Македонско-грчка „љубов без граници„- однос исполнет со балкански инаeт

Откако се светот и векот, постоеле омразата и непризнавањето помеѓу народите, а постојат и денеска. Во тоа светло, интересен е фактот дека сите војни биле прекинувани додека траеле Олипмиските игри во стара Грција. За жал, таквото искажување на „спортскиот дух„ не важи и за модерните грци, тогаш коа се во прашање македонците и нивните спортски клубови, неважно од кој спорт доаѓаат и колку се важни нивните средби.

Овие денови по којзнае кој пат се случи спортски инцидент, овој пат на Европското ракометно првенство за девојки до 17 години кој се одржуваше во Скопје. Грчкиот тим и пред почетокот на средбата одби да игра со домаќинот затоа што на маиците на неколку лица од стручниот тим пишувало „Macedonia„. Делегатите на грчкиот стручен тим ги убедиле девојките да се вратат во салата, но после само 32 секунди од утакмицата, тие пак го напуштиле теренот и повеќе не се вратиле. На крај, сметката ја платија девојките затоа што дисциплинската комисија го исфрли грчкиот тим од натпреварот, а тие залудно се подготвувале и напорно тренирале, а не добиле шанса да ги покажат своите знаења. Таквиот развој на случувањата, вреди да се примети, не оди на душа на македонците туку на грчките спортисти кои дозволуваа и се уште дозволуваат политиката да им биде поважна од „спортскиот дух„.

Уште од осамостојувањето на Македонија и примањето на земјата во Обединетите нации под привремената референца ФИРОМ, грчките клубови не пропуштаат да реагираат на било кој меѓународен турнир, уценувајќи и одбивајќи да учествуваат ако некаде кај македонските учесници го видат натписот “Macedonia”. Ретки биле турнирите на кои Македонија била домаќин или учесник, а грците да не реагирале хистерично на името “Macedonia”. Во сето тоа грчкото општество будно го одржува политиката, без разлика кој во Грција е на власт, но и државната телевизија во неколку наврати, како на пример Европското кошаркарско првенство, во телевизискиот пренос кога грците играа против македонците, едноставно го избриша името и знамето на противникот, па така неупатениот гледач нема поим против кого игра неговата репрезентација.

.Слика на Роберт Атанасовски

Зошто грците се толку алергични кога ќе го видат името “Macedonia” надвор од своите граници? Во јужниот дел на никогаш досадниот Балкан, сместен е регион со име Македонија. Тој регион го делат на три дела Македонија, Бугарија и Грција. По македонската верзија на историјата која се учи во училиштата, во северниот дел на Грција, поточно во Егејска Македонија живееле и се уште живеат македонци кои после Втората светска војна, односно во текот на граѓанската војна која траела од 1946-1949 година во одреден број побегнале во Југославија, додека другите останале таму прифаќајќи ја хеленизацијата и грчкиот идентитет. Со негирање на македонскиот идентитет, Грција всушност сака да го сокрие фактот дека околу 200.000 македонци побегнале од Грција, а оние кои останале и се хеленизирале, ги преземал напуштените имоти и станале извор на најлутата пропаганда против Македонија, обидувајќи се со тоа да го спречат враќањето на имотите на вистинските сопственици или исплата на отштета.

Одреден период грчката влада бараше од Македонија во својот Устав изрично да напомене дека нема никакви територијални претензии кон Грција, што Македонија и прифати, но на крај тоа не донесе значајна промена во долгогодишниот спор помеѓу овие две држави.

Доколку се земе предвид дека Македонија има малку повеќе од два милиони жители, додека грци има скоро десет милиони, тешко е веројатно дека Македонија некогаш би реализирала некои свои територијални претензии, ако воопшто ги има.

Ако работите ги согледаме од некои други агли, сликата која ќе ја добиеме е сосема различна. Македонската економија е тесно поврзана со грчката. Во Македонија е присутна обилност на грчки инвестиции, почнувајќи од транспотни компании, преку фабрики за текстил, па се до обилното откупување на земјоделски производи. На пример, Гевгелија, град на југот на Македонија, скоро е билингвален затоа што грците секојдневно масовно доаѓаат поради ефтината гардероба, поволните здравствени услуги, но и поради популарните коцкарници, со оглед на фактот дека во Грција коцкањето е забрането со закон.

Исто така, туристичките места на грчкиот полуостров Халкидики се преполни со македонци во текот на целата летна сезона, едни како туристи, други како сезонски работници. Во периодот на економската криза кога цените на недвижностите во Грција паднаа, добро ситуираните македонци беа меѓу првите кои ги купуваа и така со одреден процент ја придвижуваа грчката економија.

Уморот, но и желбата што побрзо да се реши овој бизарен спор кој ја кочи Македонија во нејзините аспирации за членство во Европската унија и НАТО, јасно може да се примети во македонското општество. Но сепак македонците не ја заборавија грчката блокада на границата од 1995 година која траеше две години и која значајно ја оштети македонската економија. Дополнителен камен околу вратот на овој спор додаде и контроверзната „антиквизација„ на центарот на Скопје во шизофрениот проект „Скопје 2014„. Врв на тој проект е 23 метарската статуа на Александар Македонски која власта, за наводно да им ги замачка очите на европската и грчката јавност, ја нарече „Воин на коњ„.

Целиот овој случај е своевиден модерен Гордиев јазол и ќе биде права умешност да се реши, а ниедна од овие две страни да не се почувствува оштетена. После падот на владата на ВМРО-ДПМНЕ која ја спроведе во дело умоболната „антиквизација„ на Македонија и на македонската историја воопшто, се погласни се предлозите некои македонски „антички„ споменици да и се подарат на Грција како знак на добра волја, а името на аеродромот во близина на Скопје да се промени, затоа што, секако, сега се вика Александар Велики.

Низата на грешки во меѓусебните односи направена е од двете страни, а се чини дека Македонија има повеќе интерес да се обиде да ги исправи своите грешки и се надева дека грчкиот инаeт ќе попусти и грците ќе престанат да се плашат од банкротирање доколку некој меѓународен суд ги прифати тужбите на егејските македонци за репарација на изгубените имоти. До тогаш, македонците ќе ги пцујат грците на сите спортски натпревари додека го пијат нивното узо на плажите на Халкидики. А грците ќе ги навредуваат македонците нарекувајќи ги „фиромјанци„ додека со задоволство им го служат своето frappe metrio и им ги земаат парите во текот на летните одмори.

Teкстот е на Соња Стојадиновиќ (https://www.facebook.com/sonja.stojadinovic) и е oригинално објавен на Lupiga.

 

 

.