Автор: Клер Моргана Гилис

Фотографии: Ману Брабо

Превод: Мила Шопова

Извор: Vice, 27.08.2014

На истекот од 19 август, токму пред да го исклучам интернетот, пристигна првиот мејл. „Сакав само да ти кажам дека сум тука ако ти требам, ако сакаш да зборуваш ѕвони, во кое било време,‟ и до пораката телефонски број од Њујорк. Уште не знаев што се случило, но Џим беше првиот на кого помислив. „Ова не ветува добри вести,‟ одговорив, не губејќи надеж дека не се случило тоа на коешто помислив.

„Бестрага, Клер, ептен е лошо, јави ми се, навистина, ама навистина ми е жал.‟

Пристигна уште една порака, овој пат со линк до видео снимка. Потоа почнаа да пристигнуваат пораки, во плипот, пребрзо за да ги читам со ред. Пристигнаа и првите извештаи, почнаа да ѕвонат телефони. Се постираа линкови и се јавија гласови потресени од тага и гнев — срца во крш и скршени срца по континентите на кои Џим работеше, живееше и знаеше луѓе што засекогаш ќе ги негуват миговите минати со него.

Пријатели и колеги повикаа да не се поставуваат и гледаат видео снимки или кадри од пропагандниот филм што го продуцираа неговите џелати. Јас ги изгледав, но нема да зборувам тука за тоа. Новинари насекаде веднаш запрашаа: како да го запамтиме Џим? Единствената слика за Џим што секој меѓу нас сака да ја види е како тој си ја врши работата и се радува на времето со неговите сакани.

Вообичаено за новинарите е да постават црна позадина наместо лична фотографија кога ќе загинe колега. Дневниот преглед на мојот фејсбук се претвори во море од црни слики наместо профили, колосална заедница сочинета од дружината на Џим што, мислам, би ја изоделе планетата само за да го вратат. Не се одлучија сите за црни позадини. Еден негов пријател напиша: „Одбирам да не го одбележам денешниот ден со бојата на смрт и варварство.‟ Други поставуваа фотографии од Џим и споделуваа нивни искуства за времето поминато со него. Независно дали го познаваа неколку дена или со години, Џим кај сите остави впечаток дека запознале несекојдневна личност.

Никој не знаеше што да ми каже, но првите прашања што стигнаа до мене беа: „Дали си добро? Дали си со некого? Посакувам да сум покрај тебе сега.‟

our-jim-a-fellow-journalist-remembers-james-foley-body-image-1409004606Бев во Албанија цел месец за да пишувам. Останува отворено прашањето дали самотијата е добра за пишување или не, но сигурно не е добра за оплакување на насилната смрт на драг пријател.

Нашето пријателство започна пролетта во 2011 година на прашливите патишта западно од Бенгази кога изреката „Арапска пролет“ сè уште не означуваше безизлез. Работевме заедно додека бевме таму, а во април 2011 година, јас, Џим и нашиот колега, фотоновинарот Ману Брабо, бевме заробени откако паднавме во заседа во која загина Антон Хамерл, наш колега со австриско- јужноафриканско потекло. Во шестте недели заточеништво многу се зближивме.

Нашето заточеништво беше на граница на бесмисленост. Ни беше јасно дека силите на Гадафи знаеја дека треба да нè пуштат, но никој не знаеше кој треба да го потпише отпустот.

Кога дознав дека го киднапирале Џим во Сирија во ноември 2012 година, ме обзема страв дека неговото искуство таму ќе биде многу полошо од нашето во Либија.

Пред една недела се најдов на пијачка по скајп со фото-новинарот Андре Лион и со Ману. Го запознавме Џим во Либија и оттогаш често работевме заедно со него, и во Либија и во Сирија. Од три точки вгнездени на Медитеранот, тројцата се смеевме со часови приспомнувајќи си, со вцрвенети очи, на времињата со Џим. Мора да сториме нешто, заклучивме — да се сретнеме, да живееме во полет, и да го славиме Џим.

