Длабоката политичка криза во која се наоѓа Македонија бара ургентно согледување на реалните ризици, и подготовка за предизвиците кои не’ очекуваат. Со цел да одговори на недостатокот на артикулирана дебата, а и да подигне граѓанска свест, ЛД Солидарност презеде одговорност да организира серија дискусии на која членови, активисти, експерти и засегнати граѓани, ќе ги согледаат состојбите, но и перспективите за идно делување.

Првата дискусија насловена Македонската криза – Можни сценарија и насоки за делување на која учествуваа околу 60 активисти, поддржувачи и гости на ЛД Солидарност, се одржа во сабота, 14ти март, во просториите на Институтот за Социолошки, Политички и Правни Истражувања во Скопје. Воведни излагања имаа Горан Јанев, Мирјана Најчевска, Дане Талески, Артан Садику, Ирена Стефоска, Миша Поповиќ, Кире Василев и Соња Стојадиновиќ, а модератор на дискусијата беше Јордан Шишовски.

Во продолжение следи компактна презентација на најважните поенти и заклучоци од дискусијата.

Кулминација на долгорочна системска криза и криза на вредности

Од самата независност на Македонија, сведоци сме на „киднапирање“ на државата од страна на партиите. Повеќе од две децении сведочиме на репродукцијата на корумпираност и предаторство кои се основните карактеристики на политичкиот живот, а се’ повеќе се прифатени како општествена практика.

Владеачката коалиција од 2006 до денес успеа да го екстремизира тој менталитет, доведувајќи го до незамисливи размери. Денес, Македонија е целосно корумпирана и заробена држава, подведена под партикуларните интереси на владејачката елита којашто ја монополизираа моќта и ја третира државата како своја сопственост, а себеси како „газда“ на општеството.

Како резултат на таквата практика, денес, 25% од возрасните жители на Македонија се членови на политички партии (во споредба, европскиот просек е 3%, а во Кина е 9%). Партиите се и агенции за вработување, не само во јавниот, туку и во приватниот сектор, и основни институции за генерирање и распределба на ресурсите. Масовното членство во партиите всушност укажува на процесот на развивање широки клиентелистички мрежи, кои со подмитување и притисок обезбедуваат поддршка од граѓаните.

Парадоксално, рака под рака со процесот на масовна партизација, очигледен е и обидот за деполитизација на општеството.

Теренските истражувања укажуваат на тоа дека граѓаните во најголем дел од случаите се грижат исклучиво за сопствениот интерес и немаат чувство дека се припадници на републиката, односно на политичката заедница. Во Македонија, доминантна е парохијалната и патријархалната политичка култура. Така, ние политиката ја сфаќаме како нешто што се случува далеку од нас, во некои далечни институции, кои се апстрактни и не ни припаѓаат.

Капитализирајќи на таквата култура, владејачката елита се обидува целосно да ги неутрализира останатите субјекти, вклучително и граѓаните од политичката сфера преку менување на значењето на основните концепти и монполизирање на политичкото. Па така на пример, секоја автентична демонстрација на незадоволство, секое барање за општествена промена, секој протест се отфрла како нерелевантен и дискредитира преку синтагмата: „има политичка позадина,“ како да е тоа нешто лошо или како граѓаните да немаат право на тоа.

Па, се разбира дека било каков протест, на било која тема има политичка позадина! Ние повеќе од било кога имаме потреба за политичка дискусија, и политички активизам. Затоа што, кога политичкото им е одземено од граѓаните, власта останува целосно слободна да го монополизира јазикот и просторот, и преку нив управувањето со јавните работи, да го контролира секој сегмент од општественото живеење и животите на луѓето.

Не само борба против оваа Власт, туку и борба за суштинска општествена промена

Најпесимистичкото сценарио за иднина секако би било насловено „Груевски вечен“ и би го следело примерот на други ‘вечни владетели’ или диктатори. Во Македонија би продолжила да се развива полу-феудално, полу-кастинско уредување, каде власта има свои клиенти. Секој кој ќе бара демократија, слобода, кој ќе се спротистави на власта ќе биде во континуитет и систематски дискриминиран и репресиран.

