира демократијата во Македонија и ги нарушува меѓуетничките односи. Дали Шарената револуција  е шанса за нова, граѓанска Македонија?

Цацаноски: Политичката криза е всушност криминална криза. Политичка е само зашто криминалците се во врвот од политичкото раководство на државата. Но ние немаме политичка криза на несогласување на политички концепти и визии, па да не може да се состави влада, донесе буџет, изгласа устав…, ние имаме криминалци кои се на власт.

Секое автентично граѓанско будење е чекор понапред кон подобра, подемократска и пограѓанска Македонија. Се разбира дека актуелните протести се значаен исчекор, како заради масовноста, така и заради истрајноста на луѓето кои протестираат. Повеќе од 40 денови се случуваат протестите, кои имаат сериозна бројност и кои за прв пат во историјата на и капиталистичка и социјалистичка Македонија се случуваат паралелно и континуирано во повеќе градови.

Фактор: Избори на 5  јуни нема да има.Министрите од СДСМ кои партиципираат се разрешени. Значи ли ова дека  Договорот од Пржино е  мртов?

Цацаноски: Како што моментално стојат работите, во однос на конкретното практицирање на власта, ние се вративме 13 месеци наназад, односно пред 5-то мајските протести од 2015. Власта е во целосна контрола на ДПМНЕ-ДУИ, постигнатите реформи се тривијални, СЈО е ефективно блокирано со аболицијата…

Ние не сме политичка партија за да се интересираме за конкретен термин за избори. Она што нас како Движење не` интересира се суштински промени во општеството. Свесни сме дека потребен, но не и доволен услов за тоа да се случи е оваа криминална власт да си замине (во затвор). Она за што ние се бориме е суштинска борба со груевизмот кој е навлезен во сите нас, во сите пори на општеството, систем од извештачени вредности кои можат многу лесно по падот на Груевски да родат друг Груевски.

Фактор: Помина повеќе од  еден месец по одлуката за „општа „ аболиција која ја донесе претседателот Ѓорге Иванов со која беа помилувани 56 лица. Какви потези во наредниот период ќе влечат  актерите на политичкиот шах?

Цацаноски: Врхушката на ДПМНЕ е целосно непредвидлива за било кој. Тие во целото нивно 10годишно владеење беа такви, но особено сега, кога дилемата им е ако не се на власт, тогаш ќе се во Идризово. Но непредвидливоста не се должи на нивната толку голема способност, таа се должи исклучиво на нивната без скрупулност, односно поради фактот што се оперирани од секаков морал и етика. Кога веќе се такви, нивните раце се целосно слободни да бидат повеќе од непредвидливи. Погледнете само како ги уценуваат сопствените членови, како се однесуваат кон месниот комитет на ВМРО ДПМНЕ наречен уставен суд,или пак со т.н. претседател кој протестантите оправдано го споредуваат со фикус. Како може да се предвиди следен потег на некој што 16 пати дава бланко помилување на еден ист човек?

Оригиналниот текст може да го најдете овде.