Додека бевме затворени во Либија во 2011 година, јас, Ману и Џим скрчкавме план да се најдеме во родниот град на Ману, на бреговите на Атлантскиот океан. Откако нè ослободија, со време планот стануваше сè понедостижен. По смртта на Џим, ни беше јасно каде треба да се најдеме.

Селото во Албанија каде што престојував беше на половина ден оддалеченост со автобус од најблискиот меѓународен аеродром. Купив авионски билет и се качив на автобус за Атина. Бев преморена, збунета, и непрекинато пиев албанско домашно бренди. Колку е часот? Треба да се пакувам? Каде се наоѓа Атина? На само петнесет часа возење со автобус.

На автобуската станица во Атина ме пречекаа пријатели што ги запознавме со Џим на почетокот од престојот во Либија. Пиевме ракија и јадевме полнети пиперки. Сфативме, со големо олеснување, дека менталната магла и бунило нè имаше зафатено сите. А како да не нè зафати? Сепак, сите бевме сигурни во едно—чувствата за нашиот пријател беа повеќе од јасни. Можевме да се присеќаваме на Џим онака како што го познававме, се смеевме, и му се восхитувавме. На сите страни никнуваа фотографии и снимки. Споделувавме приказни.

Во периодот кога нè држеа три недели во затвор во Триполи, без најава нè префрлија во приватна вила, сопственост на воен генерал на Гадафи. Имавме сатенски чаршафи, чинии полни овошје, и најважно за Џим, најпотребните алатки за новинарската задача. „Имаме кафе, никотин и хартија, и немаме изговор да не пишуваме за ова,‟ рече Џим. Неговата посветеност ме инспирираше во тие неизвесни времиња. Сигурна сум дека му беше од помош и во Сирија.

our-jim-a-fellow-journalist-remembers-james-foley-body-image-1409004798Беше многу попретпазлив отколку што би си помислиле додека ги гледате потресните фотографии што ги снимаше. Едноставнo беше решителен и насочен и не превземаше непромислени ризици. Некогаш ќе се изгубеше во нанесот на приказната. Сите го правиме тоа, но прашање е само на среќа, а не на расудување.

our-jim-a-fellow-journalist-remembers-james-foley-body-image-1409004581Конкурентна е средината на слободното новинарство, населена претежно со избувливи анархисти. Сепак, известувачите во конфликтни зони инстинктивно се здружуваат, гравитираат околу колеги со симпатија, доверба и конечно, со љубов. Џим беше дел од сечиј тим, придонесувајќи со за него карактеристичната комбинација на хумор, великодушност, сочувство и посветеност. Ако меѓу нас имаше такви што не се согласуваа, што од егоистични причини, недоразбирање или идиотштина, тој ќе нè присилеше да се смириме. „Не знаеш што доживеале,‟ ќе забележеше откако во барот ќе го ислушаше прекажаното. За Џим секој имаше приказна, дури и најмонструозните нешта поаѓаа од некаква човечност.

Ни кажуваат дека идентитетот е конструкт што постојано се менува—се однесуваме на еден начин со семејството, на друг на работа, различно со љубовници и пријатели, а различно со непознати. Неповторлива карактеристика на Џим е што сите приказни што ги споделуваат неговите пријатели нè смеат сите подеднакво и во потврда кимаме со главата дека навистина го познававме истиот човек.

Луѓето често се запрашуваат како издржуваат новинарите што работат сред толку смрт и тага. Јас, и сигурно голем дел од моите колеги, применуваме различни верзии на една иста тактика. Извештајот го пренесувам во форма на приказна што ми помага да си го претставам тоа што сум го видела — штом ја објават, им оставам на другите да се справат со тоа што приказната го носи. Ако не сме кадарни да се помириме со нешто, тогаш веројатно ќе бараме друга професија.

