Кружен мост Арх. Rafael Viñoly
Кружен мост Арх. Rafael Viñoly

Уругвај. Мала земја опкружена од моќни соседи во која живеат околу 3 милиони жители, од кои скоро половината во престолнината Монтевидео. Во изминатите години ги окупираше светските новинските агенции со неколку „скандалозни“ вести. Најпопуларни од нив беа легализирањето на канабисот-конопот, чие производство и трговија сега се контролирани од државата, а не од организираниот криминал, легализирањето на хомосексуалните бракови, конверзијата кон обновливите извори на енергија, како и легализирањето на абортусот.

Можеби најмногу внимание привлече гостопримството кое Уругвај го понуди на шест поранешни затвореници од американскиот антитерористички затвор Гвантанамо, кои првите денови на слобода ги доживеаа токму во Монтевидео во стара куќа од 19-ти век што им ја додели Конфедерацијата на синдикати на Уругвај (CNT), заедно со еден фрижидер, компјутер и телефонска линија платена од самата федерација. Првите денови новите жители на оваа двокатна, помалку трошна куќа, ги поминаа опкружени со новинари во потрага по сензационални снимки од бившите затвореници, „помилувани“ на некој начин, од Претседателот на Уругвај во заминување, харизматичниот Хосе Мухика. Мухика е еден од поранешите политички водачи на Национално-ослободителниот фронт – Тупамароси, но и самиот политички затвореник цели 15 години за време на диктатурата во Уругвај (1973-1984). Сензационално, нема што.

Сепак, една вест-тема од оваа земја, исто толку вчудоневидувачка и ретка, се чини дека воопшто не го привлекува вниманието на светската јавност, а тоа се големите чекори кои оваа земја ги направи кон промовирање на синдикализмот како клучен механизам за здрав политички и социјален живот на државата. Или како што го дефинираше доскорешниот претседател Мухика, „правото на работникот да се исценка за цената на неговите раце“. Да, Уругвај е на пат да ја промовира и применува оваа практика дури и кога тоа не ѝ одговара на владата. Сензационално!

За оваа мала земја, чија економија се базира врз извозот на земјоделски и сточарски производи како соја, млечни производи и месо, моќните соседни пазари на Бразил и Аргентина претставуваат најголем економски партнер. Како последица на финансиските и економски кризи кои ги зафатија овие два гиганта на почетокот на овој милениум, како и на политиките на конзервативецот на власт Хорхе Балле (2000-2005), за само пет години (1999-2004) куповната моќ на една третина од населението падна под нивото кое обезбедува задоволување на основните животни потреби.

Ваквите катастрофални резултати се должат на темелна реорганизација на економијата според веќе добропознатиот неолиберален терк: приватизација на јавните добра, деиндустријализација, намалување на платите, зголемување на невработеноста, бум на работата на црно. Сепак, за да ги намалат реакциите од оваа социјална деградација, владата и големите сопственици мораа да го нагризат и добро изградениот систем на работничко организирање и заштита на работничките права, кој почиваше врз редовни трилатерални средби помеѓу синдикатите на сите производни гранки во државата, владата и големите работодавци-сопственици. Владата престана да ги свикува овие средби во период на економска криза и раст на невработеноста, надевајќи се дека ќе ја поткопа моќта, влијанието и стабилноста на PIT-CNT (Националната конфедерација на синдикати).

Надолното тркалање на уругвајското општество сепак запре на каменот кој ги засега сите. Синдикатите зедоа значајно учество во општествената мобилизација против приватизацијата на водоводот и деградацијата на здравствениот систем во 2004 година. Ваквата масовна реакција многу влијаеше врз резултатот на претседателските избори кои се одржаа истата година и во кои левиот Широк фронт убедливо победи и ја прекина 174-годишната двопартијска борба за власт помеѓу десничарските партии Колорадо и Белата партија. Ваквиот историски пресврт ѝ овозможи на новата влада на победникот Табаре Васкез да се впушти во масовна измена на законите кои ги регулираат правата на работниците.

