Што да се каже за Македонија, а да не звучи премногу песимистички? Во 2014, Македонија е меѓу најсиромашните земји во Европа, но со највисока класна раслоеност; таа во сите меѓународни листи котира како неслободна земја со хибриден, про-авторитарен режим; а згора на тоа е земја во која политичките елити ја користат етно-културната хетерогеност за стимулирање етно-националистичка мобилизација.

Во 2014, култот кон Античка Македонија го достигнува својот зенит, а политиката на менување на историските симболи на државата продолжува со предлогот за нов грб, кој има сомнителен историски контекст; меѓуетничките тензии ескалираат на секои неколку месеци; а општествениот дискурс се клерикализира, притоа длабоко задирајќи во правата на жената. На надворешен план, Македонија е или скарана или во пасивно-агресивна заедничка врска со соседните земји, и има проблем со формулирање на својот светоглед кон светот и одбирање, и придржување кон стратешките определби. На само 2 милиони жители (а прашање е дали и толку жители останаа во Македонија по масовните иселувања), во ситуација на сеопшта деморализираност, разочараност и култура на „аморален фамилизам“ (каде што политички приоритет е материјалниот интерес на поединецот и неговото семејство, па макар и по цена на јавното добро), општественото ткиво е во фаза на се’ поголема фрагментација.

Во овој текст, накусо ќе ја изложиме нашата анализа за патот на Македонија до дното, и идеите за натамошно делување на младата, но амбициозна левица во земјата.

НЕОЛИБЕРАЛНИ ПОЛИТИКИ, НЕОПРЕБЕНДАЛЕН ПОРЕДОК: АУТОПСИЈА НА ЕДЕН ЕКОНОМСКИ ПУСТОШ

Економската нееднаквоста во Македонија – како и во останатите пост-комунистички земји, има политички корени. Водени од идејата за ефективен слободен пазар, сите македонски влади – вклучително и онаа на ВМРО-ДПМНЕ која е на власт од 2006 наваму, промовираат религиозен неолиберализам, кој пак служи за маскирање на неопребендално владеење одбележано со исцицување на капитал од општеството и негово прераспределување по линија на политичка припадност. Во исто време ова е период на вртоглаво продлабочување на економската нееднаквост во Македонија; како што економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ посочува, од 2006 наваму половина од економскиот раст отишол во рацете на македонските „1%“.

Една од главните карактеристики за владеењето на Груевски е дискурсот на економски развој рефлектиран во растот на БДП, кој пред се’ би се темелел на директни странски инвестиции. Впрочем, во двата наврати во кои ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт (во 1998, во коалиција со Демократската Алтернатива на Тупурковски), како и во 2006, тие ветуваа странски инвестиции кои се бројат во милијарди долари. Во првата епизода, очајната потрага по инвестиции меѓу другото резултираше со целосно незрелото економски мотивирано признавање на Тајван, што повлече уривање на и онака кревката позиција на Македонија на меѓународно ниво, што пак имаше удел во забрзувањето на внатрешна дестабилизација и конфликтот во 2001. Тајванските инвестиции никогаш не пристигнаа. Во меѓувреме, најголемите „инвестиции“ во Македонија всушност се состоеја во купопродажба на клучни јавни претпријатија и заменување на државниот со приватен, странски монопол или олигопол (практика која ја продолжи и СДСМ 2002-2006).

Од 2006 година наваму пак, ВМРО-ДПМНЕ повторно презеде бројни реформи, кампањи за привлекување на странски капитал, како и економска дипломатија во обид да се наговорат компании од странство да инвестираат во Македонија. Претежно се бараат инвестиции во индустриското производство, со значително помал фокус на патната и енергетската инфраструктура (која, патем, и’ е насушно потребна на Македонија). Главната мамка за инвеститорите се специјалните економски зони, во кои важат посебни привилегии и кои на странските компании им овозможуваат релативно брзо и лесно започнување со работа и – брзо и лесно остварување профит. Во меѓувреме се заговара и отворање на слободна финансиска зона и офшор даночен рај во Македонија со цел привлекување странски капитал, па дури и „слободни здравствени зони“ кои ќе служат за развивање на медицински туризам. Вакво нешто постои во Ердогановата Турција: приватни клиники, со врвна опрема и кадар, кои лекуваат исклучиво странски пациенти, по цени кои се релативно поприфатливи отколку во врвните медицински центри во западниот свет, но доволно високи за ова да биде профитабилен бизнис. Ваквата пракса звучи морбидно дистопски, особено ако се земе предвид дека македонското јавно здравство е оставено да пропаѓа и се’ помалку има капацитет да им пружи квалитетни здравствени услуги на обичните граѓани.

Странските инвеститори се покажаа исти како и македонските газди не само во врска со ниските плати и високиот интензитет на работа, туку и во врска со непочитувањето на основните работнички права, гарантирани со Уставот на Македонија, како правото на синдикално организирање и правото на штрајк. Германски „Дрекселмаер“ во Кавадарци отпушти десетици вработени затоа што тие се осмелија да си ги заштитат правата, бесрамно користејќи ги законските норми против користењето на уставно гарантираното право на штрајк.

gruevski_svirachinja

Слика: Свирачиња

Се разбира, не секој вработен во странските компании се соочува со ваква судбина. Раководните позиции во странските компании во Македонија се особено угодни; а за тоа сведочи најбезобразниот пример на вработување на сопругата на министерот за странски инвестиции, Веле Самак, во германската компанија „Маркарт“ во Велес. Министерот ја „привлече“ оваа странска инвестиција, а неговата сопругата доби раководна позиција во неа.

Последниот случај е само еден од многуте симптоми на политичката вкоренетост на економските процеси во државата. Впрочем, неолибералните елементи кои се рефлектирани во политиките на Груевски се само лушпа; срцевината на неговото владеење е користењето на политичката моќ за генерирање на економски профит. Стариот добар начин на конверзија на политичкиот во економски капитал е преку користење на повластената позиција на тесниот круг на политичките елити и нивните блиски или лица од доверба во економскиот сектор. Преку клиентелистички механизми, државните средства се слеваат на приватни сметки – случаите на јавни набавки кои мирисаат на корупција се толку многу што е потребно доста време и простор за да се набројат.

ПРОДОЛЖУВА…