За Џим работите беа поинакви. Ќе одминеше долго време откако ќе ја пратеше приказната и сè уште ќе се прашуваше и потпрашуваше наоколу „Што уште може да се направи?‟ Организираше аукција во поддршка на децата на Антон кој беше убиен кога нè заробија во Либија. Помагаше да се соберат пари за амбулантно возило во болница во Алепо каде што работеше со месеци и беше во контакт со секое лице што го имаше запознаено поединечно.

Со Џим разменувавме пораки таа есен, во 2012 година, сè додека не го заробија во Сирија. Во октомври, кога бев во сириската област Латакија со уште двајца колеги од Шпанија, му праќав мејлови секојдневно за да му кажам дека сум на безбедно, како што го правеше тоа и Џим кога и да патуваше на почетокот од неговиот престој во Сирија.

Последен пат се видовме на почетокот од октомври. Се сретнавме во Истанбул. Тој доаѓаше од Сирија и се враќаше за САД. Свежо одморена од САД, јас бев на пат за Сирија.

И по месеци поминати на фронтот, Џим не можеше да прифати дека му е потребен одмор—го прогонуваше помислата на сите цивили, доктори, борци и семејства што ги имаше запознаено. Постојано се прашуваше што им се случува, сакаше да продолжи да работи со мене, кога ете веќе сум тука со него, како и со сите останати со коишто работеше тоа лето. Пиевме пиво таа вечер. Тој не беше истиот Џим—тивок и во немир, беше трогнат до срж. Заспавме гледајќи ја првата епизода на „Мртвите што одат,‟ американска хорор серија. Утрото седнавме во градината на едно ресторанче, јадевме омлет и испивме кафе. Ги зеде торбите, ја спакува тешката опрема и се качи на автобус за аеродром.

Секој ќе ви каже дека Џим не можеше да се оттргне од борбените линии, дури и зад шанкот. Ќе се втурнеше во првите редови, ќе купеше по една тура за сите, ќе се насмееше со таа прекрасна насмевка, придружена со заразна смеа. Ќе те куражеше додека потиштени пешачите по дожд кон метрото, беше без поплаки во текот на студената ноќ мината во црква во Бруклин за време на Окупирај го Волстрит.

*******

Кој би му направил вакво нешто на најсрдечниот човек што го познававме? Чиј бог би повикал на ова? Какви предрасуди, или омраза искусила оваа група во нивното постоење на оваа планета за да помислат дека ова е одговорот?

Мнозина меѓу нас се прашуваме и дали е исправен ставот на владата на САД да не преговара со терористи. Франција, Шпанија и други земји преговараат и ги враќаат дома своите граѓани, меѓу нив и луѓе што беа заробени од истата група како и Џим.

За неговите грабнувачи, вредното во Џим беше можноста да го убијат. Џим сигурно беше првиот на кого ова му беше јасно. Постојано беше свесен за неговата вредност како Американец — во Триполи го држеа една недела повеќе заради административна утка, но за него тоа беше обид на грабнувачите што подолго да се држат до највредниот адут.

Искуството што неразделно ме сврза со Џим е смртта на Антон Хамерл, фото-новинарот од австриско-јужноафрикансо потекло што го спомнав и којшто беше убиен со истрел од автоматска пушка на само неколку метри од нас во Либија. Немаше никаква логика ниту правда во смртта на Антон. И во случајот на Џим нема правда, но неговата смрт доведе на виделина сурова и неизбежна логика. Ако преговорите се дипломатија, војната исклучува секаква дипломатија.

Вредното во Џим беше љубовта што толку многу луѓе ја имаа за него. Тоа сакаат да ни го одземат. Сите го познававме истиот човек и сите добро знаеме што би сакал од нас сега. Да се видиме со пријателите, да пиеме црвено вино, да јадеме шпанска пршут, да пливаме во море и да си ја сработиме приказната до крај. Наздравете во негова чест. Чувајте се, чувајте нè: славете го за тоа што беше.