downloadРастејќи во мала средина како Охрид, не умеев да се почувствувам како дел од него заради силно изразениот синдром на парољубие и комерцијалните туристички ангажмани. Како резултат на тоа, недоволно обрнував внимание на природните и кулутурни вредности на моето опкружување. Преселувањето во Охрид и периодот на адаптација кој беше страшно бавен и тежок товар за едно деветгодишно девојче, во мене ненамерно создадоа отпор кој несомнено предизвика игнорантност кон местото во кое се преселивме. Најдалечните градови кои се гушат од фабрички чадови и асфалт за мене беа попривлечни. Езерото беше за рибарите и едриличарите, а планината за пчеларите и овчарите. Не бев ниту рибарка, ниту едриличарка, ниту пчеларка, ниту овчарка. Охрид беше само еден убав град, како убав човек без карактер, кој посветува внимание само на оние кои му се додворуваат само за да добијат нешто од него.

Но, проширувањето на моите хоризонти за време на школувањето, воспитувањето од страна на мојата Мајка, студирањето во Скопје и запознавањето на инспиративни луѓе способни за критичко размислување и делување, ми овозможија да соберам храброст и да зачекорам надвор од Македонија. Патувањето првично беше мое прибежиште. Колку повеќе места посетував, толку побогато се чувствував и толку повеќе сакав да продолжам понатаму. Од секое место, со секоја нова мисла и ново познанство, забележував  дека се менувам, градам нови мислења со кои се потсмевав на старите и на моето детско незнаење и неспособност за расудување. Дури и личниот опис чинам ми се менуваше. Во Аласка очите ми се гледаа позакосени, во Перу тенот темен и косата катран црна, во Боливија бев пониска, а во Бразил облините ми беа поистакнати. Видов бројни реки, езера, планини, запознав други религии, племиња, села, градови, нации. И токму кога би било разбирливо да се почувствувам како светска граѓанка, како што се чувствуваа бројни патувачи со кои се сретнав, јас сè повеќе припаѓав на Земјата каде се родив и пораснав. Во неa  имаше езеро, поубаво од сите што ги видов, и планини попривлечни и побогати од сите што ги искачив.

Се вратив и бев изненадена од моите чувства кон езерото. Не сум рибарка ниту едриличарка, но во тие води научив да пливам непосредно по моето проодување на плажата Љубаништа. Како внука на деца-бегалци од грчката граѓанска војна, растев со приказните за езерото. Како дедо ми и баба ми кои биле прогонети во Унгарија сонувале да му се вратат;, како откако се вратиле дедо ми направил дрвена педалинка со свои раце;, како се додворувале со баба ми на брегот кој е сега покриен со асфалт;, како береле печурки и билки таму каде што подоцна никнаа хотели. Мајка ми еднаш дури ми кажа дека езерото секој ден ја менува бојата. Почнав да го набљудувам. Навистина! Некои бои не би можела ниту да ги препознаам во спектарот на бои, ниту пак да ги именувам. Она што се случуваше на небото во Аласка кога аурора бореалис играше во сино-зелени бои не беше ниту блиску споредливо со игрите на бои во Охридското езеро.

Сите тие емотивни реакции кон тој Бисер неминовно ми создадоа чувство на поврзаност. Сакав да го запознаам подобро, па се задлабочив читајќи. Стар повеќе од четири милиони години, тој мој смел љубовник кој ми ги скокотка стапалата! Толку мудар и полн со знаење! Го засведочил раѓањето на Земјата, и на Човекот! Ги видел сите војни и помирувања, бил присутен на оформувањето на СФРЈ, нејзиното распаѓање, независноста на Македонија и сè уште живее! Мајка и татко на над 200 ендемични видови, посветено си ги чувал и негувал, оформувајќи најважен стагнантен воден еко-систем на европскиот континент. Природно живеалиште за бројни птици, на кои им се восхитував додека со дедо ми веславме со чамец речиси до албанската граница. Најдлабоко во Европа, и почисто од солзите што ми доаѓаат кога ги читам планираните урбанистички развојни зони.

Аполоновата пеперутка, загрожена. Сликана на Чумин Врв, Јабланица, Струшко, слика од Охрид ЅОЅ
Аполоновата пеперутка, загрозена. Сликана на Чумин Врв, Јабланица, Струшко, слика од Охрид ЅОЅ

Дознав дека „мочуриштено“ не е никакво гнасно мочуриште, туку Студенчишко блато кое е природен филтер на езерото, веќе сквернавено со прекумерено асфалтирање и градење. Трските во кои обожував да пливам биле дом на пастрмките и краповите, кои бесрамно се мрестеле додека јас сум се плискала околу нив. Па и не е чудо што УНЕСКО го заштитиле Охридското езеро и охридскиот регион во 1979 година. Единственото УНЕСКО подрачје на територијата на Република Македонија.

