Во целост ви ја пренесуваме колумната на нашата членка Соња Стојадиновиќ за ResPublica. Оргиналната објава може да ја најдете тука. Правилата за користење и превземање се заштитени со creative commons лиценцата.

sonjaВо историската сцена при крајот на филмот „Името на розата“ кога гори библиотеката на бенедиктинскиот манастир, фратарот кој е виновен за убиствата, пред да загине извикува: кога има смеа, нема страв, а кога нема страв, нема вера. Верата во избраните политичари во Македонија последниве 10 години достигна на ниво на религија. Не смееш да му се спротивставиш на пастирот, да го критикуваш, исмеваш, ако еднаш е избран, тоа останува за навек, исто како што верникот не смее да прашува зошто Бог дозволува војни и трагедии на земјата. Сепак, хуморот и смеата се корисно оружје и алатка во изразувањето на револт, отпор, бунт против постоечкиот систем.

Македонија никогаш не заостанувала во политичката сатира. Си го имавме „Остен“, кој за жал не постои веќе како весник, но барем има Светска галерија на карикатури. Основан 1945 година како сатиричен прилог во билтенот на Првата македонска народно-ослободителна бригада, подоцна прераснува во весник. Покрај Владо Малески, Ацо Шопов, Димитар Чудо како автори, некој што најмногу македонскиот народ ќе го памети беше карикатуристот Дарко Марковиќ и неговиот Пецко.

Хуморот и сатирата на народот во независна Македонија ги произведоа и култните радио емисии на Македонското радио НННРВ и Хихириху, која иако се` уште функционира, е само бледа сенка на она што некогаш беше. Остриот скеч на НННРВ за прогласувањето на независноста на Македонија беше скоро предвидувачки за нејзината судбина во наредните 25 години. Скечовите на К-15 кои за жал згаснаа, а сатиричниот цртан филм „Еднооки“ не успеа да си ја задржи независноста и објективноста во критиката на сите политички актери. Сепак „Зевзекманија“ на ТВ Канал 5 ја одржува смеата и радоста кај гледачите. Можеби некој што внесува надеж дека стравот не надвладеал целосно во македонското општество се момците од „Коза Ностра“. Не знам дали би можела да издвојам најдобар виц од нивна страна, но последниот кој го паметам е дека првата македонска ГПС апликација ќе го има гласот на Силвана Бонева. Затоа што таа најдобро ги знаела сите патишта во земјата.

pecko slikablog
Плесни им го на нацистите во лице

Делот од историјата на Норвешка кој ја покрива окупацијата од нацистите во Втората светска војна, најголем акцент става на колаборационистичкиот премиер Виткун Квислинг. Но, системот на отпор кај Норвежаните не се искажал само преку саботирањето на нацистите, туку и преку креирањето хумор против окупаторот. Веднаш после окупацијата во 1940 година, нацистите го распуштиле норвешкиот парламент, го отстраниле кралот од престолот и ги забраниле сите партии освен нацистичката. Одредени студенти во Осло почнале да носат држачи за хартија на реверите во знак на солидарност со забранетите партии и блокираните институции под мотото „Се држиме заедно“ („Vi binder sammen”). Иако германската полиција го забранила овој вид на изразување протест, Норвежаните почнале да носат чешли за коса на видливо место во џебовите од гардеробата со порака „Сами се средуваме (без помош на Германците)“ („Vi greier oss selv“).

Како дел од гардеробата во периодот 1940-1941 година Норвежаните почнале да носат црвени, волнени капи. Со инвазијата врз Русија, Германците забраниле да се носи црвена облека бидејќи алудирала на Советската Црвена Армија и на улица ја конфискувале секоја црвена облека. Како знак на револт и потсмев кон оваа одлука, норвешките жени почнале масовно да влегуваат во полициските станици и да го бараат одделот за облека.

Бомбардирањето на Велика Британија од страна на нацистичка Германија било проследено со хистерична кампања за нивна претстоечка победа. Нивниот неуспех во копнената инвазија на Британија Норвежаните пак го дочекале со хумор и потсмевање. Дневниот весник „Афтенпостен“ на насловната страница ставил слика на германски авиони кои летаат кон Британија, но не се враќаат алудирајќи на нивниот неуспех. Се ширеле шеги на нивна сметка: „Зошто британските авиони трошат повеќе гориво од германските? Затоа што летаат во двата правци.“ или „Знаете ли зошто Хитлер купил радио? Затоа што тоа е единствен начин да допре до Британија.“.

