На македонско-грчката граница врие со денови. Додека низ Европа се вршат преговори и политички пазари зад затворени врати (во кои Македонија активно учествува), луѓето кои изгубиле се’ и со големи маки стигнале до границата, се соочуваат со глад и нехумани услови, бодликави жици, војска и солзавец. Додека Македонија е на сите светски насловни страници и на сите светски вести, македонските власти се комплетно нетранспарентни за својата стратегија и намери, а политичките партии целосно го игнорираат прашањето на бегласката криза. И власта, и опозицијата се однесуваат како статисти во оваа трагедија во која Македонија е длабоко вовлечена и тоа е недопустливо.
 
Македонската јавност мора да биде информирана, а Европската унија и особено земјите членки заговорнички на ѕидови и логори мора да бидат повикани на одговорност!
 
Како што времето затоплува, се очекува зголемување на бројот на бегалци во Грција, и само прашање на ден е кога ситуацијата ќе се влоши уште повеќе. Се работи за животите на илјадници луѓе, но и за тоа какво општество сакаме да изградиме.