Мора да напоменеме и дека оваа влада дојде на власт во период во кој состојбата на светскиот пазар на земјоделски производи беше поволна за земјите извознички каква што е и Уругвај. Тоа на владата ѝ вбризга приходи кои ѝ овозможија да примени нови социјални политики и за 9 години да ги зголеми трошоците за социјалните програми од 60 на 75 посто од вкупните јавни трошоци, без да ги наруши интересите ниту на странските инвеститори, ниту на големите земјопоседници. Како и да е, наклонетоста на светската економија е променлива и освен приходи, не носи трајни решенија.

За да ги разбереме коренитите промени кои беа цел на оваа влада треба да се фокусираме на новиот баланс на сили која таа го наметна почнувајќи од промената во легислативата. Во последново десетлетие, донесени се педесетина нови закони кои ги засилија работничките права, колективните договори, синдикалните слободи, социјалната заштита и помош. Обемноста на измените на законите од социјален карактер претставува своевиден историски преседан. Промените во легислативата ги охрабрија работниците да пристапат кон синдикалните движења чие членство од 100.000 во 2003 порасна на повеќе од 400.000 во земја во која активното население брои 1,5 милиони. Работниците пак кои работеа во сектори кои немаа свој синдикат превземаа иницијатива и основаа нови синдикати во полицијата, трговијата, услугите, супермаркетите, па дури и во професиите за домашна припомош. Со помош на законот бр. 18065 од 2007 година кој го казнува непријавувањето на домашниот работник, овој синдикат кој во 2008 броеше 50 членови, во 2014 веќе имаше 3.600 членови. Формирањето на овој мал синдикат, на пример, влева елан и сигурност на илјадници, поточно 120.000 вработени чиј труд дотогаш не добивал никаква општевствена заштита, ни признание. Труд на голем број претежно жени кои со години работат како куќни помошнички, во контекст, односи и услови слични на робовладателското општество.

Сите овие залагања го ставија Уругвај помеѓу првите пет земји во светот со најдобра оцена во однос на работничките права и нивното почитување според индексот на Светската синдикална организација (IUTC). Останатите четири се Норвешка, Австрија, Холандија и Шведска. Во извештајот од 2015 година, за овие пет држави беше нагласено: „Прекршувањето на работничките права се случува во виртуелно секоја земја од светот. Дури и во тие каде законот и правата се стабилни и јаки, а властите и работниците се залагаат за нивно почитување. Според извештаите добиени во IUTC, во овие пет земји на ваквите прекршувања било одговарано во мирна атмосфера на преговори, без никакви форми на притисок, злоупотреби и закани врз работниците кои укажувале на прекршувања на нивните права.“

По доаѓањето на власт на левиот Широк фронт во 2004 година, голем број од политиките беа предложени директно или под влијание на синдикатот. Во актуелната власт, половина од пратениците на позицијата, како и неколку министри во владата, доаѓаат од редовите на синдикатот, што го прави присутен не само во производната сфера, туку и во државниот апарат. Уште една позиција на синдикатот која му дава перспектива за соработка и преговарање со било која идна влада.

Тоа што владата е под директно влијание на синдикатот не значи дека меѓу нив цветаaт рози. Тензиите се развиваат, растат, а понекогаш и се разрешуваат. На повидок се тензии околу политиките на сегашната влада, особено околу одлуките на Министерството за финансии кое под притисок на регионалниот тренд на успорување на економијата сака да наметне политика на штедење, како и на Министерството за економија кое веќе неколкупати ги нагласи своите намери за потпишување на договори за слободна трговија и заштита на странски инвеститори. Најголема општествена мобилизација предизвика штрајкот за подобрување на образованието која во Монтевидео во август 2015 година успеа да изнесе на улица 50.000 граѓани, потсетувајки ја владата на нејзините заложби од предизборната кампања за инвестирање на шест проценти од домашниот приход во образованието и зголемување на платите во образованието. Со актуелните планови на владата средствата наменети за образование ќе достигнат пет проценти во 2020 година.

