ВЛАДИМИРКА
ВЛАДИМИРКА

Дел од интервјуто на Александар Ковачевски, член на ЛД Солидарност за DW.

Дискретниот шарм на продавачите на магла“ е насловот на добро познатиот албум со мемиња на уметникот Александар Ковачевски, каде нема политичар кој не се нашол на тапет. Ковачевски смета дека мемињата создаваат една нова култура на отпор и тоа многу побрзо отколку што тој отпор се формира во реалниот (недигитален) простор, што не значи дека тие два простори се сосема одделени.

„Хуморот отсекогаш давал можност за градење на одреден однос од и кон моќта. Може да има анестетизирачка и забавна функција, но и да овозможува креирање на субверзивен однос кон моќта. Зависи од тоа дали хуморот доаѓа како резултат на репродуцирана култура на хегемонијата, или пак напротив, како жива култура на отпор. Затоа може би било поправилно да не говориме за леснотија на употреба на хумор, туку за тоа каков хумор се користи да се коментираат и критикуваат одредени појави“, вели Ковачевски за DW.

Дополнително, дел од текстот на Јана Колева кој можете интегрално да го прочитате на окно: Дискретниот шарм на продавачите на магла.

Македонскиот политичар на власт е повеќе од „институционализирана моќ“. Македонскиот политичар е шоумен, кој секојдневно има трошки забавна политика да истресе од ракавот. Таа непрекината плејада на изјави и постапки на овие луѓе, кои секогаш ни се забавни на еден мазохистички начин, како постепено да преминува во нужна дразба без која просечниот Македонец би се чувствувал празно.

Во „Дискретниот шарм на буржоазијата“ на Луис Буњуел, протагонистите во еден миг се наоѓаат на театарски штици, очи во очи со публиката и сфаќаат дека нивните секојдневни проблематики не биле ништо повеќе од една голема изрежирана драма. На сличен начин, во оваа креативна фото-серија македонските јавни фаци се вешто зграпчени од драматургијата на нивните секојдневни медиумски паради, при што се претворени во црнобели исечоци на некој потенцијален филм за нашето секојдневие. И тоа филм чие сиже совршено би се вклопило под името „Дискретниот шарм на продавачите на магла“.

ГАЛЕРИЈА