Но со новите урбанистички планови на сегашната македонска влада се заканува разорување врз оваа ретка драгоценост. Тие сакаат да го исушат блатото заради изградба на голем комплекс со апартмани. Сакаат да исечат еден од последните крајбрежни појаси на трска и да избетонираат значителен дел од езерска површина за изградба на туристички резорт. Сакаат да ја променат законската заштита на изворите кај Свети Наум за да изградат нов туристички комплекс до Љубаништа. Изворите  каде како дете се чувствував како во подобра верзија на Алиса во земјата на чудата, бидејќи оваа земја имаше повеќе чуда од таа на екраните. На Лагадин, каде нуркајќи им се радував на езерските школки и по некоја десетденарка од непромислените пливачи, сакаат да му го сменат личниот опис и да направат медитеранска плажа. Па, Медитеранот не е ни блиску! А на Далјан, каде сите охридски деца имаат по некоја љубовна приказна или прв срамежлив бакнеж, сакаат да изградат огромен објект сличен на вонземјански полжав кој заскитал од предел каде нема живот.

Дури и Галичица плаче за својот род. Кога пораснав и ја посетив, сфатив дека сум и планинарка, и овчарка, и пчеларка, и билкарка. Секоја прошетка со дедо ми кој ја знаеше планината како својата дланка, ме правеше да се чувствувам како повторно да се раѓам, секогаш во поинаков свет со поинакви бои. На Галичица не ѝ е тажно и депресивно на есен, таа блика во жолто-црвени и костенливо-кафеави бои, и ткае шушкав тепих под стапалата на нејзините обожувачи. Не ѝ е ладно ниту во зима, има малку снег кој  болскоти под сончевите зраци кои постојано ја љубат таа убавица. Ах, колку пати сме се санкале безгрижно до вечерни часови, додека родителите загрижено нè очекуваа за вечера. А пролетта и летото пак ја облекуваат во најживите бои и мириси, кои не можат да ги имитираат ни есенцијалните масла, ниту пак ароматичните стапчиња. Тогаш планината има најмногу друштво, од цел свет и сите возрасти. А и најмногу род, 114 ендемични вида, разнобојни пеперутки и растенија кои придонесуваат за исклучителна биолошка разновидност.

Но денес таму сакаат да изградат магистрален пат долг 26 километри со кои ќе уништат над 300 хектари заштитено подрачје. И не само тоа, туку и скијачки комплекс на 530 хектари, кој вклучува пристапни патишта, хотел и викенд населба. Зарем ќе ги сечете истите шуми кои ги создадовме со успешно пошумување пред 50 години? Па на Галичица нема ни снег за скијачки центар! „Ќе донесеме вештачки, ќе ја искористиме водата од езерото за таа цел“. Апсурден предлог! А што со многубројните заборавени скијачки центри како тие на Кожув, Суво Поле, Крушево? Некои од овие проекти се очекува да се финансирани од државни јавни фондови, некои од приватни инвеститори, а за некои е побарана и поддршка од меѓународните финансиски институции како Европската банка за обнова и развој. Скопје 2014, Охрид 2017… Да очекуваме бројни други инвестиции на оваа нишка?!

Владините предлог решенија се безобразно апсурдни, обидувајќи се на сметка на уништување на природното богатство да постигнат економски развој преку развивање масовен туризам. УНЕСКО, разочарани од овие претенциозни урбанистички планови, на 40-тата сесија на Комитетот за светско наследство во Истанбул го стави охридското подрачје под загрозени подрачја, што е последниот чекор пред исклучување. Многупати сме биле сведоци на манипулации и повреди на државните и меѓународните закони и конвенции во постапките за донесување на деструктивните планови за охридскиот регион. И цел овој циркус за привлекување на туристи. Епа, драги циркузанти, време е за вадење на маските! Туристите го сакаат природното, недопреното, боите, мирисите, вкусовите! Зошто да не се свртиме кон руралниот и еколошки одржлив туризам, кој е сè поатрактивен за туристите? Па ние имаме идеални услови за тоа! Со вашите урбанистички проекти ќе ги убиете сите спомени од нашите предци, ќе оневозможите ние да креираме свои и ќе ни го уништите Езерото и Галичица.

Иницијатива покрената од група граѓан/к/и во одбрана на езерото и Галичица
Иницијатива покрената од група граѓан/к/и во одбрана на езерото и Галичица

Затоа, апелирам до сите совесни граѓанки и граѓани да се здружат во оваа заедничка борба! Вашиот индивидуален активизам придонесува значително во неа! Да се избориме за мораториум на сите уништувачки инфраструктурни планови за Охрид и Националниот парк Галичица и доследно спроведување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион донесен во 2010 година! Да се бориме за природата, зошто некои загуби се неповратни. Ние не сме ѝ потребни на природата, таа ни е потребна нам!

Авторка: Тара Петковска, членка на ЛД Солидарност и активистка во иницијативата Охрид ЅОЅ