За да ја разбереме комплексноста на функционирањето на синдикатите  и опширноста на нивното влијание, ќе се осврнеме на еден од синдикатите стожери на PIT-CNT, Синдикатот на градежните работници Sunca, кој за десет години десетпати го зголеми неговото членство (повеќе од 40.000 членови во 2014 година). Препознатливи по нивниот симбол, жолтата градежна кацига, овој синдикат вклучува работници од многубројни приватни фирми кои честопати изведуваат објекти и по нарачка на државата. Со нивната моќ, која не лежи само во бројноста, туку и во способноста за кратко време да мобилизираат и прецизно координираат акции на членството низ целата територија, тие се клучен фактор во економските одлуки на владата. Иако методите на притисок врз власта се класични, средствата и методите со кои се организира, информира и едуцира членството се современи. Синдикатот емитувана сопствена неделна радио емисија на националното радио и директно финансира независен професионален телевизиски канал, Replanteo TV, кој продуцира интервјуа, репортажи, социјални и политички анализи, па и рекламни кампањи кои ги промовираат интересите на градежните работници (едукација, сигурносни мерки при работа, работни услови, работно време…). Гледано од дистанца се чини дека зборуваме за паралелни светови. Размислувајки за, за нас, далечниот Уругвај се наметнуваат неколку прашања.

Во општеството организирано по вакви линии на моќ, синдикатите почнуваат да образуваат сила која на полето на моќта ѝ парира на политичката опозиција и која, за разлика од опозицијата, има јасни интереси и не е толку подложна на политички калкулации и корумпираност во борбата за власт. Со ваквата положба која ја завземаат би можеле да кажеме дека работникот повеќе би го препознал својот интерес во синдикатот отколку во некоја партиска опција. Но дали интересите на истиот се доволни да водат едно општество во посреќна иднина? Од друга страна пак, се прашуваме до кога левицата ќе биде во состојба да ја издржи трката за власт гледајќи на синдикализмот само како борба за привилегии и повисока надница, без да ја продлабочи својата политичка борба, без да му даде на општеството појасна визија за една возможна иднина?

Моќта со која работниците се здобија и која успешно ја користат за да го обликуваат општеството во кое живеат не подразбира и проширување на нивната свесност за системот во кој живеат и неговите правила на функционирање. Да се биде чесно платен за својот труд, не значи и самиот труд да биде чесен и социјално одговорен, ниту пак значи дека чесната заработка ќе се потроши со полна свесност за последиците од нејзиното трошење.

Имено, како што тоа кажува и самиот поранешен претседател, Хосе Мухика, во едно од неговите излагања на крајот на неговиот мандат „со владата и Широкиот фронт добро изработивме, иако сме само на половина од зацртаниот пат. Останува пред нас огромна работа: да го надминеме капитализмот. Неговата култура на конзумеризам нѐ анестезира, индивидуално и колективно и нѐ води кон тоа да го прифатиме системот.“ И токму таму, во празното ветување на конзумеристичкиот капитализам, во замаениот круг на навидум бескрајниот раст на производството и бескрајниот раст на куповната моќ за да се задоволат потребите на бескрајниот раст на производството се крие изворот на многу од проблемите на глобалното општество. Уништување на животната средина, војна за експлоатација на природните ресурси, еколошките и здравствените последици од експлоатацијата и на ресурсите и на финалните индустриски производи, постојаната потрага за што поевтината работна рака, глобалното затоплување.

Без да се соочи со таквиот систем кој се фокусира на личните, а не заедничките интереси и без да понуди разумна алтернатива за начините на раководење, производство и потрошувачка, политичката левица ќе остане уште еден купувач на гласови, ветувајќи подобра иднина за своите гласачи преку уште една социјална привилегија или повишување.

Единството е моќ, а синдикатите се алатка со која таа моќ се инструира, но ни едното ни другото нема сами по себе да го сменат општествениот поредок. Дали воопшто одат дотаму аспирациите на обичниот граѓанин? Спуштајќи се на земја по ваквите глобални погледи, да ѝ се обратиме нејзе, на обичната работничка, членка на моќниот синдикат. Таа веќе ја има на дофат иднината. Но што со неа?

Aвтор: Александар Оџаклиски

Претседателскиот автомобил  Фото. Gonzalo Viera Aspiroz
Претседателскиот автомобил Фото. Gonzalo Viera Aspiroz