Најоптимистичко сценарио во актуелната ситуација би било создавањето на експертска, односно технократска влада. Не преодна влада, туку експертска влада, која би добила мандат од две до три години за време на кои ќе се создава простор за поставување на темели за градење на демократијата и на правната држава и активно работење во интерес на граѓаните.

Во отсуство на ова сценарио, падот на ВМРО-ДПМНЕ сам по себе би бил далеку од ослободување на државата. Долго пред политичката криза, Македонија западна во правна и институционална криза. Груевски зад себе ќе остави пустош од политичкиот и правниот систем.

Во таа смисла, песимистичко е и сценариото Груевски да биде тргнат од власт, но по него на власт да дојде гарнитура која нема да преземе суштински реформи и ќе продолжи со сличен (веројатно помалку разуздан, но подеднакво неморален) начин на владеење. Слушаме различни проектирани сценарија за институционални решенија: интервенција на меѓународната заедница; формирање на ново парламентарно мнозинство меѓу СДСМ-ДУИ; распишување на избори без техничка влада или со помош на техничка влада каде би се одело на се’ или ништо; внатрепартиски пуч во ВМРО-ДПМНЕ итн. Кај сиве овие сценарија постои опасност да го репродуцираат стариот корумпиран менталитет кој ги исклучува  граѓаните како политички субјекти, и ја остава судбината на државата во рацете на политичките елити.

Ние не смееме да ризикуваме оној кој ќе го замени Груевски да се почуствува комотно во постоечките нефукнционални институции и да продолжи да манифестира неконтролирана моќ. Без механизми на постојана граѓанска контрола, веројатно е дека ќе добиеме власт која што ќе проба да работи нелегитимно и за сопствен интерес, создавајќи само привид дека постојат демократските институции, судовите, законите. Не смееме да дозволиме повторно да бидеме внесени во половична илузија на демократија и владеење на право.

Нова политичка идеја, нови политички структури и нов општествен план!

Длабоката криза претставува можност за радикални промени кои ќе им стават крај на старите корумпирани динамики, ќе им ги вратат институциите на граѓаните и ќе ја разбијат коруптивната мрежа на ВМРО-ДПМНЕ, спречувајќи таа да биде заменета со друга слична мрежа. Конечно ни се отвора шанса, ние граѓаните, да издлабиме своја позиција на контролен механизам којшто ќе може да ги адресира сите идни прекршувања.

Потребна е нова визија која ќе одговори на моменталниот, ургентен предизвик дека имаме фашистичка и корумпирана власт која мора да биде срушена. Притоа, ургентноста не смее да ни биде изговор за жртвување на клучните политичко општествени вредности за кои ние се залагаме. Потребно е принципиелно и погласно од било кога да се залагаме за нови политики и концепти, со кои што овој начин на владеење ќе биде заменет. Принципите на социјална правда и борба против сиромаштијата, градењето на надетничко опшество, солидарното, инклузивно и активно грашанско делување, треба да бидат столбовите на новиот политички дискурс.

Граѓаните мора да бидат вклучени во тој процес, а тоа воедно е и најголемиот предизвик – како до широка мобилизација? Студентскиот и Професорскиот Пленум покажаа дека едно социјално движење кое е толерантно и инклузивно, кое повикува на еднаквост и се обидува да ги надмине етничките и политичките разлики, а кое се заснова на принципи и вредности, и притоа бара конкретни подобрувања може да има успех – под услов на истрајност. Доколку таквиот модел биде репродуциран на општествено ниво, самиот процес поради неговата природа на еднаквост, солидарност, и заедничко делување, ќе креира перспектива на една борба која дава сила, моќ, но и дава добра идеја во која сите можат да се препознаат.

Во моментов, потребна е изградба на поширок фронт на критична маса која во прво време ќе игра улога на колективна демократска интелигенција и корективен механизам, којашто будно ќе внимава дали и како се поставуваат темелите на општествената промена. Таа треба беспрестајно да потсетува на она што претставува вистинската демократија, и да им даде глас на што поголем број граѓани. На отворен, инклузивен и солидарен начин, ќе го градиме новото мнозинство, за да му даде шанса на секој поединец кој ќе изрази желба да се приклучи.

ЛД Солидарност, 17 март 2015

cropped-header631