Тито и Ошишани јеж

Без разлика во каква состојба Русите живееле под суровото владеење на Сталин, хуморот не бил целосно отстранет од секојдневниот живот. Најизразен бил во 1920-тите и 1930-тите години. Во 1929 година, пред својот 50-ти роденден, на некоја трибина Сталин изјавил дека е спремен за работничката кауза да ја даде целата своја крв, капка по капка. Некој му доставил ливче со прашање: „Другар Сталин, зошто капка по капка, зошто не целата крв наеднаш?“. Ниту смртната казна, која била честа во СССР, не била заобиколена тема. Комисија за извршување на смртна казна го прашува осуденикот дали има некоја последна желба. Тој вели: „Сакам да ми донесете капини. Ама тоа е невозможно, зима е. Добро, тогаш ќе почекам. Да не имате некоја друга желба? Да, сакам да бидам погребан покрај Сталин. Но другарот Сталин е жив! Нема проблем, вели осуденикот, ќе почекам.“

Сатиричниот весник „Јеж“ кој бил популарен во времето на Тито и СФРЈ, всушност бил основан во време на кралска Југославија, 1934 година во Белград, под името „Ошишани јеж“. Основач била белградската секција на Југословенското новинарско здружение, а култниот Бранислав Нушиќ не пропуштил да биде дел од авторите. Популарните сликари и писатели како Станислав Винавер, Пјер Крижаниќ, Сабахадин Хоџиќ, Ѓорѓе Лобачев, и се` уште тогаш непознатиот Бранко Ќопиќ не пропуштале да ги исмеат тогашните политичари како Милан Стојадиновиќ, Влатко Мачек, Антон Корошец. После Втората светска војна, „Јеж“ продолжува со својата сатирична улога кршејќи го митот дека не постојат политички хумор и сатира во Титова Југославија. Креаторите на политичките вицови во Југославија не ја заборавале ни Јованка Броз, па во 1960-тите години еден виц спомнувајќи ја неа бил доста популарен.

„Отишол Тито на одмор на Бриони и едно утро на ѕидот наспроти неговиот прозорец го видел своето име напишано со урина. Побарал да се направи испитување чија е урината и од Белград ја добил следнава информација: Другар Тито, урината му припаѓа на Раиф Диздаревиќ, ама ракописот е на Јованка Броз.“

Еден од најпопуларните сатирични весници во Југославија бил и загрепски „Старт“ кој секогаш на насловната страница имал фотографија на гола жена, а внатре бил исклучиво полн со политичка сатира. Многу македонски читатели и новинари го паметат сплитскиот „Ферал Трибјун“, кој бил основан 1993 и бил најостриот критичар на Туѓман и целата политичка ситуација во земјата. Тужбите на политичарите не успеале да го затворат, но финансиската јамка која владата на ХДЗ во 2008 им ја препиша, успеа.

Без хумор нема слобода

Мораме да се прашаме: зошто ни умре смисолот за хумор и сатира или како дозволивме тоа да се случи? Дозволивме преку бизнисот и финансирањето на медиумите да се замешаат политичарите со нивната суета. Ни се случи да бараат дури и процентуално застапување на власта и опозицијата во хумористичните емисии, како да мора и опозицијата да биде „пецкана“. Им го зеде лебот на телевизиите суптилно и под маса забранувајќи им на фирмите да се рекламираат кај опозициските телевизии, под изговорот: слободно рекламирај се кај нив ама утре ќе добиеш инспекции на врата. По системот на ХДЗ така и ДПМНЕ со крпа и со глад ги удави медиумите и хуморот.

Општество без критика е општество што умира, а општество без хумор и без критика е општество што мачно умира. Политичкиот хумор треба да биде своевиден коректив на општеството, а една од неговите цели е на сатиричен начин да ја поткрене критичката свест на луѓето. Честопати политичката сатира се користи како издувен вентил на граѓаните за негативните состојби во една средина. Незадоволство од количеството на апсурд на сцената која управува со нашите животи е една од причините што политичкиот хумор во денешницава делумно се излева само на социјалните мрежи. Можеби и затоа што во ситуација кога политичката пропаганда го загадува медиумскиот простор не оставајќи место за критика, интернетот станува бунтовничко засолниште за оние кои не сакаат да и подлегнат на пропагандата.

Степенот на развиеност на свеста и критиката на едно општество се гледа во слободата за изразување на критика кон се`, без разлика дали е како отворена критика или е во облик на хумор и сатира. Ако луѓето умеат од проблем да извлечат шега, тогаш умеат и да се справат со проблемот.